Винисиус се повреди, три недели ќе биде надвор од терените

Реал Мадрид денес соопшти дека е повреден напаѓачот на тимот Винисиус Жуниор.

-По тестовите извршени од медицинските служби на Реал Мадрид, на Винисиус му беше дијагностицирана повреда на бутен мускул на левата нога, се вели во соопштението на „Кралскиот клуб“.

Според пишувањата на медиумите, фудбалерот ќе пропушти три недели. Така, 24-годишниот фудбалер нема да може да игра на 27 ноември против Ливерпул во Лигата на шампионите.

Вчера Реал го победи Леганес (3:0) на гостински терен во 14. коло од Ла Лига. Винисиус го одигра целиот натпревар и беше творец на една асистенција.

Поделени реакции во јавноста по конгресот на СДСМ

Поделени се реакциите во јавноста околу отчетниот но и коннгресот на СДСМ за избор на новиот Централен одбор.

Според Петар Арсовски крајниот збор ќе го имаат испорачаните резултати, но добро е што СДСМ ќе се реформира, и со изборот на заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска прави обид СДСМ да ја поврати загубената демократска јавност.

За Александар Ристовски со новоизбраните кадри нема простор за оптимизам, ниту резултати на долг рок..

Главчев: Уставните измени со одложено дејство не се тема на разговор

-Јас мислам дека тоа прашање е решено.

За Бугарија прашањето со Македонија е решено, изјави бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во телевизиско гостување прашан за предлогот на македонската влада и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Бугарите да бидат вклучени во Уставот по влезот на земјата во Европската Унија. Главчев додава дека постојат рамки во кои мора да работат сите земји, вклучително и оние од Западен Балкан, а Бугарија направила доволно компромиси со својата национална самодоверба и достоинство.

-Јас мислам дека тоа прашање е решено.

-Вие можеби да, но тие не мислат.

Јас нема како да одговарам на властите во Македонија, за Бугарија прашањето е решено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави-членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор мислам дека доволно компромиси направи Бугарија со своето национално чувство и достоинство за да прави уште,- Димитар Главчев – В.д. Претседател на Владата на Р. Бугарија.

Во меѓувреме, речиси еден месец по изборите во Бугарија се уште траат преговорите за формирање на влада. Од победничката ГЕРБ- СДС се децидни дека нема да се откажат Борисов да биде премиер, а како копромисно решение предлагаат претседателот на Собранието да биде од партијата на Кирил Петков.

„ Од премиер не можеме да отстапиме не за друго, бидејќи она што го правиме за Шенген и еврозоната со нашите колеги, за радост Унгарија претседава со ЕУ, колегата Орбан стои зад ветувањата поставени на дневниот ред за Шенгенот, имаме големи шанси. “-Бојко Борисов – ГЕРБ-СДС.

Доколку повторно нема коалициски договор, Бугарија ќе оди на избори по осми пат во четири години.

Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира стабилна влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на Македонија во ЕУ.

Скопје се врати на листата на 10 најзагадени градови во светот

Главниот град Скопје повторно се најде во топ 10 најзагадени градови во светот, според анализата што ја прави сајтот за квалитет на амибиенталниот воздух „Ај кју Ер“.

Ветрот си замина, загадувањето се врати. Главниот град Скопје повторно се најде во топ 10 најзагадени градови во светот, според анализата што ја прави сајтот за квалитет на амибиенталниот воздух „Ај кју Ер“.

За намалување на загаденоста, од пред неколку дена стапија на сила и краткорочните мерки на Министерството за животна средина. Дел од нив подразбираат; контроли на возилата, намалување на употреба на службените автомобили и ослободување од работни обврски за бремени жени, лица над 60 години и лица со здравствени проблеми.

Со цел заштита на животната средина и да се спречи потенцијално загадување, поништена е одлуката за изградба на асфалтна база кај Визбегово, против која дел од жителите протестираа летоска. Ова го соопшти министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој додаде дека утре во Скопје ќе пристигнат првите електрични автобуси.

Единствен начин да се реши проблемот со аерозагадувањето според еко-активистите е секоја година да се инвестира во тоа, а не да се замачкуваат очите на граѓаните во предизборието.

Една од долгорочните мерки за решавање на загадувањето е изградба на когенеративни централни. Премиерот Мицкоски неодамна објави дека Владата е во потрага по партнери за изградба на вакви централни, кои ќе произведуваат електрична енеергија и гас.

притисни ентер