ВРЕДИ: За ДУИ нема дно кое може да го пробие

Коалицијата ВРЕДИ сочувствува со болката на семејството за нивната огромна загуба. Загубата на детски живот нѐ погодува сите и овој случај не смее да биде цел на политички злоупотреби.

Но ДУИ, како и секогаш, покажува дека нема дно кое може да го пробие кога станува збор за лични политички интереси. Прават равенство меѓу нивните коцкарски дилови и загубата на детски живот. Срам и арам да им е!

Подготвени се да ги ставaт рацете дури и во најдлабоките рани на народот за да си ја остварат својата игра.

Целата јавност добро знае како ДУИ лошо се справи со пандемијата на КОВИД-19, оставајќи трагичен биланс на илјадници изгубени животи. Ова беше врвот на нивната корупција и неспособност, кога секој ден гледавме како здравствениот систем се уништува на штета на граѓаните. Кога беше време да застанат зад здравството, ДУИ се скрија зад своите афери и корупциски шеми, покажувајќи дека за нив власта е поважна од животот на народот.

И денес, додека блиските на жртвите од Ласкарци бараат правда, нивниот случај намерно се влече низ судските лавиринти. ДУИ не сака вистината да излезе на виделина бидејќи тоа уште еднаш ќе ја открие нивната корумпирана и неодговорна страна. Наместо да побараат прошка за своите неуспеси, тие продолжуваат да копаат по сопствениот бунар на манипулации.

Коалицијата ВРЕДИ нема да остане со скрстени раце додека ДУИ ја злоупотребува болката и трагедијата на граѓаните за свои политички игри.

За нас, приоритет се граѓаните, нивната благосостојба и правдата – а не власта по секоја цена!

ВРЕДИ

НАТО: Распоредување трупи на Северна Кореја е опасна експанзија во војната во Украина

Членките на НАТО денеска објавија дека распоредувањето на севернокорејските трупи е „опасно проширување“ на поддршката на таа земја во војната на Русија против Украина.

Во заедничката изјава, 32-те земји-членки на воената алијанса предупредија дека „продлабочувањето на воената соработка“ меѓу Русија и Северна Кореја „длабоко влијае на евроатлантската безбедност, со импликации и за Индо-Пацификот“, објави Ројтерс.

Сооопштението на НАТО беше поддржано и од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кон крајот на октомври изјави дека севернокорејски војници биле испратени во Русија и дека севернокорејските воени единици биле распоредени во областа Курск.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вчера по средбата со Рута изјави дека „е потребен поодлучен одговор од западните земји на новата улога на Северна Кореја во војната меѓу Русија и Украина“.

Google развива систем што ќе преземе контрола врз автомобилот, доколку сте лош возач

Google неодамна поднесе патент за систем кој може да ги препознае „лошите“ возачи и да преземе мерки врз основа на нивното однесување зад воланот.

Оваа технологија би следела различни параметри за возење, како што се брзината, забрзувањето, свиоците и ненадејното сопирање, за да процени колку е безбеден возачот. Развиен како дел од проектот Waymo, патентот опишува софтвер способен да ги анализира податоците за возењето, да идентификува „неправилно“ однесување и евентуално да преземе конкретни мерки, објави Авто Клуб.

Врз основа на овие податоци, системот може да го предупреди возачот за опасни дејствија, како што е ненадејно менување лента без трепкач, па дури и да испрати предупредување до возилата во близина да обрнат внимание на возачот за кој системот смета дека вози небезбедно. Во екстремни случаи, системот може да ја преземе контролата над возилото одреден временски период, што покренува сериозни прашања за приватноста и контролата на возењето.

Патентот предвидува помалку радикални мерки, како што се визуелни и звучни предупредувања кои го потсетуваат возачот да вози повнимателно. Друг интересен аспект на овој систем е тоа што може да го „научи“ специфичниот стил на возење на секој поединец и да го користи како основа за препознавање необично однесување. На пример, ако системот забележи дека возилото често скршнува или „лута“ по лентата, без стандардни предупредувања за напуштање лента, може да го предупреди возачот за потенцијална опасност.

Додека патентите често се само начин да се заштити идејата и не мора да значи знак дека некој производ доаѓа наскоро, концептот покренува голем број прашања за иднината на возењето. Технологијата што ќе им овозможи на автомобилите да проценуваат за безбедноста на возачот и да преземаат одредени активности, во далечна иднина би можела да го промени односот помеѓу возачот и автомобилот. Можеби еден ден автомобилите ќе ги „поправат“ возачите кога ќе влезат во остри кривини побрзо отколку што треба, додека возачите може да сметаат дека таквото однесување е сосема нормално и неопходно за безбедноста на патиштата.

Олаф Шолц е подготвен да разговара за нов датум на предвремените избори

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска посочи дека е подготвен за разговори за датумот на предвремените парламентарни избори, по распадот на владејачката коалиција.

„Во средата нагласив дека сакам што поскоро да побарам нови избори во Германија. А за датумот мораме да разговараме на мир“, рече Шолц на маргините на неформалниот самит на лидерите на Европската унија во Будимпешта.

Тој рече дека би било добро пратеничките групи во Бундестагот да се договорат кои закони би можеле да се донесат пред изборите.

„Овој договор потоа може да даде одговор на прашањето кога е вистинското време да се побара од Бундестагот гласање за доверба на владата - исто така во однос на евентуалниот нов датум за избори“, рече Шолц, пренесува Билд.

Шолц оваа недела го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер, а потоа предложи гласање за доверба на владата во јануари, што ќе го отвори патот за предвремени избори во март.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер вчера изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на „семафорската коалиција“ од три партии, предупредувајќи ги сите партии дека треба да се однесуваат одговорно.

Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби гласање за доверба.

притисни ентер