Google развива систем што ќе преземе контрола врз автомобилот, доколку сте лош возач

Google неодамна поднесе патент за систем кој може да ги препознае „лошите“ возачи и да преземе мерки врз основа на нивното однесување зад воланот.

Оваа технологија би следела различни параметри за возење, како што се брзината, забрзувањето, свиоците и ненадејното сопирање, за да процени колку е безбеден возачот. Развиен како дел од проектот Waymo, патентот опишува софтвер способен да ги анализира податоците за возењето, да идентификува „неправилно“ однесување и евентуално да преземе конкретни мерки, објави Авто Клуб.

Врз основа на овие податоци, системот може да го предупреди возачот за опасни дејствија, како што е ненадејно менување лента без трепкач, па дури и да испрати предупредување до возилата во близина да обрнат внимание на возачот за кој системот смета дека вози небезбедно. Во екстремни случаи, системот може да ја преземе контролата над возилото одреден временски период, што покренува сериозни прашања за приватноста и контролата на возењето.

Патентот предвидува помалку радикални мерки, како што се визуелни и звучни предупредувања кои го потсетуваат возачот да вози повнимателно. Друг интересен аспект на овој систем е тоа што може да го „научи“ специфичниот стил на возење на секој поединец и да го користи како основа за препознавање необично однесување. На пример, ако системот забележи дека возилото често скршнува или „лута“ по лентата, без стандардни предупредувања за напуштање лента, може да го предупреди возачот за потенцијална опасност.

Додека патентите често се само начин да се заштити идејата и не мора да значи знак дека некој производ доаѓа наскоро, концептот покренува голем број прашања за иднината на возењето. Технологијата што ќе им овозможи на автомобилите да проценуваат за безбедноста на возачот и да преземаат одредени активности, во далечна иднина би можела да го промени односот помеѓу возачот и автомобилот. Можеби еден ден автомобилите ќе ги „поправат“ возачите кога ќе влезат во остри кривини побрзо отколку што треба, додека возачите може да сметаат дека таквото однесување е сосема нормално и неопходно за безбедноста на патиштата.

Двајца шведски тинејџери се обвинети за тероризам во Данска, на удар била изралеската амбасада

Шведските тинејџери кои биле уапсени во врска со минатомесечните експлозии во близина на израелската амбасада во Копенхаген денеска се обвинети за тероризам, јавија данските медиуми.

Во прелиминарното обвинение против двајцата шведски тинејџери, на возраст од 17 и 19 години, се наведува дека тие имале намера да убијат луѓе во или околу израелската амбасада, јави данската телевизија ДР, пренесе АП.

Тинејџерите беа уапсени на почетокот на октомври, откако две рачни бомби беа фрлени во близина на израелската амбасада.

Повредени немало, а во експлозијата која се случила на околу 100 метри од дипломатското претставништво, оштетени се терасите од зграда.

Шведските тинејџери, кои се изјаснија за невини, беа уапсени под прелиминарно обвинение за недозволено поседување оружје и се задржани во притвор.

Тие биле приведени во возот на централната станица во Копенхаген.

Данските и шведските власти претходно соопштија дека забележале организирани криминални групи кои регрутираат шведски тинејџери за да извршат злосторства во Данска.

Тинејџерите се контактираат преку социјалните мрежи затоа што не се соочуваат со истата полициска контрола како возрасните и често се заштитени од кривично гонење.

Шведскиот суд денеска осуди тинејџер (16) од таа земја на една година малолетнички затвор, бидејќи планирал да изврши убиство во Данска.

Прекинато е судењето на Трамп, нема да биде кривично гонет

Федерална судијка денеска го одобри барањето на специјалниот обвинител Џек Смит за суспендирање на роковите во случајот за мешање во изборите против Доналд Трамп.

Тоа е веројатно првиот чекор за ставање крај на гонењето на новоизбраниот претседател на САД, кој е првиот осуден криминалец кој победил на изборите, објави CNN.

Смит во предлогот за поништување на судењето рече дека поради изборите, владата „бара судот да ги ослободи преостанатите датуми во распоредот за претходна постапка за да ѝ дозволи на владата време да ја процени оваа невидена околност“.

Судијката на Окружниот суд на САД, Тања Чуткан, го прифати барањето и ги откажа сите преостанати датуми на распоредот на предистражната постапка, покажуваат документите од судот, објавија медиумите.

Смит претходно разговараше со претставници на Министерството за правда за тоа како да се затворат два федерални кривични случаи против Трамп.

Ако Трамп губеше од Харис, тој ќе се соочеше со можност за затворска казна.

Министерството за правда на САД има долготрајна политика дека актуелниот претседател не може да биде кривично гонет, така што победата на Трамп веројатно значи дека тој нема да се соочи со правни последици во кривичните случаи во кои е обвинет.

Јутјубер загина во сообраќајка: Се превртел со автомобилот и излетал на патот

Андре Бидл, познат како 1Stockf30, загинал во вторникот кога неговиот автомобил удрил во друг и се превртел на автопат недалеку од аеродромот ЏФК.

Бидл (25) од Бронкс возел „со голема брзина“ кога изгубил контрола над возилото, излетал од патот и испаднал од возилото, изјавиле за Daily Mail од њујоршката полиција.

Испаднал од возилото и неговото тело било пронајдено покрај патот. Тој бил пренесен во блиската болница, но лекарите не можеле да му помогнат.

Сопатник во возилото на Бидл, 21-годишен маж, се здобил со повреди, но преживеал.

Возачот на Акура не бил повреден во инцидентот. Несреќата се уште е под истрага, но сведоците тврдат дека се случила за време на улична трка, пренесува The Mirror.

Вечерва во парк во Бронкс ќе се одржи меморијално пуштање на балон во чест на Бидл.

Бидл објави 20-минутно видео на својот канал на Јутјуб, на кое се гледа како работи на своето виолетово БМВ со пријателите само неколку часа пред трагичната несреќа.

притисни ентер