Во текот на викендот се подигнати 65 кубни метри одложен отпад

Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани приближно 65 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Гази Баба и Кисела Вода. 

-Повторно е интервенирано на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што се подигнати 20 кубни метри претежно мешан комунален отпад одложен на јавна површина на аголот со улицата Максут Садик, во непосредна близина на детското игралиште, информираат од јавното претпријатие.

Во општината Чаир се отстранети и 15 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад на неколку локации во населбата Топаана, како и на булеварот Македонско-косовска бригада.

Екипите на Претпријатието во текот на викендот подигнаа и 10 кубни метри отпад одложен долж булеварот Александар Македонски.

Воедно, расчистени се и приближно 20 кубни метри кабаст и отпад од картонски пакувања одложени на јавни површини на улиците Димо Хаџи Димов и Невена Георгиевска-Дуња во скопската општина Кисела Вода.

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Дизел горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат од половина до еден денар по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). 

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 отсто.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за половина денар и ќе изнесува 71 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за еден денар и ќе изнесува 70,5 денари за литар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 и понатаму останува 76,5, а ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе продолжи да се продава за 79 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,058 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,823 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 0,841 отсто и кај мазутот за 0,485 отсто, додека кај дизелот има зголемување за 1,628 отсто, а кај Екстра лесното масло за 1,794 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е повисок за 0,5411 отсто.

УЈП: Уште два дена за поднесување на ДДВ - 04 пријавите

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ - 04 пријави, дека рокот истекува во среда, на 25 декември 2024 година.

До денеска, според УЈП, од вкупно 7 397 очекувани ДДВ - 04 пријави, поднесени се само 1 831 што е само 24,75 отсто од вкупниот број.

Остануваат уште 5 566 ДДВ - 04 пријави кои треба да се поднесат во преостанатите два дена. Според податоците, најголем процент на поднесени ДДВ - 04 пријави е забележан во РД Тетово, додека најмалиот процент се забележува во РД Битола.

-Не го одложувајте процесот. Поднесете ги вашите ДДВ - 04 пријави навреме и избегнете непотребен стрес или санкции. Покажете одговорност и усогласеност во вашето деловно работење и бидете пример за одговорни даночни обврзници. Уште денеска поднесете ги сите потребни документи до вашите сметководители со цел навремено изготвување на ДДВ – 04 пријавите и доставување во рокот, апелира УЈП.

Доделени наградите за најуспешни спортисти и тренери на Град Скопје за 2024 година

На свечена церемонија денес беа доделени наградите за најуспешните спортистки, спортисти и тренери на Град Скопје за 2024 година.

Во категоријата најуспешни спортисти во младинска категорија, победи кикбоксерот Силвио Мировски пред каратистите Стефан Стојановиќ и Витомир Трајковски.

Во сениорска категорија, првата награда му припадна на Бобан Илиоски (кик бокс), втор е атлетичарот Дарио Ивановски, додека трет е шахистот Тони Лазов.

Во категоријата најуспешен тренер признанието го доби Дејан Митровски од Кикбокс клубот Шампион, додека во категоријата Лица со попреченост, наградата ја освои Стоилко Стоицев – Планинарски спорт за искачување на врвови над 6.000 метри.

За категориите најуспешен спортист-странец и најдобра екипа, поради недостаток на високи резултати од странски спортисти кои настапуваат за скопски клубови, како и недостаток на врвни резултати на спортски клубови во овие категории, не беа доделени награди.

На добитниците им беше доделена и парична награда со вкупен фонд од 150.000 денари, како признание за нивните достигнувања и успешни резултати во текот на годината.

притисни ентер