По повод трагедијата во Цетиње, кога на 1 јануари во крвавиот напад на 45-годишен напаѓач загинаа 12 лица, премиерот на Црна Гора свика вонредна седница на Советот за национална безбедност.
Според соопштението, советот се фокусирал на клучните предизвици во откривањето и одземањето на нелегалното оружје и предложил низа мерки насочени кон борба против криминалот и заштита на граѓаните.
„Ова беше најтешкиот Совет за национална безбедност поради темата и проблемите што нè снајдоа. Мислам дека е првенствено важно да се обединиме како народ во вакви ситуации“, рече Спајиќ.
Посочувајќи дека злосторството во Цетиње го извршил „медицински феномен, човек со психијатриски проблеми“, Спајиќ рече дека овој случај нема врска со верски или национални елементи.
Тој ги пофали црногорските медиуми, здравствените институции и полицијата за нивниот професионален одговор.
„По анализата на ситуацијата имавме неколку заклучоци што треба да се направи во наредниот период“, рече Спајиќ и додаде дека тоа пред сѐ се однесува на поседувањето оружје во Црна Гора.
„Секој кој поседува пиштол ќе мора да помине низ најригорозните проверки во Европа за да го задржи својот пиштол. Тоа важи и за сите ловечки друштва, кои мора да ги обноват лиценците“.
Тој додаде дека смета дека треба да се затворат сите приватни стрелачки спортски клубови. „Што се однесува до нелегалното оружје, веќе имаме кампања „Почитувај го животот – врати го оружјето“. Но, доколку не го предадат нелегалното оружје во рок од два месеца, најстрого ќе бидат казнети“, истакна Спајиќ.
Тој рече дека по тој рок треба да стапи во сила нов Закон за оружје, според кој секое недозволено носење или поседување оружје ќе се казнува со највисоки казни.
„Нема да има милост за тие луѓе“, рече Спајиќ.
Тој рече дека за една и пол година повеќе од илјада лица од полициските сили се пензионирани и додаде дека по итна постапка ќе примат 200 полицајци, а потоа ќе продолжат да работат на решавање на проблемот со недостатокот на полициски службеници.
Тој нагласи дека црногорската полиција има недостиг од работна сила, односно недоволен број на оперативни полицајци на терен и дека тоа мора да се промени.
Најави и измени на законот за да се овозможи враќање на веќе пензионираните полицајци.
„Секогаш треба да имаме еден вод специјалци, кој се планира преку систематизација, а кој постојано би бил достапен и со хеликоптер ќе пристигнува на местото на настанот низ цела Црна Гора“, рече Спајиќ.
Да потсетиме, Ацо Мартиновиќ на 1 јануари попладнето во Цетиње застрела и уби 12 лица, меѓу кои две деца, при што тешко рани четири лица. По неколкучасовното бегство, Мартиновиќ се самоуби. По повод трагедијата во Цетиње, Владата на Црна Гора прогласи денови на жалост на 2, 3 и 4 јануари.