Во Прилеп денеска е ден на жалост

Денешниот ден, петок 4 октомври е ден на жалост во Прилеп поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера изутрината загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. 

Во несреќата загинаа: радиологот примариус д-р Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и Фанче Јованоска, радиолошки технолог.

Советот на општина Прилеп одлуката ја донесе синоќа на вонредна седница.

Денеска знамињата во Општината се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложуваат за наредниот ден.

-Прилеп и Македонија загубија врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе, посветени и одговорни граѓани, кои спасувале илјадници човечки животи и помагале на многу луѓе со својата специјалност, но ги загубија животите, патувајќи токму, на своите работни места во Битола за да им помогнат на други луѓе. Прилеп вечно ќе се сеќава на прим. д-р Александар Ристески, спец. радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска радиолошкиот технолог, кои ќе бидат вечна наша тага и непребол, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески по донесувањето на одлуката на Советот за денешниот ден, петок, 4 октомври, да биде ден на жалост во Прилеп.

Литванија го ратификуваше договорот за распоредување на 5.000 германски војници во земјата

Литванија вчера го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржаа планот, јави ДПА.

Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.

Како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа по руската инвазија на Украина, Германија одлучи трајно да ја распореди својата борбена бригада во Литванија, која треба да биде подготвена до 2027 година. Планот предвидува распоредување до 5.000 германски војници во земјата, од кои 80 отсто ќе бидат сместени во воената база во Руднинкаи, а останатите во јужниот литвански град Рукла.

Германска командна единица од околу 20 војници дојде во Литванија уште на 8 април, а уште 120 се очекува да пристигнат на почетокот на октомври.

Литванските пратеници почнаа да расправаат за планот минатата недела, откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус се обрати во Парламентот. Литванскиот министер за национална одбрана Лауринас Кашунас го поздрави чекорот како „уште еден камен-темелник на стратешкото партнерство“ со Германија.

Германските пратеници исто така мора да го ратификуваат договорот, иако сè уште не е одреден датум. За време на неговата неодамнешна посета на Литванија, Писториус рече дека очекува процесот на ратификација да биде завршен следната година.

Пандов: Еден затвореник државата ја 10 илјади евра годишно

Еден затвореник државата ја 10 илјади евра годишно, мора да се растеретат казнено поправните установи.

Македонските затвори се преполни, вкупно има 2400 затвореници , а уште приближно толку треба да влезат во затворите алармираше утринава директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов.

Тој посочи дека еден затвореник државата ја чини 2000 денари дневно или околу 10 илјади евра годишно.

Затоа според него има неколку начини да се растеретат казнено поправните установи а тоа е преку условен прекин на казната, електричен надзор и подобра ресоцијализација на затворениците затоа што 60 проценти се повратници.

Синдикатот на кулурата бара исплата на августовските плати на вработените во „Охридско лето“

Синдикатот на културата бара од ресорното Министерство веднаш да ги исплати платите за август за вработените во Националната установа „Охридско лето“.

Според соопштението од Синдикатот, вработените во „Охридско лето“ се уште не ја примиле платата за август, иако овластеното лице на установата навреме и уредно доставило барање за одобрување средства за плати за односниот месец.

Платите не се исплатено поради забелешки од Министерството за култура и туризам за наводни неправилности во доставеното барање за платите, за кои Синдикатот смета дека се паушални и непоткрепени со што се прави огромна штета на вработените во НУ „Охридско лето“.

Од Синдикатот посочуваат дека раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон.

„Посочената одредба јасно упатува на заклучок дека раководното лице на установата Охридско лето Охрид е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон и Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии имаат обврска да го одобрат доставеното барање. Доколку Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии сметаат дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати за месец август 2024 година е незаконито или содржи невистините податоци, истите имаат можност да отпочнат постапка за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, казниво по член 353 од Кривичниот законик, против раководното лице на установата“, се наведува во соопштението од Синдикатот на културата.

Истовремено се повикува министерот за култура и туризам Зоран Љутков да застане против тендециозните влијанија на одредени вработени од Министерството за култура и туризам, за кои од Синдикатот посочуваат дека секогаш кога се работи за права од работен однос, а поврзани со финансиски додатоци како прекувремени саати, работа во недела и празник и слично, наоѓаат начини истите да не им бидат исплатени на вработените во институциите од културата.

Поради тоа, Сидикатот бара уште денеска да биде исплатена платата на вработените во НУ „Охридско лето“, а во спротивно ќе бидат покренати сите можни правни механизми за остварување на правото на плата на вработените во „Охридско лето“.

притисни ентер