Синдикатот на кулурата бара исплата на августовските плати на вработените во „Охридско лето“

Синдикатот на културата бара од ресорното Министерство веднаш да ги исплати платите за август за вработените во Националната установа „Охридско лето“.

Според соопштението од Синдикатот, вработените во „Охридско лето“ се уште не ја примиле платата за август, иако овластеното лице на установата навреме и уредно доставило барање за одобрување средства за плати за односниот месец.

Платите не се исплатено поради забелешки од Министерството за култура и туризам за наводни неправилности во доставеното барање за платите, за кои Синдикатот смета дека се паушални и непоткрепени со што се прави огромна штета на вработените во НУ „Охридско лето“.

Од Синдикатот посочуваат дека раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон.

„Посочената одредба јасно упатува на заклучок дека раководното лице на установата Охридско лето Охрид е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон и Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии имаат обврска да го одобрат доставеното барање. Доколку Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии сметаат дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати за месец август 2024 година е незаконито или содржи невистините податоци, истите имаат можност да отпочнат постапка за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, казниво по член 353 од Кривичниот законик, против раководното лице на установата“, се наведува во соопштението од Синдикатот на културата.

Истовремено се повикува министерот за култура и туризам Зоран Љутков да застане против тендециозните влијанија на одредени вработени од Министерството за култура и туризам, за кои од Синдикатот посочуваат дека секогаш кога се работи за права од работен однос, а поврзани со финансиски додатоци како прекувремени саати, работа во недела и празник и слично, наоѓаат начини истите да не им бидат исплатени на вработените во институциите од културата.

Поради тоа, Сидикатот бара уште денеска да биде исплатена платата на вработените во НУ „Охридско лето“, а во спротивно ќе бидат покренати сите можни правни механизми за остварување на правото на плата на вработените во „Охридско лето“.

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 загинати

Два брода со мигранти се превртеа во Индискиот Океан кај Мадагаскар, а бројот на жртви се зголеми на 25, соопштија денеска локалните власти.

Вкупно 48 луѓе беа спасени од водите во близина на северниот дел на Мадагаскар, а официјални лица велат дека мигрантите биле на море речиси еден месец со надеж дека ќе стигнат до француската територија Мајот.

На 2 ноември чамците ја напуштиле плажата во близина на главниот град на Сомалија, Могадишу, со 73 луѓе. Мајот е на околу 1.600 километри од Могадишу.

Не е јасно што го предизвикало превртувањето на чамците, а истрагата е во тек.

Министерството за надворешни работи на Мадагаскар побара помош од Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на ОН.

Секоја година, многу млади Сомалијци тргнуваат на опасни патувања во потрага по подобар живот во странство./МИА

Боу Саб: Нема сериозни пречки за почеток на примирјето во Либан

Заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елијас Боу Саб денеска изјави дека „нема сериозни пречки“ за да започне спроведувањето на американскиот предлог за 60-дневно примирје за прекин на борбите меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Тој рече дека едно од преостанатите прашања е кој ќе го надгледува прекинот на огнот.

Договорено е да се формира комисија составена од пет земји, што значи дека овој тим ќе биде одговорен за следење и надзор на прекинот на огнот, а со комисијата ќе претседаваат САД.

Либански и западни претставници изјавија дека САД ги информирале либанските власти дека прекинот на огнот може да биде објавен „во следните неколку часа“. /МИА

Андоновски учесник на Глобална Сајбер конфереција во Цирих

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, од утре во Цирих на Глобалната Сајбер Конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, од утре ќе учествува на Глобалната Сајбер Конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, кој се одржува во Цирих, Швајцарија. Министерот Андоновски ќе биде еден од клучните говорници на церемонијата на отворање на Самитот, каде ќе одржи говор на тема „Дигитална трансформација и патот до сајбер отпорност“.

Во Агендата на министерот, ќе биде неговото обраќање на панел-дискусијата: „Како да се соработува во сајбер просторот: предизвици и можности“, каде што ќе ги сподели своите видувања на оваа тема. Учеството на Самитот, министерот Андоновски ќе го искористи и за билатерални средби со колеги министри и претставници на меѓународни организации и компании кои имаат влијание во секторот за дигитална трансформација. Преку овие средби ќе се поттикнат дискусии и иницијативи за зајакнување на регионалната и глобалната соработка во сајбер безбедноста и дигиталниот развој.

Глобалната Сајбер Конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, претставува платформа за размена на идеи и знаења со фокус на тоа како засегнатите страни можат заеднички да ги надминат предизвиците и да изградат побезбеден дигитален екосистем. Конференцијата ќе разгледува успешни примери на меѓународна соработка, иновативни пристапи за надминување на јазовите меѓу земјите и организациите, и стратегии за зајакнување на меѓусебната доверба.

притисни ентер