Во мај следната година ќе биде пуштена во употреба првата половина од автопатот Кичево-Охрид

Остануваат да се реализираат уште 10-тина километри. Имаме јасен план како тоа да се реализира преку Јавното претпријатие за државни патишта. 

Има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид, секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун, да биде пуштена во употреба до мај следната година, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Посочи дека до крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата, ќе биде целосно пуштен во употреба овој автопат.

-Наследивме катаклизмична состојба со инфраструктурните проекти. Конечно оние два фамозни километри од автопатот кон Блаце се завршени и наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Остануваат да се реализираат уште 10-тина километри. Имаме јасен план како тоа да се реализира преку Јавното претпријатие за државни патишта. Тој проект наскоро ќе почне со реализација, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата по повод 100 дена од работењето на новата влада.

Нагласи дека познати имиња кои се блиски на ДУИ се наоѓаат на трасата на овие 10 километри од автопатот.

-Но, тоа е што е. Предизвици има и ќе ги решаваме. Од онаа катаклизмична состојба што ја наследивме се случуваат големи поместувања. Оставена е страшна состојба и со проектите поврзани со коридорите 8 и 10д за кои освен авансот од 300 милиони евра буквално немаше никаков прогрес. Немаше ниту еден отсто прогрес направен од европејциве и про-западниве на кои од европското изгледа само еврото им било важно, потенцира Мицкоски.

Најави дека завршува градбата на експресниот пат Чатал-Длабочица-Крива Паланка кој е дел од коридорот 8 што треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Девебаир со Бугарија. Привршуваат, како што кажа, и работите на експресниот пат Градско-Росоман-Фариш и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.

Бактерија во колачиња „бомбици“ причина за труењето на 140 деца во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“

Токсини од бактеријата стафилокока е причина за труењето на 140 деца во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје, потврдија резулатите од Институтот за јавно здравје. 

По направената контрола на надворешната фирма која доставувала храна било потврдено дека и површината во кујната била со ниска хигиена.

„Во бомбиците слатки што се служеле за ужинка била потврдена бактерија стафилокока, на дел од работните површини во кујната исто е потврдена нехигиена. Брисевите од дланките носот и уста биле негативни“, изјави Д-р Марија Андоновска директор на Институт за јавно здравје.

140 деца со знаци на труење пријавиле болка во стомакот, повраќање и дијареа. Во петокот веднаш било алармирано училиштето. Од државниот санитарен и здравствен инспекторат потврдија дека фирмата доставувач на храна ќе биде затворена се додека не се исполнат хигиенските услови и не се добие негативен брис од причинителот за труењето. Според извори на училишето децата појадуваат дома и се до 12.30 на часови а за ужинка носат само овошје.

Филипче: СДСМ се консолидира како силна опозиција

 СДСМ забрзано се консолидира после последните избори, имаме предизвици, но немаме дилеми за правецот во кој што се движи партијата, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Во своето обраќање, Филипче посочи дека СДСМ ќе биде конструктивна опозиција и ќе ги поддржи политиките кои се во интерес на граѓаните.

„СДСМ е единствената кредибилна и силна опозиција на актуелната власт. СДСМ имаше грешки во минатото. Ние сме свесни за нив, отворено зборуваме за нив и се трудиме да учиме од нив. Но, СДСМ никогаш не направи грешка во однос на стратешките интереси на оваа држава како што е тоа случај со актуелната власт. СДСМ е подготвенa директно да се соочи со изневерените очекувања, изговорите и разочарувањата од власта после првите 100 дена од нивното владеење. СДСМ директно и без калкулации и со сите демократски методи кои ни се на располагање ќе се спротивстави на сите погрешни политики “, рече Филипче.

На прес-конфренцијата, Филипче нагласи дека за СДСМ политиките за евроинтеграација, повисоки плати, пензии, социјална заштита и добрите меѓуетнички одоси остануваат столб на дејствување на партијата.

„Нема да дозволиме Мицкоски да ја претвори Македонија од држава во првата лига на држави кои напредуваат кон ЕУ во тажна и изолирана периферија на Европа. Нема да дозволиме системот на постојан раст на минималната плата, на просечната плата и на пензиите да се претвори во политика на продуцирање на нова сиромаштија, нов бран на иселување и на евтина работна сила. Нема да дозволиме она што го направивме како систем за раст на платите и пензиите да се претвори во политичка алатка на Мицкоски за уценување на работниците и пензионерите“, рече Филипче, и додаде дека СДСМ се залага за Македонија како држава на слободни граѓани, со пријатели во регионот, во Европа и во светот, држава во која ќе се врати довербата во подобра иднина.

Марк Руте официјално ја презеде должноста генерален секретар на НАТО

Драг Марк, те молам да го примиш овој посебен чекан и да те поканам да седнеш на претседавачкото место на Северноатлантскиот совет.

Со предавање на симболот на моќта, во случајот дрвен викиншки чекан, дониран од Исланд далечната 1963 година, Јенс Столтенберг и официјално ја предаде челната функција во НАТО на поранешниот холандски премиер Марк Руте. Столтенберг кој минатата декада беше на чело на Алијансата не штедеше пофалби за неговиот наследник, но му порача и дека пред него се низа на предизвици со кои мора да се соочи, а пред се на војната во Украина.

-Покажа дека не правиш комрпомиси со нашите основни вредности и принципи. Го видовме тоа со твојата лична заложба за нашата транс-атлантска врска и твојата непоколеблива поддршка за Украина. Сега е време да си заминам, а ти да го почнеш твојот мандат како Генерален - Секретар на НАТО,- - Јенс Столтенберг – Поранешен генерален секретар на НАТО .

Руте кој на фунцкијата доаѓа во турбулентен период за глобалната безбедност, на својата прва прес-конференција откако ја презема функцијата ги претстави главните приорити, меѓу нив очекувано е поддршка за Украина, зајакнување на капацитетите и финансирањето на НАТО. Порача дека заканите со кои се соочува Алијансата стануваат се по глобални и токму затоа потребно е да се градат нови сојузи и партнерства со држави кои ги споделуваат истите вредности.

-Имам три приоритети: Да се осигураме дека имаме способности да се заштитиме од каква било закана, поддршка за Украина во борбата против руската агресија и адресирање на растечките глобални предизвици за евроатлантската безбедност. Поддршката за Украина е вистинската работа. А тоа е и инвестиција во нашата сопствена безбедност. Затоа што независна и демократска Украина е од витално значење за мирот и стабилноста во Европа,- - Марк Руте – Генерален секретар на НАТО.

Назначувањето на новиот генерален секретар на НАТО, со внимание го следеше и официјална Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков испрати порака дека Руте е е добро познат на Русија, истакнувајќи дека како премиер на Холандија тој зазел напријателски однос кон нив.

Руте инаку, во наредниот период треба да предложи и негов заменик, а меѓу имињата кои се споменуваа во Брисел е и тоа на поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. Информацијата за тоа ја соопшти реномираниот Политико повикувајќи се на дипломати во НАТО. Според текстот објавен на средината на август, постои генерален консензус меѓу сојузниците дека изборот ќе биде личност од источното крило на НАТО, а во трката покрај Шеќеринска е и доскорешната шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел.

притисни ентер