Во Германија една четвртина од вработените сè уште работат од дома

 Во Германија неколку години по пандемијата со Ковид-19 и понатаму е висок процентот на лица кои работат од дома, соопшти Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Во 2023 година 23,5 отсто од вработените во целост или делумно работеле од дома, што е минимален пад во споредба со минатите години. Пад е регистриран кај лицата што секојдневно работат од дома, се наведува во соопштението.

Најголем процент од оние кои работат од дома е забележан во ИТ секторот, при што речиси 75 проценти од вработените работат од дома целосно или делумно. Сличен висок процент е забележан и во секторите администрација, осигурување и бизнис консалтинг.

Најмал процент е регистриран во здравствениот сектор каде само 6,4 проценти од вработените повремено работеле од дома. Слично низок процент бележи малопродажбата и градежништвото.

Работата од дома најмногу ја користеле помладите вработени од возрасната група од 25 до 44 години.

Германија е на средината на рангирањето во споредба со другите членки на ЕУ. Во рамките на Европска Унија, работата од дома најмногу ја користат Холанѓаните, Швеѓаните и Финците, а најмалку Бугарите, Романците и Грците.

Утре 23.000 членови на СДСМ ќе гласаат за нов лидер - кој ќе го наследи Димитар Ковачевски?

Денеска никој од партиските функционери не сака јавно да коментира за случувањата и очекувањата од утрешните избори.

Револтирана од тоа што и покрај укажувањето на бројни неправилности, не добила никаков одговор кој, како што вели, би ги побил нејзините тврдења за злоупотреби, Славјанка Петровска преку официјално писмо ја известила Централната изборна комисија на СДСМ дека ја повлекува кандидатурата за претседател на СДСМ. Ваквата одлука, во пресрет на утрешните избори Петровска тврди дека ја донела сакајќи да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегне да биде соучесник во погазување на статутот. Таа вчера обвини за злоупотреби на податоците на членството на еден од кандидатите и побара внатрепартиските избори да бидат одложени.

-Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда, вели Петровска.

Денеска никој од партиските функционери не сака јавно да коментира за случувањата и очекувањата од утрешните избори. Нема најави ниту кога ќе продолжи отчетниот конгрес кој беше одложен поради барањето на општинските организации за повеќе време да го разгледаат обемниот извештај за изборните резултати, иако очекувањата беа дека тоа ќе се случи пред да се бира партискиот лидер.

Покрај Петровска, кандидати за лидер на партијата се и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.

За познавачите евидентно е дека кај социјалдемократите владее големо неединство. Според новинарот Зоран Иванов иако можни се изненадувања, сепак очекува главната битка да се води меѓу Филипче и Деспотовски. Не ја исклучува можноста тие да се соочат и во втор круг.

- Ниту розата им цвета, ниту тупаницата е стегната. Евидентно е дека СДСМ е во големо неединство. Нешто повеќе од 20.000 членови што ќе гласаат на толку еминентна и со традиција голема партија, навистина во негативна смисла е изненадување, но сепак тоа е значајна партија која граѓаните ја препознаваат во услови на криза и ја бараат. Не знам што ќе се случува утре на изборите, ова што Славјанка Петровска се повлекува од чинот на гласање и не бара да се гласа за неа, само кажува дека партијата е во уште поголема криза. Очигледно дека струмичкото и скопското крило ќе бидат фаворити. Ќе се води битка меѓу Филипче и Деспотовски. Третиот кандидат не е многу познат во пошироката македонска јавност, можеби не и во пошироките партиски кругови, но можни се секакви изненадувања, вели Иванов.

Утре 23.373 членови кои се пријавиле, ќе имаат можност да гласаат за нов претседател на СДСМ, а гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот. Пред три години, кога за претседател на партијата беше избран Зоран Заев, на непосредното гласање од членството се пријавија 68.999 членови.

За да биде избран нов лидер на партијата потребно ќе биде еден од кандидатите да освои повеќе од половина гласови од тие што ќе излезат на гласање.

Направена корекција на пописот во Албанија, веќе не стои „Северномакедонци“ туку Македонци

Наместо „Северномакедонци“, стои Македонци во графата за националност од пописот.

Според последните информации, по реакцијата на МНР, како и средбата на минстерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот албански колега на форумот во Дубровник, албанската агенција за статистика извршила корекција, па наместо „Северномакедонци, стои Македонци во графата за националност од пописот.

Во Мексико убиен уште еден новинар

 Во Мексико е убиен новинарот Виктор Кулебро Моралес (39), кој беше главен уредник на порталот за вести Realidades со повеќе од 20.000 претплатници на Фејсбук.

Телото на Моралес е пронајдено на пат меѓу градовите Ариага и Хикипилас, на југот на земјата, соопшти Обвинителството.

Покрената е истрага за убиство.

На телото на новинарот имало траги од куршуми и удари, јавуваат локалните медиуми.

Моралес е син на политичар од државата Чиапас.

Од 1994 година, повеќе од 150 новинари се убиени во Мексико, земја зафатена од бран насилство поврзано со организиран криминал./МИА

притисни ентер