ВМРО-ДПМНЕ: ЈО да испита дали Шанси инвест послужила како параван за парите од МЕПСО

 ЈО да испита дали Шанси инвест послужила како параван за парите од МЕПСО да завршат кај функционери на СДС и ДУИ.

Длабоките релации и разработените шеми за извлекување на милионски суми од МЕПСО се многу очигледни. Директор во МЕПСО од редовите на СДС и ДУИ доделил тендер во вредност од 10 милиони евра на фирма која е директно поврзани со него.

Имено, тендерот од МЕПСО за набавка на уред за корекција на напонски профил на албанската компанија „Шанси Инвест“ заедно со Далековод АД Заегреб, им е доделен во период кога раководителот на комерцијалниот сектор на МЕПСО бил Мелаим Адеми.

А, истиот овој Милаим Адеми, своевремено бил и управител на подружницата на Шанси инвест во Скопје.

Ова поврзаност ги отвара сомнежите дека албанската компанија послужила само за испумпување на пари од МЕПСО, каде што требало да заврши разликата од неколку милиони евра од првичниот договор, кој потоа бил изменет и дополнет, со единствена цел зголемување на вредноста на тендерот.

Од тука се поставува прашањето, колку пари од МЕПСО завршиле на сметка на Шанси инвест, која освен штанцање фактури за наплата, пред да ги префрли парите на фирмата производител, која во случајов е Далековод АД Загреб, нема никаква додадена вредност.

Друго, уште посуштинско прашање е во чии џебови и на чии сметки на лица од СДС и ДУИ требале да завршат парите од Шанси инвест од разликата во цените?

Затоа, го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори истражна постапка за оваа јавна набавка на МЕПСО, да ги испита сите индиции и докази и да утврди дали Шанси инвест е параван фирма за наплата на милиони евра од функционерите на СДС и ДУИ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Харис: Коментарите на Трамп за жените се навредливи

Потпретседателката на САД, Камала Харис рече дека коментарот на Доналд Трамп дека ќе ги заштити жените, без разлика дали тоа им се допаѓа или не, покажува дека републиканскиот претседателски кандидат не ги разбира правата на жените.

Потпретседателката на САД, Камала Харис рече дека коментарот на Доналд Трамп дека ќе ги заштити жените, без разлика дали тоа им се допаѓа или не, покажува дека републиканскиот претседателски кандидат не ги разбира правата на жените да „носат одлуки за сопствените животи, вклучително и за сопственото тело“.

„Мислам дека тоа е навредливо за сите, патем“, рече Харис пред да замине да го помине денот во кампања во клучните западни држави Аризона и Невада. Таа се надоврза на тие забелешки на нејзиниот митинг во Феникс:

- Тој едноставно не ја почитува слободата на жените или интелигенцијата на жените да знаат што е во нивен најдобар интерес и соодветно да носат одлуки. Но, ние им веруваме на жените. Коментарите на Трамп доаѓаат додека тој се бори да се поврзе со женските гласачи и додека Харис ги вовлекува жените во двете партии со порака насочена кон слободата. Таа тврди дека жените треба да бидат слободни да донесуваат сопствени одлуки за нивните тела и дека ако Трамп биде избран, ќе следат нови ограничувања додека двете кампањи се тркаат кон претседателските избори во вторник.

Муцунски од Монтреал: Неопходно е да се изградат механизми за безбедно враќање на Украинците

Неопходно е да се изградат механизми за безбедно враќање на украинските цивили и депортираните деца и да се потврдат заеднички вредности на сочувство, солидарност и издржливост.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изминатите два дена учествуваше на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, што се одржа во Монтреал, Канада. Во фокусот на конференцијата беше третманот кон политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца.

Покрај обраќањето на воведната сесија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија говореше на сесијата на тема : „Механизми за безбедно враќање дома на заробените украински цивили и депортираните деца.“

Во говорот пред присутните тој ja нагласи неопходноста од почитување на принципите на безбедност, соработка и, пред сè, човечко достоинство, потенцирајќи ја итната потреба да се обезбедат безбедни, достоинствени и одржливи патишта за враќање на Украинците раселени од конфликтот, притоа нагласувајќи дека одговорот не смее да биде рамнодушен или со двоумење, туку јасна посветеност на акција.

Муцунски додаде и дека со заедничка работа и посветеност може да се изградат механизми кои не само што ќе го олеснат безбедното враќање, туку и ќе ги потврдат нашите заеднички вредности на сочувство, солидарност и издржливост

„Нашето учество и посветеност денеска ќе испратат силна порака за тоа како можеме да работиме заедно не само за заштита на човековите права, туку и за да се осигураме дека секое патување кон безбедност и достоинство е почитувано и олеснето“, додаде Муцунски.

На маргините на конференцијата, министерот Муцунски оствари билатерални средби сo косовската министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, српската министерка за евроинтеграции, Тања Мишевиќ, и потпретседателот на Европскиот парламент, Николае Штефанута. Фокусот на средбите беше ставен на актуелните меѓународни прашања, процесот на евроинтеграција и регионалните теми, вклучително и надворешно-политичките приоритети и состојбите во непосредното опкружување, стои во соопштението од министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

МОН го објави конкурсот за доделување на 3.000 студентски стипендии за академската 2024/2025 г.

Министерството за образование и наука информира дека e објавен конкурсот за доделување на 3.000 студентски стипендии за академската 2024/2025 година. Аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.

Министерството за образование и наука информира дека e објавен конкурсот за доделување на 3.000 студентски стипендии за академската 2024/2025 година. Аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а рокот е заклучно со 15.11.2024 година.

Вкупно 1.470 стипендии се наменети за редовни студенти од социјалните категории. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки, кои постигнале висок успех во текот на студиите, предвидени се 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

По 15 стипендии се наменети за студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности; студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија; студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно.

Предвидени се 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 7,65.

Вкупно 130 стипендии ќе користат студенти запишани на студиски програми по хемија, физика, математика, земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, а 30 стипендии се наменети за студенти кои се запишат во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.

Министерството за образование и наука ги повикува сите студенти да ги разгледаат условите и критериумите наведени во конкурсот и доколку ги исполнуваат за одредена категорија на стипендии, да ги поднесат потребните документи. Дозволено е аплицирање само за една категорија на стипендии.

Министерство за образование и наука

притисни ентер