ВМРО – ДПМНЕ: Безобразно е СДС да бара покачување на платите на наставниците

Срамно е СДС да зборува за покачување на платите на наставниците и да се поставува во улога на нивен заштитник, кога во буџетот не оставија средства за исплата ниту на основните плати до крајот на календарската година. 

Манипулираат со податоци за покачувања на плати, кои патем, инфлацијата што самите ја создадоа, целосно ги анулираше и како и сите други граѓани, така ги доведе и наставниците во исклучително тешка економска положба.

СДС и нивниот коалиционен партнер ДУИ буџетот за образование за 2024 година го потрошија во првите 6 месеци од годината. Новото раководство на министерството наследи буџетски дефицит од 5 милијарди денари. Немаше пари ниту за исплата на основните плати на наставниците, а не пак за нивно покачување. Иако во СДСМ се свесни дека наставниците го знаат ова, немаат проблем да се претставуваат како нивни поддржувачи.

Новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ со ребалансот на буџетот обезбеди средства во износ од 900 милиони денари за да можат наставниците да добиваат плата до крајот на тековната година. Во новиот буџет веќе се предвидени и средства за нивно зголемување следната година.

Освен на подобрувањето на материјалниот статус на наставниците, програмата на Владата предвидува и повеќе можности за кариерен и професионален развој, значително подобрување на условите за работа, како враќање на општествената вредност и почит кон наставничката професија, се наведува во партиската реакција .

Девојка завршила во болница поради фитнес предизвик: Ми експлодираа мускулите (ВИДЕО)

Џесика Џонсон (25) ја завршила првата недела од интензивниот Crossfit тренинг, попознат како Murph Challenge, кој се состои од трчање, влечење, склекови, чучњеви и задоволна се вратила дома.

Откако се вратила од локалната теретана во Чарлстон, Јужна Каролина, се истуширала и отишла да спие, не знаејќи што ја чека следното утро.

Девојката се разбудила со болни и отечени раце, но верувала дека се работи за класично воспаление на мускулите. Се чувствувала како „Хулк“, а кога го изгубила чувството во рацете, се исплашила и отишла во болница.

По прегледот, лекарите дијагностицирале рабдомиолиза, сериозно оштетување на мускулите.

Експертите истакнуваат дека тоа може да биде предизвикано од хемиски, биолошки или физички фактори, како што е интензивниот тренинг за краток временски период.

Лекарите наведуваат дека пациентите со тешки повреди, кај рабдомиолиза и бубрежна инсуфициенција, како нејзините компликации, имаат стапка на смртност од околу 20%.

По четири дена Џесика е пуштена на домашно лекување. Таа објави видео на TikTok, каде објасни што ѝ се случило, пренесува Mirror.

„Бев шокирана, не знаев дека може да се случи такво нешто. Направив 10 серии од пет повлекувања и уморна си отидов дома. Следниот ден, рацете беа многу отечени. Се обидов да се истуширам, но залудно“, објаснила таа.

Откако го изгубила чувството во рацете, контактирала со лекарите.

„И мојата урина беше со друга боја, речиси портокалова. Испив многу вода, но не уринирав“.

Џесика открива дека лекарите најмногу се загрижиле за нејзините внатрешни органи, бидејќи рабдомиолизата вклучува ослободување на штетни материи кои можат да предизвикаат сериозни последици.

„Има луѓе со трајно оштетување на бубрезите кои мораат да одат на дијализа. Во минатото, луѓето умираа од ова. Дефинитивно сум благодарна што не сум меѓу нив“.

Таа целата ситуација ја толкува како „знак за забавување“.

„Кога тоа ќе се случи, мускулните клетки во основа експлодираат. Мускулите пукаат. Затоа би ги советувала луѓето да го слушаат своето тело. После сѐ што поминав, мислам дека тоа е најважно“, заклучи таа.

Новиот претседател на Иран твди дека е подготвен да ги намали тензиите на Блискиот Исток

Иран е подготвен да ги деескалира тензиите со Израел сè додека гледа исто ниво на посветеност од другата страна, рече неодамна избраниот претседател Масуд Пезешкијан.

„Подготвени сме да го оставиме настрана целото наше оружје сè додека Израел е подготвен да го стори истото“, рече Пезешкијан пред почетокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк и продолжи:

„Не сакаме да го дестабилизираме регионот“.

Неговата изјава дојде еден ден откако Израел започна масовни воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан, при што загинаа повеќе од 400 луѓе, според извештаите од Бејрут.

Како што јави агенцијата „Блумберг“, Пезешкијан попладнево да им се обрати на учесниците на Генералното собрание на ОН, а два дена подоцна на истата говорница да се појави и Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел.

Иранскиот претседател коментира дека тензиите меѓу Иран и Израел го достигнуваат врвот откако Техеран го обвини Израел дека стои зад големата експлозија на пејџери и воки-токи во Либан во која загинаа неколку десетици, а беа повредени илјадници луѓе.

Меѓу ранетите е и иранскиот амбасадор во Бејрут, кој изгубил око. Техеран се закани со одмазда за овој напад. Нападот, за кој Израел официјално не ја презеде одговорноста, беше насочен кон членови на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран.

Исламската Република го спонзорира и Хамас, кој се бори против Израел во Газа. Хезболах и Хамас се на американската листа на терористички организации. Во Јемен, бунтовниците Хути, поддржани и од Техеран, од минатата година вршат напади врз трговски бродови во Црвеното Море.

Израел и Хезболах се ангажирани во тековна размена на ракетен оган. Ако ескалира во регионална војна од целосен размер, САД и Иран, кои го гледаат Хезболах како најважна од своите сојузнички милитантни групи на Блискиот Исток, најверојатно ќе бидат вовлечени во конфликт кој се заканува да се претвори во општа војна на Блискиот Исток.

Пезешкијан рече дека Иран сака да види мир, но дека ќе се спротивстави на неправдата против своите сојузници, кои сами донесуваат одлуки за воена акција.

„Не примаат наредби од никого“, рече тој и продолжи:

„Не е како Јеменците да чекаат да им кажеме што да прават или што да не прават. Ако избие војна во регионот, тоа нема да служи на ничии интереси.“

Пезешкијан повтори дека Иран немал претходни сознанија за нападите врз Израел од 7 октомври од страна на Хамас, што ја предизвика војната во Газа. Во тој напад загинаа 1.200 цивили и војници, а беа земени околу 250 заложници.

Следуваше израелска одмазда, во која, според палестинските власти, загинаа повеќе од 41.000 луѓе.

Сметан за реформатор во тесен круг на иранската политичка сцена, Пезешкијан ја изрази својата подготвеност да ги рестартира разговорите за откажаниот нуклеарен договор на Техеран со Западот и ќе инсистира САД да ги укинат економските санкции.

Тој рече дека Иран е подготвен да се врати на првичниот договор и рече дека Техеран продолжува да се движи кон целите утврдени во договорот.

Пезешкијан, кој ја презеде функцијата во јули, откако неговиот тврдокорен претходник загина во хеликоптерска несреќа, исто така негираше дека Иран ѝ дал оружје на Русија за поддршка на нејзината војна против Украина, спротивно на тврдењата на САД.

„Не ја одобруваме руската агресија врз Украина. Не сме им испратиле и нема да им испратиме балистички ракети“.

Австриец слетал од патот и се приземјил во дворот на соседот, 12 пожарникари го извлекувале

Необичен инцидент се случи во австриската провинција Штаерска во неделата на 22 септември.

Надлежните служби биле повикани на акција, бидејќи маж излетал со автомобил од карпа, прелетал камена ограда и завршил во дворот на соседот.

Кога стигнале на местото на настанот, пожарникарите веднаш до базенот виделе оштетен бел автомобил.

Возилото се превртело и за среќа не завршило во водата, јавува oe24.at.

Дванаесет пожарникари го извлекувале автомобилот за подоцна да го подигне шлепер.

Во инцидентот нема повредени, а други детали не се соопштуваат.

притисни ентер