Американката која дојде во орбитата на 8 дена, а поради дефект на леталото Боинг Старлајнер заглави во орбитата најмалку 8 месеци, сега стана шеф на екипажот на вселенската лабораторија.
Рускиот космонаут Олег Кононенко, поранешен командант на МВС, ѝ ја предаде командата на Експедицијата 71 на Вилијамс на церемонија пред неговото враќање на Земјата, пишува Space.com.
- Беше прекрасно време за работа, беше задоволство да се работи и да се поминува време овде, бевме како големо семејство во вселенската станица. Сега го напуштам мојот втор дом, вселенската станица, и ѝ го оставам на Сунита - рече Кононенко, предавајќи ѝ го симболичниот клуч на станицата на Вилијамс.
Таа нему, на Николај Чуба и на Трејси Колдвел-Дајсон им посака безбедно враќање.
- Експедицијата 71 нѐ научи сите за флексибилноста и способноста да се прилагодиме на многу неверојатни работи. Многу работи не одеа според планот, но направивте сè заедно и успеавте. Тоа е извонредно. Многу импресивно. Ги посвои Буч и мене и иако не беше баш планот, станавме дел од семејството. Го цениме тоа – изјави Вилијамс.
Астронаутот и нејзиниот американски колега Бери Буч Вилмор дојдоа на вселенската станица на Боинг Старлајнер во јуни само за 8 дена. Сепак, поради дефекти на леталото, ќе останат во орбитата најмалку до февруари следната година. И двајцата се искусни американски офицери, а потоа и астронаути кои веќе поминале значителен број денови во вселената. Досега Вилијамс поминала вкупно 432 дена во вселената, таа била првата жена која прошетала 7 пати во вселената, а во 2007 година станала првата личност која истрчала маратон во вселената. Вилмор поминал вкупно 289 дена во вселената.