Владејачката партија во Грузија прогласи победа на парламентарните избори

Владејачката партија во Грузија прогласи победа на вчерашните парламентарни избори.

Гласањето беше окарактеризирано од опозицијата како „уставен удар“ и може дополнително да ги наруши надежите на кавкаската земја за членство во ЕУ, наведуваат светските агенции.

Доколку делумните резултати ја потврдат победата на партијата „Грузиски сон“, Грузија би можела да се придвижи кон приближување кон соседна Русија.

Брисел остро ја критикуваше политиката на „Грузиски сон“ и рече дека изборите ќе бидат клучни за шансите на Тбилиси да се приклучи на ЕУ.

Централната изборна комисија синоќа соопшти дека со повеќе од 70 отсто преброени гласови, „Грузиски сон“ води со 53 отсто, а главната опозициска алијанса има 38 отсто.

Тоа значи дека „Грузискиот сон“ ќе има 89 пратеници во 150-члениот Парламент - доволно за владеење, но нема да го има уставното мнозинство што го сакаше за да може да направи големи уставни измени.

Конечните резултати од изборите се очекува да бидат соопштени во текот на денешниот ден.

„Грузиски сон“ обезбеди солидно мнозинство“, рече извршниот секретар на партијата Мамука Мдинарадзе. /МИА

Механизација на „Бехтел – Енка“ ја расчистува комуналната депонија кај Кочани

На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба, што Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.

Градежна механизација на конзорциумот „Бехтел - Енка“ од утрово почна со расчистување и санација на површина од околу 40 илјади квадратни метри на комуналната депонија кај кочанското село Бели, која предизвикува еколошка катастрофа поради горењето на отпадот и испуштањето чад и штетни материи во воздухот.

На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба, што Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.

- Градежните машини работат на чистење на депонијата и порамнување на површината, а потоа ќе биде нанесен слој од земја и на овој дел веќе нема да се исфрла отпад. За да се спречи горењето на органските и други материи, депонирањето ќе се прави само на круната, а околу целата депонија ќе се исчисти теренот од вегетација и отпад заради подобар пристап и поголема прегледност, а истовремено ќе се спречи опасноста од проширување на огнот при евентуални пожари, истакна Ристо Николовски, овластен комунален инспектор во Општина Кочани.

Од комуналното претпријатие „Водовод“, кое стопанисува со депонијата, упатија благодарност до американско-турскиот конзорциум, кој целата акција за расчистување и уредување ја изведува без надоместок. Вработени во претпријатието се распоредени на дежурства на влезот на депонијата заради контролирање на состојбата и спречување неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот.

Иран побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради нападот на Израел

 Техеран синоќа побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради завчерашниот напад на Израел врз Иран, соопшти иранската мисија во Обединетите нации.

„Исламската Република Иран бара од претседателот на Советот за безбедност да свика итен состанок за да разговара за ова сериозно прекршување и незаконски дејствија и да го изведе овој криминален режим пред лицето на правдата“, се вели во писмото на постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Саид Иравани.

Тој го упати писмото до актуелниот претседател на Советот за безбедност на ОН, швајцарскиот претставник Паскал Кристин Берсвил и генералниот секретар Антонио Гутереш.

За време на израелскиот напад врз Иран, кој траеше пет часа, гаѓани биле 20 цели во таа земја, а загинаа четворица војници.

Серија експлозии се слушнале во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври./МИА

Студено утро, преку ден потопло

Утрово по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла. Преку ден, времето се очекува да биде сончево со мала до умерена локална облачност и слаб ветер од јужен правец.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, минималната температура се очекува да биде во интервал од -1 до 7, а максималната да достигне од 19 до 25 степени.

Во Скопје, времето се очекува да биде сончево со мала облачност и со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура да се спушти до 6, а максималната да достигне до 23 степени.

Според најавите, продолжува периодот на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност, освен во среда кога ќе има услови за повремен локален дожд. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла или ниска облачност, а дневната температура да биде без значителни промени.

притисни ентер