Алкалоид уште еднаш подобар од Клаипеда

Ракометарите на Алкалоид по втор пат славеа победа над Драгунас Клаипеда. Попладнево македонскиот тим беше поуспешен во Литванија со 37:31 и со тоа ги потврди убедливите 11 голови предност од првиот меч одигран во Скопје.

На дуелот од 2.коло во квалификациите за Европскиот куп, Алкалоид одлично го почна натпреварот и по само осум минути игра водеше со (2:8). Во три наврати во првото полувреме имаше плус 9, а на полувреме заминаа со водство од четири голови (17:21).

Во 40. минута домаќините се доближија на само два гола разлика (24:26), но македонскиот тим зголеми на интензитет и повторно отиде на пет гола предност (25:30) на 15 минути пред крајот. Следуваше рутинирана завршница и сигурна победа за избраниците на тренерот Кирил Лазаров.

Со седум голови најефикасен во победничкиот тим беше Мартин Серафимов, по шест постигнаа Марко Митев и Арно Бинго.

Ова е прва победа за Алкалоид на гостински терен во евро-куповите./МИА

Возач на автобус во Мексико излетал од патот: Загинале 24 лица

Најмалку 24 лица загинаа во автобуска несреќа во централната мексиканска држава Закатекас, објави гувернерот Дејвид Монреал на социјалните мрежи.

Во несреќата со патнички автобус утринава повредени се уште пет лица, кои се хоспитализирани во блиската болница.

Според локалните власти, до несреќата дошло кога приколката во која имало пченка се одвоила од тракторот кој бил пред автобусот.

Поради тоа возачот на автобусот изгубил контрола, а автобусот излетал од патот и паднал во провалија, пренесува порталот Дибате.

Автобусот превезувал патници од градот Тепиќ, во државата Најарит, до Сиудад Хуарез, во Чивава.

Извор: Б92

Се урна хеликоптер во Киров: Сите се мртви

Четири лица загинаа при пад на хеликоптер Ми-2 кој се обиде да слета во руската област Киров, соопшти денеска руското Министерство за вонредни ситуации.

Несреќата се случила кога хеликоптерот додека се обидувал да слета, паднал во шумата кај селото Беленки, пренесува РИА Новости.

Според Министерството, во леталото имало четири лица.

Кога спасувачките екипи пристигнале на местото на несреќата, ги пронашле телата на три жртви, а нешто подоцна и на четвртата жртва.

Засега не е познато што ја предизвикало хеликоптерската несреќа.

Извор: Б92

Нов рекорд во безжичен пренос на податоци!

Во Обединетото Кралство, моменталната просечна брзина на мрежата 5G е 100 мегабити во секунда (Mbps), а тој рекорд е надминат повеќекратно.

Научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) неодамна постигнаа брзина од 938 гигабити во секунда (Gb/s) во фреквенцискиот спектар од 5 до 150 гигахерци (GHz) со нова технологија за безжичен пренос на податоци.

Така, податоците беа пренесени околу 9.380 пати побрзо од просекот постигнат во 5G мрежата.

Како што објаснуваат научниците, во безжичните мрежи, податоците обично се пренесуваат преку радио бранови во тесен фреквентен опсег.

Wi-Fi и сегашниот стандард за мобилна комуникација 5G претежно користат ниски фреквенции под 6 GHz. Меѓутоа, застојот во овој опсег на фреквенции ја ограничува брзината.

Според една публикација во „The Journal of Lightwave Technology“, истражувачите испратиле информации за многу поширок опсег на радиофреквенции.

За прв пат, тие комбинираа оптичка и радио технологија, а во иднина, поефикасната употреба на безжичниот спектар треба да помогне да се задоволи зголемената побарувачка за капацитет и брзина на мобилни податоци.

Новата технологија за пренос на податоци користи иновативен пристап кој ги комбинира постоечките електронски компоненти со фотоника.

Системите за електронски пренос на податоци најдобро функционираат во опсегот на фреквенции од 5 до 50 GHz, додека фотониката, која користи светлина за да генерира радио информации, најдобро функционира во опсегот од 50 до 150 GHz.

За да ги генерираат емитираните сигнали, истражувачите комбинираа електронски предавател на дигитално-аналоген сигнал со предавател на радио сигнал базиран на светлина. Ова им овозможи да користат опсег на фреквенции од 5 до 150 GHz.

Извор: Б92

притисни ентер