Денеска се празнува Преподобна Параскева (Петка)

МПЦ-ОА и верниците во земјава денеска го слават денот посветен на  Преподобна Параскева (Петка), во народот познат и како Петковден.

Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимиј кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.

Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми, па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.

Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да Му ја предаде на Бога: „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набрзо умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно, како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набрзо почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело во земјата за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто, како што си мислеле, ако било на некоја светителка, Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.

Ноќта на еден од тие луѓе по име Георгиј му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Георгиј тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгиј, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го закопавте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата својата слугинка“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата татковина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото ѝ се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.

Подоцна телото на Преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрво бугарскиот цар Јован Асен 1238 година измолил телото на преподобна Параскева-Петка да биде пренесено во Трново (во селото Арбанаси), поради што таа се вика Трновска или Арбанашка. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш моштите биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград каде што се прославиле не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василиј Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренел во црквата „Три светители“ во светиот град Јаши, а денес се наоѓаат во новиот храм, кој нејзе ѝ е посветен.

Во спомен на маченичката и чудотворка преподобната Параскева-Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27/14 октомври.

ШК Алкалоид Европски вицешампион

Тимот на Алкалоид го освои второто место на Европскиот клупски куп во шах што се играше во Врњачка Бања.

Во последното, седмо коло, шахистите на Алкалоид го одиграа својот најдобар меч, и убедливо тријумфираа над францускиот Шартре со 5:1.

Арјун Еригаиси на првата табла ремизираше со легендарниот украински шахист Василиј Иванчук, кој во минатото исто така играше за „фармацевтите“. Со црни фигури беше и С. Л. Нарајан на петтата табла кој го подели поенот со Максим Лагард. На останатите четири табли беа извојувани убедливи победи: Веи Ји го совлада Маркандрија Маурици водејќи ги белите фигури на втората табла, а неговиот сонародник Јангји Ју со црните триумфираше против Лорен Фресине. На четвртата и шестата табла Читамбарам Аравинд со бели освои цел поен против Даниел Дарда, додека Александар Инѓиќ го заокружи настапот со уште една победа, овојпат против Кристијан Бауер.

Триумфот во последното седмо коло им донесе два бода на играчите на Алкалоид, со што тие стигнаа до вкупно 12 бода. Турнирот го завршија со пет победи, два нерешени резултат и без пораз.

Првото место го освои Нови Бор од Чешка со 13 бода.

За ШК Алкалоид ова е трет пат како е остварен пласман меѓу првите две екипи на Стариот континент, при што во 2016 година Алкалоид беше Европски шампион, а во 2017 година беше освоено второто место.

Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дела освоија и медали за индувидуални резултати.

Еригаиси играше извонредно на првата табла и освои златен медал, како и Ју Јангји на третата табла. Александар Инѓиќ на шестата табла освои сребрен медал, а Аравиндитх Читамбарам на четвртата табла стигна до бронзениот медал.

Пронајдена дрога во Битола

Четириесет и деветгодишен битолчанец е приведен откако во неговиот дом е пронајдена дрога. 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека Д.Р. е приведен бидејќи при претрес извршен со судска наредба во неговиот дом и помошните простории е пронајдена марихуана и прашкаста материја.

По документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава./МИА

Размената на податоци меѓу УЈП и Централниот регистар клучна за бизнис опкружувањето

Двете институции се посветени на унапредување на процесите и системите со цел поефикасно извршување на своите надлежности и подобра "клима" за работа на компаниите.

Долги години наназад постапката за регистрација на даночен обврзник и доделување на даночен идентификационен број е дел од постапката за регистрација на трговско друштво во Трговскиот регистар - едношалтерски систем, што овозможи скратување на времето за регистрација и отпочнување на бизнис.

На неодамнешниот, работен состанок помеѓу директорките на УЈП м-р Елена Петрова и Анита Стамнова и претставници од двете институции се разледаа и разговараа можностите за понатамошно поедноставување на постапките и унапредување на сервисите за размена на податоци и документи, особено: во рамки на новиот Регистар на иматели на сметки кој ќе го води Централниот регистар, за запишување на странци како основачи и управители на компании во Централниот регистар, доставување по службена должност на уверенија за платени даноци од УЈП во постапка за пренос на удел во Централен регистар, бришење на неактивни субјекти по службена должност во Централен регистар по претходна проверка во Управата за јавни приходи.

Двете институции се посветени на унапредување на процесите и системите со цел поефикасно извршување на своите надлежности и подобра "клима" за работа на компаниите.

Управа за јавни приходи

притисни ентер