Видео: Сина туна продадена за 1,3 милиони евра на аукција во Токио

На првата аукција за туни годинава, на познатиот пазар за риби во Токио, сина туна беше продадена за 207 милиони јени (околу 1,28 милиони евра).

Туната од 276 килограми, уловена во близина на префектурата Аомори, ја купија заеднички еден трговец и компанијата која управува со синџирот ресторани „Суши Гинза Онодера“.

Рекордната цена за туна на аукција останува 333,6 милиони јени (околу 2 милиони евра), постигната во 2019 година за туна од 278 килограми.

Првата аукција се одржа рано утрово на пазарницата Тојосу, која последниве години е една од најголемите туристички атракции на Токио. /MИА

Ибрахимовиќ одржа говор по победата на Милан над Интер во Суперкупот

Златан Ибрахимовиќ, советникот во Милан, му се обрати на тимот по победата во финалето на италијанскиот Суперкуп. 

„Росонерите“ синоќа во Ријад го совладаа Интер со 3:2, откако по 50 минути игра губеа со 0:2.

- Постигнавме една од нашите цели. Она што го баравме беше реакција, наша реакција. Пред да зборувам, сакам да му честитам на тренерот и неговиот персонал, завршивте одлична работа за само неколку дена.

Им честитам на играчите. Овој трофеј го освоивте преку пот, самопожртвуваност и желба за победа. Кога тимот ја има таа волја за победа, тешко е да се победи. Кога го започнавме првенството, ви кажав дека сè зависи од нас, бидејќи се е во главата. Денес го докажавте тоа. Сега се враќаме во Италија, го носиме овој менталитет со нас, добиваме поени за да бидеме таму каде што треба, изјави Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот исто така, им се заблагодари на навивачите.

- Честитки до сите што беа со нас и со тимот. Ова е исто така ваша заслуга. Вие сте исто толку важни како оние што играат. Момци, ова е Милан, ние играме за овие трофеи, кој сака да влезе во историјата на Милан мора да ги освои овие пехари. Само напред, Милан, рече Ибрахимовиќ.

Милан го освои италијанскиот Суперкуп по осми пат во својата историја и се изедначи со Интер. Последен пат црвено-црните го освоија турнирот во 2016 година./МИА

Честитка за Божик од МАЕИ и градоначалникот на Пустец

Честитка по повод Рожедството Христово - Божик упатија единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски.

-Почитувани Македонци од православна вероисповед во Албанија, во овие свети денови кога го славиме Рождеството Христово – Божик, Ви упатуваме искрени честитки исполнети со топлина, љубов и надеж, посакуваат од МАЕИ.

Овој празник на светлината и мирот, се додава, нека ги исполни вашите срца со радост, а вашите домови со благосостојба, здравје и хармонија.

Порачува дека Божик е време за сплотување, зајакнување на семејните вредности и за прославување на нашата вековна македонска традиција и идентитет.

-Македонска алијанса за европска интеграција, како единствената политичка партија која го претставува и штити македонскиот народ во Албанија, останува посветена на зачувување на нашето културно наследство и на унапредување на правата на Македонците. Нека оваа година биде година на нови успеси за македонската заедница, на повеќе единство и солидарност меѓу сите нас. Со Божји благослов и со радост во срцата, ХРИСТОС СЕ РОДИ, стои во честитката потпишана од партискиот лидер, Васил Стерјовски.

Во честитката во негово и име на Советот на општина Пустец и општинската администрација, Колефски потсетува дека е „прекрасна традиција одбележувањето на Божик- Рождеството Христово".

-На сите наши сограѓани и на сите што го слават овој свет ден им посакуваме здравје, среќа и хармонија во нивните домови! Нека биде овој ден извор на благослови за сите, стои во честитката на Колефски.

Овој еден од најголемите празници го честиташе и македонското друштво „Илинден"-Тирана.

Бројот на загинати од земјотресот во Тибет се искачи на 95

Најмалку 95 лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,8 степени кој го погоди северното подножје на Хималаите во близина на светиот град во Тибет. Потресот беше силно почувствуван и во Непал, Бутан и Индија, јавуваат кинеските власти.

Земјотресот со епицентар во Тингри, се случил на длабочина од 10 километри. Кинеската државна телевизија потврди дека 130 лица се повредени.

Државната новинска агенција „Синхуа“ јави дека најтешко погодени се селата Чангсуо, Куло и Цуого во округот Дингри.

Соседен Непал соопшти дека не се пријавени жртви, но властите се мобилизирани за проценка на штетите. /МИА

притисни ентер