Американскиот државен секретар се сретна со јапонскиот министер за надворешни работи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја за време на неговата посета на Токио.

Блинкен, кој е придружуван од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, треба да се сретне и со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба.

- Серијата посети во Јапонија во изминативе четири години сведочи за централната улога што САД ја придаваат на партнерството со Јапонија, изјави Блинкен за време на средбата.

Тој додаде дека претседателот Џо Бајден го замолил да ја реализира оваа последна посета од мандатот на администрацијата, за да ја потенцира важноста на американско-јапонските односи.

- Нашето партнерство започна со фокус на билатерални прашања, продолжи со регионални теми и сега е навистина глобално, рече Блинкен.

Мандатот на администрацијата на Бајден завршува на 20 јануари, кога тој ќе му го предаде претседателството на својот наследник Доналд Трамп. /МИА

ЕУ нема да толерира напади на нејзините граници, изјави Баро по коментарите на Трамп за Гренлан

-Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие... Ние сме силен континент, рече Баро.

Европската унија нема да дозволи други нации да ги напаѓаат нејзините суверени граници, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро како одговор на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд во врска со „сопственоста и контролата“ на огромниот арктички остров што е дел од Данска повеќе од 600 години.

-Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие... Ние сме силен континент, рече Баро.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп вчера рече дека нема да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на контролата врз Панамскиот канал и Гренланд, бидејќи ја прогласи контролата на САД врз нив за витална за американската национална безбедност.

Зборувајќи со новинарите помалку од две недели пред да ја преземе функцијата на 20 јануари, Трамп ја остави отворена употребата на американската војска за обезбедување на двете територии. Намерата на Трамп го означува отфрлањето на децениската политика на САД која даде приоритет на самоопределувањето пред територијалната експанзија.

Гренланд, дом на голема американска воена база, е автономна територија на Данска, долгогодишен сојузник на САД.

Панамскиот канал е единствено контролиран од истоимената земја повеќе од 25 години. САД ја вратија зоната на Панамскиот канал во земјата во 1979 година и го завршија своето заедничко партнерство во контролирањето на стратешкиот воден пат во 1999 година. /МИА

Водата во Скопје безбедна за пиење

Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат најновиот неделен извшетај на ЈП „Водовод и канализација“. 

Секторот за санитарна контрола на претрпијатието од 30.12.2024 до 05.01.2025 земало 155 примероци за физичко-хемиска и 155 примероци за микробиолошка анализа од 41 мерни места во Градот Скопје. Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Прв случај на метапневмовирус во Грција, надлежните смируваат дека нема простор за паника

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус ХМПВ, како што објавија медиумите, кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран, додека пак според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ министерот за здравство Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

-Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет, објасни Георгиадис.

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

- Една студија покажа дека антителата за вирусот се откриени од 1958 година. Исто така, истражувањата покажаа дека во Холандија биле заразени сите деца до петгодишна возраст, што значи дека тоа е вирус што веројатно сите сме го фатиле кога сме биле мали и не е нешто ново, посочи Мајоркинис.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.

Коментирајќи ја загриженоста што постои поради случаите во Кина, истакна дека непотребно зазема големи размери и создава паника бидејќи „врз основа на податоците што постојат, најверојатно станува збор за „hype“ на социјалните мрежи, без да има вистинска основа“. /МИА

притисни ентер