Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов, денеска го пушти во употреба реконструираното фудбалско игралиште, уште еден во рекордно време реализиран проект на Министерството за спорт за подобрување на спортската инфраструктура.
Реконструираното фудбалско игралиште во Неготино направено е по сите стандарди на ФИФА и ќе биде достапно за граѓаните во секој период од годината.
-Над 15 вакви игралишта планираме да бидат готови до крајот на летото. Еден убав проект, една убава работа што почнавме да ја правиме, а тоа е да создадеме услови за најмладите што е особено важно. Ние не можеме да бараме резултати, ниту пак зголемување на интересот на децата за спортот, во конкретниов случај за фудбалот, доколку не им создадеме услови. Ова е една наша акција што ќе продолжи и во иднина, ќе реконструираме што е можно повеќе спортски игралишта низ целата држава. Цениме дека тоа е патот по кој треба да се развива спортот затоа што ова има значење за сите граѓани, прво на локално, а потоа и на централно ниво. Затоа што прво ние треба да направиме масовност кај дечињата, да создадеме услови за што повеќе дечиња да се занимаваат со спорт, а потоа од таа масовност и квантитет да добиеме и квалитет – истакна Ристовски.
Министерот Ристовски изрази задоволство од брзата реализација на уште еден инфраструктурен проект на Министерството за спорт упатувајќи благодарност до градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов за добрата соработка
-Му честитам и му благодарам на градоначалникот на општина Неготино за добрата соработка за брзо отпочнување на реконструкцијата на ова фудбалско игралиште и посакувам што повеќе млади спористи да го користат овој терен – рече Ристовски.