Во телевизиско обраќање до нацијата, претседателот призна дека неговата сопруга Ким Кеон-хи требало подобро да се однесува, но нагласи дека некои од обвинувањата против неа се „претерани“. Јун Сук Јеол најави дека ќе формира канцеларија која ќе ги надгледува службените должности на првата дама, но ги одби повиците да ги истражи нејзините активности.
Извинувањето на јужнокорејскиот претседател доаѓа додека тој се обидува да го смени трендот на намалување на неговата популарност кај јавноста, пишува Би-Би-Си.
Кон крајот на 2023 година, левичарскиот канал на Јутјуб „Гласот на Сеул“ објави видео од септември 2022 година на кое наводно се гледа како првата дама Ким прифаќа чанта Диор вредна 2.000 евра од свештеник кој ја снимил целата работа користејќи камера скриена во неговиот часовник.
Јун Сук Јеол во февруари изјави дека видеото е објавено како „политички маневар“ и не се извини. Демократската партија на Јужна Кореја, опозиција на конзервативната Партија на народна моќ на Јун, тогаш изјави дека таквиот став е „бесрамен и безнадежен“. Исто така, опозицијата долго време ја обвинуваше првата дама дека е вмешана во манипулации со цените на акциите.
Претходно оваа година, Јун стави вето на нацрт-законот со кој се бара неговата сопруга да биде под истрага поради обвинувањата. Скандалот предизвика и поделби во партијата на Јун, при што еден функционер ја спореди првата дама со Марија Антоанета, француската кралица озлогласена по нејзиниот екстравагантен начин на живот.