Израел купува од Боинг 25 најнови борбени авиони Ф-15, вредни 5.2 милијарди долари

Израел потпиша договор вреден 5,2 милијарди долари со американскиот производител на авиони Боинг за купување на 25 борбени авиони Ф-15 во најновата верзија ЕХ.

Испораката на авионите е планирана од 2031 година, при што годишно ќе се испорачуваат четири до шест авиони.

Новите израелски авиони ќе бидат приспособени на специфичните потреби на земјата и ќе ја носат ознаката F-15IA, што подразбира инсталирање на израелски технологии и напредна домашна електроника. Овој модел ќе обезбеди зголемен опсег, поголема носивост и подобрени перформанси во различни оперативни сценарија, според израелското Министерство за одбрана.

Овој договор доаѓа во време кога Боинг се соочува со предизвици во производството на борбени авиони, а продажбата на Израел претставува значителен успех за компанијата. Боинг веќе го произведува моделот F-15EX Eagle II за американските воздухопловни сили (USAF), додека израелскиот F-15IA ќе биде дополнително приспособен за нивните специфични оперативни потреби.

Покрај новиот авион Ф-15ИА, Израел на почетокот на оваа година склучи договор со Локхид Мартин за купување на 25 авиони Ф-35 Лајнинг II, кои ќе обезбедат трета ескадрила од овие авиони од петта генерација за израелските воздухопловни сили.

Морбидно: Доктор барал на гробот да му стават прозорец и да го погребаат со ѕвонче (ВИДЕО)

Гробот на докторот Тимоти Кларк Смит, кој се наоѓа во Њу Хевен, во американската сојузна држава Вермонт, го привлекува вниманието на љубопитните веќе 130 години.

Местото каде што почива е уникатно поради еден необичен детал - прозорец на надгробната плоча.

Зошто Смит (1821-1893) побарал да биде погребан во гроб со прозорец?

Се верува дека причината се крие во тафофобијата, односно психопатолошкиот страв да не биде жив закопан, пренесува LadBible.

Докторот живеел во САД во 19 век и очигледно не сакал да ризикува.

Не само што дизајнирал специјален ковчег и надгробен споменик, туку е поставено и ѕвоно кое можело да се активира однатре.

Поставена е и цевка за дишење, која ќе му овозможи на Смит мирно да ги чека спасувачите.

Љубопитните луѓе и денес го посетуваат необичниот гроб, но ништо не можат да видат. Причината? Кондензација (најверојатно предизвикана од распаѓање на телото на починатиот) целосно го замаглила стаклото.

Јужнокорејскиот претседател во обраќање се извини поради скандалите на сопругата

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол се извини за низата скандали поврзани со неговата сопруга, вклучително и наводното прифаќање на луксузна чанта на Диор и манипулација со акции.

Во телевизиско обраќање до нацијата, претседателот призна дека неговата сопруга Ким Кеон-хи требало подобро да се однесува, но нагласи дека некои од обвинувањата против неа се „претерани“. Јун Сук Јеол најави дека ќе формира канцеларија која ќе ги надгледува службените должности на првата дама, но ги одби повиците да ги истражи нејзините активности.

Извинувањето на јужнокорејскиот претседател доаѓа додека тој се обидува да го смени трендот на намалување на неговата популарност кај јавноста, пишува Би-Би-Си.

Кон крајот на 2023 година, левичарскиот канал на Јутјуб „Гласот на Сеул“ објави видео од септември 2022 година на кое наводно се гледа како првата дама Ким прифаќа чанта Диор вредна 2.000 евра од свештеник кој ја снимил целата работа користејќи камера скриена во неговиот часовник.

Јун Сук Јеол во февруари изјави дека видеото е објавено како „политички маневар“ и не се извини. Демократската партија на Јужна Кореја, опозиција на конзервативната Партија на народна моќ на Јун, тогаш изјави дека таквиот став е „бесрамен и безнадежен“. Исто така, опозицијата долго време ја обвинуваше првата дама дека е вмешана во манипулации со цените на акциите.

Претходно оваа година, Јун стави вето на нацрт-законот со кој се бара неговата сопруга да биде под истрага поради обвинувањата. Скандалот предизвика и поделби во партијата на Јун, при што еден функционер ја спореди првата дама со Марија Антоанета, француската кралица озлогласена по нејзиниот екстравагантен начин на живот.

Алармнантни податоци во Италија: Секој ден се регистрираат над 1.000 болни од рак

Секој ден во Италија на над 1.000 нови пациенти им се дијагностицира рак, а тој број се очекува да расте за еден процент годишно, изјави денеска претседателот на италијанското здружение за медицинска онкологија (АИОМ), Франческо Пероне.

Тој посочи дека одделенијата за онкологија се во состојба на криза, бидејќи бројот на кревети за болните од рак во италијанските болници за 10 години е намален за 1.103, пренесува Анса.

Пероне предупреди дека е особено загрижувачко што на национално ниво се намалува бројот на онколози и онколошки медицински сестри.

притисни ентер