Верстапен: Симулаторот многу помага во одржувањето на менталниот фокус

Брзината се чувствува само на вистинска тркачка патека. Да, секако, вие возите многу брзо и во симулаторот, но таму и да завршите во ѕид, нема да има никакви последици за вас. 

Пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен зборувајќи за разликите помеѓу реалните и виртуелните трки, истакна дека возењето на симулатор му помага да ја задржи концентрацијата и со тоа да тренира внимание и смиреност, што потоа помага во трките во Формула 1.

- Брзината се чувствува само на вистинска тркачка патека. Да, секако, вие возите многу брзо и во симулаторот, но таму и да завршите во ѕид, нема да има никакви последици за вас. Само притиснете го копчето за рестарт и почнувате повторно. Ова нема да функционира во реалниот живот. На крајот на краиштата, ако доживеете несреќа, дефинитивно ќе биде потребно извесно време да го поправите автомобилот. Покрај тоа, вие самите ризикувате да се повредите. Така да, во вистински трки треба да бидете многу повнимателни. Симулаторот многу помага кога станува збор за одржување на менталниот фокус. За време на виртуелна трка, размислувате за истите работи како за време на вистински тркачки викенд. Генерално, сакам само да се натпреварувам и да се трудам да победувам на трки - затоа што се работи за тоа. Без разлика дали се работи за трки со симулатор или тркање на вистинска патека, изјави Верстапен.

Холанѓанецот е лидер во поредокот во Формула 1 шампионатот со 331 бод, пред Ландо Норис од Мекларен со 275.

Премиера на претставата „Бог на колежот“ на 24 декември

Во Македонскиот народен театар на 24 декември ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Бог на колежот“, по мотивите на „God of Carnage“ на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска.

Ова е седмиот проект на Македонскиот народен театар во оваа сезона.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски, Наталија Теодосиевa како и децата од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, како сценограф се потпишува Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери.

Изборот на музиката е на Весна Петрушевска, а автор на сонгот „Пепел и мрак" е Игор Џамбазов.

-Оваа копродукциска претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути за време кога публиката е учесник во арената, се вели во соопштението на МНТ.

Првата реприза е закажана за 25 декември.

Обвинителството ги истражува причините за смртта на декан на Економски факултет Скопје

Обвинителството ги истражува причините за смртта на професорот Кожухаров, декан на Економски факултет Скопје

Обвинителството ги проверува причините за смртта на лицето во водите на Црна Река. Се работи за професорот д-р Сашо Кожухаров, декан на Економски факултет и проректор за наука и развој на Универзитетот „Скопје“, кој беше најден мртов во својот автомобил излетан во Црна река, потврдуваат од Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека Основното јавно обвинителство Кавадарци презема повеќе дејствија за испитување на причините за смртта на 64-годишен скопјанец, кој на 16 декември беше пронајден починат во својот автомобил во водите на Црна Река, на територија на Општина Росоман.

- Веднаш по настанот беше извршен увид на лице место, а при првичниот преглед на телото на починатиот не се констатирани видливи траги на насилство. Издадена е наредба за обдукција, а обдукцискиот наод се уште се изготвува и не е доставен до обвинителството. Освен тоа, наредени се и дополнителни лабораториски анализи, соопштија од Обвинителството.

Со цел испитување на настанот, надлежниот јавен обвинител издал и барања до мобилни оператори за проверка на листинзи и податоци од базни станици за евентуална телефонска комуникација.

- Воедно, од АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ Тиквеш побарани се информации дали во временскиот период на настанот е вршено испуштање вода од браната на хидроелектраната и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација. Врз основа на сите овие наоди и информации, Основното јавно обвинителство Кавадарци целосно ќе го провери настанот, се вели во известувањето од Обвинителството.

Презентирани научните трудови во рамки на 53. сесија на Клубот на истражувачите

Во рамките на 53. сесија на Клубот на истражувачите, во Народната банка се одржа презентација на научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“.

Во рамките на 53. сесија на Клубот на истражувачите, во Народната банка се одржа презентација на научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ од авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов.

Исто така беше презентирано и делото „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски.

Како што соопштија од Народната банка, сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, која истакна дека придобивките од трудот на авторите Насковски, Бојковски, Пешевски и Трајанов се значајни, поради фактот што овој труд става акцент на улогата на трговијата со услуги како битен фактор за економскиот раст и структурната трансформација, пред сѐ за помалите економии, процес којшто е зајакнат од развојот на дигитализацијата и ИТ-технологиите.

Трудот од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски е значаен со оглед на тоа што подобрувањето на ефикасноста на јавниот сектор може го подобри фискалниот простор и да има позитивни влијанија врз економскиот раст во земјите од Југоисточна Европа.

Во трудот „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ авторите ја истражуваат динамиката на глобалната трговија со услуги, вклучувајќи 137 земји заради откривање на поврзаноста, тековите на трговијата со услуги, како и конкурентните предности на одделните земји, вклучително и нашата економија, во рамките на глобалните и регионалните трговски екосистеми.

-Според анализата, градежништвото, останатите транспортни услуги и компјутерските услуги се секторите каде што е увидена конкурентна предност на македонската економија. Притоа, компјутерските и ИТ-услугите бележат силен раст, особено во периодот од 2012 до 2022 година и се еден од најперспективните сектори коишто треба да се искористат за посилен економски раст, а можностите за регионална соработка и добро водење политики придонесуваат за унапредување и зајакнување и на останатите помалку конкурентни сектори во економијата, соопштија од Народната банка.

Трудот „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци (Data envelopment analysis)“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски ги истражува остварувањата на јавната потрошувачка на земјите од Југоисточна Европа, (ЈИЕ) за периодот 2010 – 2021 година, преку непараметриска анализа, односно оцена на границата на ефикасност.

Авторите ја користат оваа техника и за оцена на ефикасноста на трошењата во образованието, здравството и инфраструктурата. Заклучокот на авторите е дека остварувањата на земјите се разликуваат од аспект на ефикасноста на нивните јавни расходи и дека за земјите во регионот постои простор за унапредување на ефикасноста во сите три сектори.

Следната сесија е планирана за март следната година.

притисни ентер