За Бугарија прашањето со Македонија е решено, изјави бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во телевизиско гостување прашан за предлогот на македонската влада и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Бугарите да бидат вклучени во Уставот по влезот на земјата во Европската Унија. Главчев додава дека постојат рамки во кои мора да работат сите земји, вклучително и оние од Западен Балкан, а Бугарија направила доволно компромиси со својата национална самодоверба и достоинство.
-Јас мислам дека тоа прашање е решено.
-Вие можеби да, но тие не мислат.
Јас нема како да одговарам на властите во Македонија, за Бугарија прашањето е решено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави-членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор мислам дека доволно компромиси направи Бугарија со своето национално чувство и достоинство за да прави уште,- Димитар Главчев – В.д. Претседател на Владата на Р. Бугарија.
Во меѓувреме, речиси еден месец по изборите во Бугарија се уште траат преговорите за формирање на влада. Од победничката ГЕРБ- СДС се децидни дека нема да се откажат Борисов да биде премиер, а како копромисно решение предлагаат претседателот на Собранието да биде од партијата на Кирил Петков.
„ Од премиер не можеме да отстапиме не за друго, бидејќи она што го правиме за Шенген и еврозоната со нашите колеги, за радост Унгарија претседава со ЕУ, колегата Орбан стои зад ветувањата поставени на дневниот ред за Шенгенот, имаме големи шанси. “-Бојко Борисов – ГЕРБ-СДС.
Доколку повторно нема коалициски договор, Бугарија ќе оди на избори по осми пат во четири години.
Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира стабилна влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на Македонија во ЕУ.