Претседателката Гордана Сиљановска Давкова е оптимист дека е можен исчекор во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Таа на брифинг со новинарите кажа дека ваквиот ентузијазам го темели врз реакциите кои ги добива при средбите во странство. Претседателката вели дека светските политичари не биле соочени со македонските аргументи за уставните измени и компромисите на Македонија, а дел од нив и кажале „Вие сторивте се, дури и невозможното, на ред сме ние“.
„Можен е исчекор од тоа што го слушнав. Не можам да тврдам дека ќе се случи, додека не видам конкретни чекори“ „Ако некој мисли дека ќе се повтори преспанската приказна со пресија, тоа е суспензија на парламентарната демократија“. – кажа претседателката Сиљановска Давкова, која меѓудрогото информираше францускиот претседател Макрон ја поканил да присуствуава на ре-отворањето на катедралата на Нотр Дам во Париз на 8ми декември,но засега нема информација за тоа дали би се одржала билатерална средба.
За Бугарија, пак, прашањето со Македонија е решено, изјави бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во телевизиско гостување прашан за предлогот на македонската влада и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Бугарите да бидат вклучени во Уставот по влезот на земјата во Европската Унија.
-Јас мислам дека тоа прашање е решено.
-Вие можеби да, но тие не мислат.
-Јас нема како да одговарам на властите во Македонија, за Бугарија прашањето е решено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави-членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор мислам дека доволно компромиси направи Бугарија со своето национално чувство и достоинство за да прави уште.-Димитар Главчев – В.д. Претседател на Владата на Р. Бугарија
Во меѓувреме, речиси еден месец по изборите во Бугарија се уште траат преговорите за формирање на влада. Доколку повторно нема коалициски договор, Бугарија ќе оди на избори по осми пат во четири години.Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира стабилна влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на Македонија во ЕУ