Уапсена е инспекторка од Куманово поради примање поткуп

Полицијата уапси инспекторка од Куманово при примање мито, соопшти денеска МВР. 

Во соопштението се наведува дека инспекторката е уапсена во ресторан, откако примила технички обработени пари коишто ѝ ги дал граѓанин кому таа претходно му побарала мито, првин 1.500, а после и 4.000 евра за да не му издаде решение за запирање на градба.

Од МВР информираа дека СВР Куманово во содејство со Одделот за криминалистичка полиција денеска во 13:30 часот постапило по наредба од Основното јавно обвинителство Куманово за расчистување на кривично дело „примање поткуп“ при што е лишена од слобода Л.Т., овластен градежен инспектор во Општина Куманово, која била затекната како прима поткуп од 4.000 евра.

- На 25 септември годинава граѓанин во СВР Куманово пријавил дека овластениот градежен инспектор Л.Т. при општина Куманово, која вршела контрола на објект во изградба кој оштетениот го градел и на кој пријавената при контрола на записник констатирала отстапување од одобрението за градење, а за да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежно ОЈО или суд, му побарала поткуп најпрво во сума од 1.500 евра, за да на 31 октомври, годинава ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра. По добиената пријава, известено е ОЈО Куманово и преземени се соодветни мерки. На оштетениот му се дадени технички обработени пари кои тој денеска во ресторан во Куманово и ги дал на Л.Т. Откако Л.Т. ги зела парите, била лишена од слобода од страна на полициски службеници од ОКП при МВР и ОЕК при СВР Куманово, информираа од полицијата.

По целосното документирање на случајот, Л.Т. ќе биде изведена пред надлежен јавен обвинител при ОЈО Куманово.

Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Нови Сад

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче изрази сочувство до семејствата во трагичната несреќа што се случи во Нови Сад, Република Србија.

-Со голема тага ја примив веста за страшната несреќа во Нови Сад која остави зад себе загубени животи. Во овие моменти на болка нашите мисли се со семејствата кои ги изгубија своите сакани и со целиот српски народ.

Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите во оваа трагедија а на повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување. Им даваме силна поддршка на медицински тимови и сите кои што се борат да ги извлечат и спасат настраданите под урнатините.

Овој трагичен настан не потсетува на кревкоста на животот, но и на тоа колку е важно да се поддржуваме меѓусебно како соседи, како пријатели, како народи кои знаат да споделат и радост, но и болка, стои во објавата на Филипче на Фејсбук.

Татко и ќерка дешифрирале „вонземски“ сигнал од Марс, цела година ги збунувал научниците

Бели точки распоредени во пет групи на црна позадина.

Станува збор за симулација на вонземски сигнал испратен од Марс, кој го дешифрирале татко и ќерка по речиси една година напор, објави Европската вселенска агенција (ESA).

- Уметникот Даниела де Полис на 7 јуни 2024 година ја доби оваа едноставна, ретро слика која ги прикажува петте амино киселини. Тоа беше решението на космичката загатка испратена на земјата од орбитерот Егзомарс ТГО во мај 2023 година. Европското вселенско летало играше улога на вонземјанин во овој мултидисциплинарен уметнички проект наречен „Sign in Space“ – се вели во објавата.

Откако три радио астрономски опсерватории на Земјата го зедоа сигналот, предизвикот беше прво да се извлече точната порака од необработените податоци на радио сигналот, а потоа да се дешифрира. За само 10 дена, повеќе од 5.000 граѓани-научници успеаја да го извлечат сигналот, но втората задача беше многу потешка.

Американските државјани Кен и Кели Шофин, татко и ќерка, успеале да го дешифрираат благодарение на интуицијата, но и со изведување симулации. Откриле дека пораката има движења, кои им сугерираат некаква клеточна формација и еден вид жив организам. Амино киселините и протеините се градежни блокови на животот.

- Сега кога криптичниот сигнал е дешифриран, започнува потрагата по значењето. Интерпретациите на оваа порака, како и секое уметничко дело, остануваат отворени. Дали овој знак на вонземска интелигенција може да биде рецепт за уништување или е порака за мир? Дали сме подготвени за првиот контакт со вонземска цивилизација – се вели во соопштението на ЕСА.

Почина 3- годишното дете кое утрово беше погодено при престрелки на банди во Грција

Детето (3) кое утрово беше застрелано во Грција, починало и покрај напорите на лекарите.

Детето е констатирано за мртво набргу по пристигнувањето во болница.Престрелката во која учествувале повеќе лица се случила утрово во градот Маркопулос, јавуваат грчките медиуми.

Според неофицијални информации, во престрелката учествувале патници од два автомобили. Наводно, еден од автомобилите застанал до друго возило, во кое имало и дете, и од засега непозната причина почнале да пукаат. Најмалку еден куршум го погодил и детето.

Полициски извор изјави дека на местото на злосторството биле пронајдени повеќе од 20 чаури.

Детето се здобило со прострелна рана во главата, а неговите роднини брзо го однеле тешко ранет во најблискиот здравствен дом. Оттаму детето со возило на Брза помош било префрлено во детската болница.

По приемот детето не давало знаци на живот. И покрај напорите на лекарите, кај малото момче набрзо била констатирана смрт.

притисни ентер