Напаѓачи кои извикуваа „Слободна Палестина“ синоќа во Амстердам ги нападнаа навивачите на Макаби од Тел Авив, по натпреварот меѓу Ајакс и Макаби во Лига Европа, од кои двајца се водат за исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Навивачите на Макаби изјавија дека на неколку точки надвор од стадионот однапред била подготвена заседа. Вознемирувачка снимка од местото на настанот, која е објавена на социјалните мрежи, покажува дека навивачите се насилно нападнати, тепани, па дури и прегазени. Некои од навивачите се затвориле во продавници и други места во градот, а локалната полиција следела дел од Израелците до нивните хотели.
- Чекаа во групи на секој агол, а штом ги препознаа Евреите, почнаа да ги бркаат. Други во поголеми групи чекаа во близина на хотели и казина, каде исто така ги нападнаа навивачите. Подоцна возеле со автомобили и не престанале да свират во близина на хотелите во кои престојувале Израелците.
„Полицијата не беше присутна на крајот на натпреварот, а муслиманите ги чекаа на железничките станици израелските навивачи и ги следеа. Полицијата почна да интервенира дури по половина час до 45 минути по почетокот на нападот, откако напаѓачите фрлале петарди по луѓето и во зградите“ - изјавил еден од очевидците.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам. Министерството за национална безбедност на Израел ги повика своите граѓани во Амстердам да останат во хотели додека трае истрагата.
Според израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“, објави Ројтерс.
Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.