Сведочење на вработен во „Safe city“ за двојното убиство на Вања и Панче

Сведочење на вработен во „Safe city“ за двојното убиство на Вања и Панче, судењето продолжува на 16 декември,

На денешното судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше Мирче Мирчевски, вработен во Министерството за внатрешни работи во одделот „Безбеден град“ („Safe city“). Тој изјави дека на 27 ноември, денот на исчезнувањето на Вања, вршеле пребарување на подрачје на град Скопје.

- Вршевме пребарување на подрачје на Град Скопје, потоа пребарувавме по дојави, сѐ додека понатамошната истрага не го поврза возилото Цитроен што беше запалено во Бразда, исчезнатото лице од Велес, со девојчето, рече Мирчевски.

Мирчевски објасни дека го следеле движењето на Цитроенот на 24 ноември, од Маџари Триангла до местото каде што живеело девојчето.

- Од Маџари Триангла оди на посоченото место каде што живееше девојчето и потоа си оди, и истиот по пребарување на 27 ноември, го наоѓаме како доаѓа од Бутел и од таму оди на местото на грабнување на девојчето, потоа го наоѓаме на Партизанска, врти накај „Рузвелтова“, потоа „Орце Николов“, и од сервисната улица излегува кај Машински факултет и врти кај МИДА, после Александар Палас ни се губи, појасни тој.

Сведокот истакна дека целата истрага ја водел началникот Дејан Димовски со неговите колеги, додека, како што рече, „ние дававме сугестии и ги проверувавме информациите од терен“. Тој посочи дека во возилото „Рено кангу“ на 27 ноември во 9:40 часот на камера се појавуваат две силуети.

- Се гледа дека возачот е со брадичка, личи на првообвинетиот, додека, на другите камери не може да се забележи силуети на лице, рече сведокот. На вкрстени прашања од одбраната на обвинетите, тој одговори дека не е надлежен да одговори дали треба во возилата да има ДНК на лицата кои ги возеле. Прашан дали учествувал на составување на фото-албумот во врска со сомнителните ПМВ, одговори дека помагаат во сето она што придонесува за расчистување на кривични дела. Прашан дали неговиот денешен исказ соодветствува со исказот даден во Обвинителството, особено во делот со забележаните силуети, одговори дека не е сигурен.

На дополнителни прашања од обвинителството, сведокот одговори дека возилото Цитроен на 27 ноември е следено по барање на началникот на СВР Велес.

- На 27 ноември го следиме возилото Цитроен по барање на началник на СВР Велес бидејќи е на исчезнато лице сопственик на тоа возило. На 27 возилото е најдено запалено и по барање на началникот се доставени снимки на СВР Велес.

Прашан дали е тоа причината што возилото го следеле и пред 27 ноември, одговори да. Одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо по завршувањето на сослушувањето на даде приговор за, според нив, невистинитост на исказот на сведокот Мирчевски. На следното рочиште е предвидено да сведочи сведокот Гоце Трајковски и уште двајца сведоци.

Претходно на денешното судење за двојното убиство сведочеа службени лица кои биле назначени да го спроведат обвинетиот Велибор Манев до местото каде што било закопано телото на Жежовски. Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“.

Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.

Воедно, обвинетиот Влатко Кешишов денеска изјави дека изјавата во која тој наведува дека Палчо нема врска со убиството не е негова, односно дека бил принуден од Палчо да ја напише.

Пред денешното рочиште, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска изјавија дека има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со двете убиства.

- Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема доказна вредност.

На изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“. Беше сослушано семејството на таткото на Вања, како и повеќе познаници на обвинетиот Палчо. На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. Судењето продолжува на 16 декември./МИА.

Назначен новиот состав на Комисијата за помилување

Поранешната врховна судијка Милка Ристова е новата претседателката на Комисијата за помилување,откако претходниот состав си поднесе колективна оставка поради последните помилувања на осуденици.

Поранешната врховна судијка Милка Ристова е новата претседателката на Комисијата за помилување,откако претходниот состав си поднесе колективна оставка поради последните помилувања на осуденици. Освен Ристова дел од шест члената Комисија за помилување се и професорот од Факултетот за безбедност Оливер Бачановиќ, неговата колешка Драгана Батиќ доктор по психолошки науки, професорката од Правен Александра Груевска Дракулевски, нејзиниот колега од тетовскиот превен факултет Афет Мамути, професорката по казнено право од Југоисточниот универизитет Блерта Ахмеди Арифи и магистер Доан Сулејманоски, информираат од Кабинетот на престедателката Силјановска-Давкова.

Изборот на новиот состав на Комисијата за помилуавње доаѓа по колективна оставка која претходниот состав ја поденесе пред точно еден месец. Тогашните членови и претседателот на Комсијата се повлекоа по острите реакции во јавноста откако по повод Денот на Македонската револуционерна борба 23 Октомври претседателката Силјановска помилува десет осуденици, меѓу кои беше и Акиф Равмановски, припадник на нарко кланот „Барон“. Meѓу помилуваните беа и поранешниот битолски градоначалник Владимир Талевски обвинет во случајот Транспортер и Маријан Ефремов првоосомничен во аферата Шпион.

Комисијата за помилување е постојано работно тело во служба на претседателот на државата. Следното помилување на осуденци треба да се случи за новогодишните празници.

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето на новите политики

Консолидација, враќање на угледот, поддршката и победите на СДСМ, најавува новата заменик претседателка на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска. 

Откако социјалдемократите на вчерашниот Конгрес и ја дадоа довербата, таа во обраќањето пред делегатите во работниот дел, кој беше затворен за медиумите, посочила дека за неа клучно ќе биде враќањето на довербата на слободоумните граѓани, соопштија од СДСМ. Во ова според неа се поривот и подготвеноста да ја прифати функцијата.

-Имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! - - Фани Каранфилова-Пановска – нов заменик претседател на СДСМ.

Коментирајќи го вчерашниот избор на СДСМ, премиерот Мицкоски изрази разочараност од новото раководство, а во новите лица кажа дека не гледа конструктивна опозиција. Претстојните локални избори според Мицкоски ќе бидат тест за новото раководство на СДСМ.

-Членовите на Конгресот или на општинските организации на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Ние не можеме да кажеме какво раководство треба да има СДСМ. Тие одлучиле дека такво раководство заслужуваат. На локалните избори за околу десетина месеци ќе видиме дали ова ново раководство ќе понуди или нема да понуди нешто ново на тие избори. Би сакал да бидат конструктивен партнер на политичката сцена. За жал, морам да констатирам дека не сум импресиониран од кадровската понуда, изјави Мицкоски.

Каранфилова-Пановска беше избрана на предлог на партискиот лидер Венко Филипче, а доаѓа на местото на актуелната пратеничка Сања Лукаревска. Таа долги години е активна во граѓанскиот сектор, а беше и директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија.

Покрај заменичка на претседателот, социјалдемократите на 30-тиот Конгрес ги избраа и новите Централен и Надзорен одбор, а до крајот на неделава се очекува да биде избрано целото ново раководство на партијата.

Дел од приватните автобуси повторно сообраќаат, Град Скопје распиша тендер за набавка на гориво

Се почести автобуси, се помалку метеж на постојките, по подолг период конечно јавниот превоз не им создава големи главоболки на скопјани.

Покрај оние на ЈСП, на улиците се вратија и автобусите на приватниците, па граѓаните велат полека се подобрува состојбата. Сепак сметаат, таа е далеку од идеална, бидејќи метежите во автобусите се и натаму проблем, па велат, на Скопје му требаат многу повеќе автобуси за да има јавен превоз како што доликува.

-Сега е добро, и приватните почнаа да возат, јас во Волково живеам, веќе се чуствува.

-По стабилизирана е состојба со ЈСП во Скопје, има гужва, во текот на целиот ден, само навечер е полабаво. Повеќе автобуси дефинитивно, премалку се./ Да, да, секако има, се чуствува разлика од претходно кога немаше.

-Сигурно треба повеќе, со вклучувањето на приватните ќе се реши барем 80% од проблемот.

-Каснат многу, плус тоа, катастрофа е.

Сепак на улиците се вратија само дел од приватните превозници, односно оние кои можат финансиски да издржат, но велат, со постојните цени од километар нема да можат да сообраќат повеќе од неколку дена, па затоа бараат од советот на Град Скопје да се направи интервенција во тарифникот.

-Ќе издржиме, ќе истрпиме овие неколку дена, уште еднаш еве упатуваме апел до советниците во Град Скопје, да не поддржат, да не разберат, да не сфатат, едноставно со сегашната цена ние не можеме нормално да функционираме. Нема ние што да бараме колку треба да биде, си има стручни луѓе кои што можат да изработат, да кажат колку ќе биде и толку нека биде,-Јовица Зафировски – Приватен превозник.

До крајот на годината се очекува да биде распишан и тендерот за набавката на новите 100 до 120 електрични автобуси, од кои, околу една третина ќе бидат наменети за Скопје, посочи премиерот Мицкоски.

Тендер ќе биде тоа, сега ние ги дефинираме условите, го скенираме пазарот, гледаме каде има, колку има заинтересирани, ќе биде тендер, секој смета да се пријави, нека се пријави, ќе ги одредиме и условите на плаќање. Условите на плаќање ќе бидат такви да - почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина на 2028 година, на 8 полугодишни рати, во период од 4 години или период од 3 години со грејс период.

Во меѓувреме веќе е распишана е и јавната набавка за гориво по скратена постапка од страна на ЈСП кој ќе оди со директно преговарање, потврди директорот Кушовски за Канал 5. Истата би требало во најбрз рок да се спроведе, бидејќи од државата претпријатието доби 250.000 тони нафта кои би биле доволни за 10 до 14 дена.

притисни ентер