Откако социјалдемократите на вчерашниот Конгрес и ја дадоа довербата, таа во обраќањето пред делегатите во работниот дел, кој беше затворен за медиумите, посочила дека за неа клучно ќе биде враќањето на довербата на слободоумните граѓани, соопштија од СДСМ. Во ова според неа се поривот и подготвеноста да ја прифати функцијата.
-Имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! - - Фани Каранфилова-Пановска – нов заменик претседател на СДСМ.
Коментирајќи го вчерашниот избор на СДСМ, премиерот Мицкоски изрази разочараност од новото раководство, а во новите лица кажа дека не гледа конструктивна опозиција. Претстојните локални избори според Мицкоски ќе бидат тест за новото раководство на СДСМ.
-Членовите на Конгресот или на општинските организации на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Ние не можеме да кажеме какво раководство треба да има СДСМ. Тие одлучиле дека такво раководство заслужуваат. На локалните избори за околу десетина месеци ќе видиме дали ова ново раководство ќе понуди или нема да понуди нешто ново на тие избори. Би сакал да бидат конструктивен партнер на политичката сцена. За жал, морам да констатирам дека не сум импресиониран од кадровската понуда, изјави Мицкоски.
Каранфилова-Пановска беше избрана на предлог на партискиот лидер Венко Филипче, а доаѓа на местото на актуелната пратеничка Сања Лукаревска. Таа долги години е активна во граѓанскиот сектор, а беше и директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија.
Покрај заменичка на претседателот, социјалдемократите на 30-тиот Конгрес ги избраа и новите Централен и Надзорен одбор, а до крајот на неделава се очекува да биде избрано целото ново раководство на партијата.