Свечен настан за 30 години дипломатски односи и цврсто македонско-јапонско пријателство

Во Македонскиот народен театар вчеравечер се одржа свечен настан по повод одбележувањето на значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето  дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија.

Пред присутните гости, дипломатскиот кор, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и комесарот за културна соработка на Јапонија, Шуничи Токура, се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој изрази уверување дека и во иднина, низ заеднички дијалог и соработка, ќе работиме на континуитетот и желбата заеднички да ја градиме понатамошната културна соработка меѓу Македонија и Јапонија.

„Комесарот Токура, од земјата на изгрејсонцето, денес е драг гостин во земјата на сонцето, меѓу пријатели, меѓу свои, меѓу луѓе што исклучително високо ја ценат и ја вреднуваат јапонската култура“, рече министерот Љутков, изразувајќи благодарност за донациите во културата од Јапонија, кои се знак на пријателство и се драгоцен придонес за развој на македонската култура и зацврстување на меѓусебните односи.

Министерот Љутков го истакна значењето на потпишаниот Меморандум за соработка, кој ќе донесе интензивирање на соработката во културата меѓу двете држави, на соработката во рамките на проектите од УНЕСКО и во филмската дејност. Тој го истакна и учеството на Македонија на „ЕКСПО ОСАКА 2025“ со изложбата на проектот на Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

„Искрено сметам дека токму ова се навистина гестови на меѓусебна доверба и пријателство кои и во иднина очекуваме да се надградуваат и дополнително да ги зацврствуваат културните врски што постојат меѓу нашите две пријателски земји“, рече министерот Љутков на свеченоста во МНТ.

По повод 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, гостите ги поздравија комесарот за културна соработка на Јапонија, Шуничи Токура, јапонскиот амбасадор Оцака Казуја и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кои ги подвлекоа исклучително добрите билатерални односи, поддршката што Јапонија ја дава на Македонија како еден од најголемите донатори, а беше истакнато и македонско-јапонското пријателство кое има цврст темел и кое во иднина уште повеќе ќе се продлабочува.

Свеченоста продолжи со концерт на Националниот џез-оркестар, кој изведе композиции инспирирани од македонското изворно творештво, како и авторска композиција на гостинот Нобуо Ватанабе од Јапонија.

Поранешниот информатор на ФБИ, Смирнов обвинет и за затајување данок

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател. 

Поранешниот информатор на ФБИ, Александар Смирнов, кој беше обвинет поради лажни тврдења дека американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот син Хантер добиле мито од пет милиони долари од украинската енергетска компанија Бурисма, сега е осомничен и за затајување данок, објавија денеска американските медиуми.

Новото обвинение поднесено во федералниот суд во Калифорнија го обвинува Смирнов за затајување данок на приходи од повеќе од два милиони долари што ги добил од повеќе извори меѓу 2020 и 2022 година, пишува Еј-Би-Си Њуз.

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател.

Смирнов се изјасни за невин по обвиненијата, а федералниот судија го одложи судењето за јануари.

Неговиот адвокат, Дејвид Чесноф, рече дека неговиот клиент енергично ќе се бори против најновото обвинение за затајување данок.

Вицепремиерот и министер Стоилковиќ оствари средба со претставници на повеќе НВО

Вицепремиерот и министер Стоилковиќ оствари средба со претставници на повеќе НВО од сите етнички заедници.

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска остварил работна средба со претставници на невладини организации од сите етнички заедници.

На средбата организирана на иницијатива на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со цел да ги информира претставниците на немнозинските заедници од земјава за идните планови на МОЗ, односно сето она што треба да се случува во претстојната 2025 година, присуствувале Јана Михаилова од ЗПХ Интегра нау, Марија Николова од Питу Гули и Ѓорѓи Ѓорѓиев од Мандра од влашката заедница, Надир Реџепи од Инсок, Зоран Димов од Ромски деловен информативен центар и Надире Селман од Здружение на жени Ромки - Есма од ромската заедница, Василка Китановиќ од Српски културен центар, Примислав Станоевиќ и Момчило Велиќ од КУД „Свети Сава први“ и Гордана Јовиќ-Стојковска и Зоран Жугиќ од Српска заедница во Македонија, како дел од српската заедница, Изета Бабачиќ од Диванхава од бошњачката заедница и Мелек Адем од Зор Дернек и Шенол Тахир од Хид-бах-шен како дел од турската заедница.

- Во фокус на разговорот меѓудругото беа и прашањата и предизвиците со кои се соочуваат помалите етнички заедници во земјава, а средбата се одржа во конструктивна атмосфера на која беа разменети мислења и ставови за можните проекти на кои треба да се работи, како и на фактот дека исклучително е важна соработката со цел подобрување на нивната положба и ширење на мултиетничкиот дух, како и јакнење на соработката со граѓанскиот сектор, подобрување на видливоста и транспарентноста на здруженијата и зајакнување на партнерските односи со надлежните органи во РС Македонија, локалните самоуправи и невладините организации, соопштија од Кабинет на потпретседател на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците.

Стоилковиќ ги запознал претставниците на НВО со идните планови на Министерството за односи меѓу заедниците, односно со фактот дека согласно Буџетот за следната година предвидено сите етнички заедници да добијат еднакви средства за одбележување на својот национален ден со фокус - напредок во извештајот на ЕК во областа на почитување на правата на помалите заедници.

- Очекувам издржани проекти бидејќи нема да се толерираат импровизации. Ќе биде формирана комисија која во соработка со ЕК и ОБСЕ како поддржувачи на целиот процес ќе го контролира истиот, и затоа МОЗ ви стои на располагање со стручна помош, со единствена цел да добиеме издржани проекти кои ќе значат напредок и место во извештајот на ЕК, посочил Стоилковиќ.

На средбата, се вели во соопштението, соговорниците се согласиле дека исклучително е важна меѓусебната соработка и дека за да има резултати, освен иницијатива треба и напорно да се работи.

Сеизмолошката опсерваторија регистрира земјотрес од 3 степени по Рихтер

 Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија денеска во 12 часот и 09 минути, регистрира земјотрес со Рихтерова локална магнитуда ML3.0 степени, чиј епицентар се наоѓа на132 km југоисточно од Скопје.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија денеска во 12 часот и 09 минути, регистрира земјотрес со Рихтерова локална магнитуда ML3.0 степени, чиј епицентар се наоѓа на132 km југоисточно од Скопје, во епицентралното подрачје Валандово.

Земјотресот, според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, е почувствуван во југоисточниот дел на државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

притисни ентер