Си Џинпинг бара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Кинескиот претседател Си Џинпинг го повтори повикот за итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, јавуваат државните медиуми.

Кинескиот претседател ги повтори повиците за итен прекин на огнот на сите страни во конфликтот меѓу Израел и Хамас и за ослободување на приведените цивили.

Тој ги даде коментарите додека зборуваше денеска на вонредниот виртуелен самит на БРИКС за палестинско-израелското прашање.

„Во сегашната ситуација, навремено и неопходно е БРИКС да биде глас на правдата и мирот за палестинско-израелското прашање“, рече Си, според извештајот на државната новинска агенција Ксинхуа.

Си, исто така, повика да се запрат сите насилства и напади врз цивили, да се преземат чекори за да се обезбеди безбедно и непречено поминување на хуманитарната помош, да се обезбеди поголема хуманитарна помош за луѓето во Газа и да се запре „колективната казна“ за луѓето од Газа преку присилна миграција и прекин на снабдувањето со вода, електрична енергија и нафта.

„Повеќе пати нагласив дека крајниот начин за решавање на повторливите конфликти меѓу Палестина и Израел е „решението со две држави““, рече Си, додавајќи дека без праведно решение на палестинското прашање, нема да има траен мир и стабилност на Блискиот Исток.

На итниот виртуелен самит присуствуваа Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Јужна Африка претседаваше со виртуелниот самит. Јужноафриканското претседателство соопшти дека лидерите на Саудиска Арабија, Аргентина, Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, исто така, биле поканети да присуствуваат и да зборуваат.

Си и кон средината на октомври повика на прекин на огнот и рече дека решението со две држави е единствениот излез од конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Во тоа време тој рече дека Кина е подготвена да работи со Египет и арапските нации за „промовирање на сеопфатно, праведно и трајно решение за палестинското прашање“, според CCTV, пренесе Си-Ен-Ен.

Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ во Скопје

Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ во Скопје, не се очекуваат доцнења.

Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, за време на одржувањето на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, денеска, утре (30 ноември) и задутре (1-ви декември), ќе се одвива регуларно, информираат од ТАВ Македонија. И од Македонска навигација М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, не очекуваат доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените за министерскиот состанок на ОБСЕ.

Од ТАВ апелираат патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот за да стигнат навреме на аеродромот.

-ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена - 29-ти ноември, 30-ти ноември и 1-ви декември, за време на одржувањето на 30-тиот Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме, велат од ТАВ Македонија.

Од М-НАВ, пак, во изјава за МИА истакнуваа дека, согласно објавените капацитети и расположливиот човечки потенцијал, не очекуваат никакви доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените летови поврзани со Министерскиот состанок на ОБСЕ.

-Сите воздухоплови ќе бидат опслужени на ефикасен и безбеден начин согласно потребите, најавуваат од М-НАВ.

Здравствените установи ќе работат нормално за време на Министерскиот совет на ОБСЕ

Здравствените установи во Скопје денеска и утре ќе работат вообичаено, иако утрешниот ден е прогласен за неработен за државната и јавната администрација поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.   

Од Министерството за здравство велат дека нема да има никакви пречки во испораката на здравствената заштита на пациентите во овие два дена. Поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ, медицинските установи се должни да имаат обезбедено дежурни лекарски екипи и друг медицински персонал со потребни простории и опрема за укажување на медицинска помош, доколку има потреба.

- Потребите за обезбедување на Самитот се веќе лоцирани. Лоцирани се екипи, возила, сѐ е покриено и во ред. Мапирани се екипи од други градови и се на „стенд бај“, доколку има потреба, ќе бидат ставени на располагање за задоволување на потребите, велат од Министерството за здравство во изјава за МИА.

И од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) велат дека ќе работат вообичаено.

- Клиниката ќе работи нормално во среда и четврток, независно што во Скопје с еодржува состанокото на министри на ОБСЕ. Сите вработени ќе бидат на своите работни места, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ Александар Трајановски за МИА.

Јавниот превоз во Скопје денеска и утре со изменет режим

Поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз во Скопје денеска и утре ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.

Во петок (1 декември) јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а тоа се однесува и на билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје. Жичарницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.

Според најавата од ЈСП, денеска автобусите ќе возат вообичаено, согласно со важечкиот возен ред (делничен зимен), а утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Почнувајќи од денеска од 13 часот, па сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ в четврток линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.

Линии 8 и 15А од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“ Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“

Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта. Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Сите билетарници и центри за персонализација на ЈСП Скопје денеска ќе работат од 6.30 до 13 часот, а утре за сите ќе биде неработен ден.

притисни ентер