Се живее ли подобро во Радуша денес или пред 2001 година?

Радуша е познато по воениот конфликт 2001 години и жестоките борби меѓу македонските безбедносните сили и УЧК. Но, како изгледа селото денес?

Колку жители останаа таму и што мислат за секојдневните најави од некои партии за нови можни дестабилизации и несигурност?

Одговорите на овие прашања од ексклузивната репортажа на Александар Видиновски, токму од Радуша.

За жал ова се сликите по кои го знаеме селото Радуша. Жестоки борби, хеликоптери, борбени авиони, страдање. Накратко, препознатливо е по ужасот на војната. Многу малку, најверојатно само постарите, знаат дека Радуша порано беше развиено мултиетничко село. Имало поликлиника, кино, отворен базен, аптеки, работнички одморалишта и најважно рудник за Хром.

Сакавме да видиме како живее денес селото. Кои се проблемите на мештаните и што мислат за предупредувања од некои политички партии за можна нова дестабилизација?

Тргнавме од Скопје преку Кондово и долно Свиларе. Денот убав, природата уште поубава. За жал, како и во повеќето места во Македонија и тука го има она по што веќе сме препознатливи. Огромен количества отпадоци се расфрлани покрај патот.

За половина час од Скопје пристигнавме во Радуша. На влезот не дочека сообраќаен знак напишан само на албански јазик. Внатре во селото гледаме контрасти. Последиците од војната лесно се забележуваат. Куќите се обновени, но не сите. Пред 2001 прва тука имало и македонски фамилии. Веќе не. Запелени им се.

Се искачивме на првото брдо да го видиме селото одозгора. Токму на ова место, каде границата со Косово е оддалечена стотина метри, целосно уништените објекти сведочат за разорното дејство на војната.

Доле во селото наидуваме на споменик на борците на НОВ. Подигнат за сите оние кои се бореле против фашистите. Сега и тој е разнесен. Преполовен сведочи за траумата и конфузијата за тоа на кој може да му пречи споменот за оние кој создадоа оваа држава. Тука е и административната зграда на рудникот. Целосно напуштена и уништена. Тука е и железничката станица. Прекрасниот објект е целосно разурнат. Целата железничка инфраструктура е уништена. Просто е неверојатно што овие работи сè уште не се обновени. Во селото имало и аптеки, медицинска установа, дури и базен изграден според сите стандарди...

Тука природно се поставува следното прашање. Ако Радуша го имала сето ова пред конфликтот во 2001 години, дали локалните жители живеат подобро сега или пред кризата?

Репортажата ја снимаме во период на зголемени политички тензии. Одредени партии се погласно зборуваат за можна повторна дестабилизација. Впечатокот барем од луѓето со кои ние разговаравме е дека овие најави или сценарија се веќе „прочитани“. Луѓето како да ги надживеаја етно-наративите, за кои велат дека постојано им се наметнуваат.

Радуша денес е познато и по ова. Сред село има огромен споменик на Адем Јашари. До него тенк Т55. Во 2001вата напуштен од единиците на АРМ. Сега служи како како трофеј. Но, дали сите жители на Радуша гледаат со гордост на овој комплекс и што претставува тој за нив?

Овие луѓе ги делат истите комуналните и инфраструктурни проблеми како жителите на речиси сите села во Македонија. Немаа лекар, имаат проблеми со патот, но го спомнаа и уништувањето на животната средина. Не однесоа да го видиме….

Со овој поразителен пејсаж полека си заминуваме од Радуша. Чувствата се измешани. Ги видовме последиците од војната. Го воочивме јасниот регрес во ова македонско село. Сепак, оттука си одиме и со нови пријатели. Не примија искрено, со раширени раце...Не сакаат нови проблеми, желбата им е да живеат мирно и квалитетно во сопствената држава. Ни укажаа на лошите работи, но и на добрите. И покрај иселувањето, има и такви кои се враќаат и инвестираат во селото. Ни посакаа добар пат назад и не поканија повотрно да дојдеме. Делиме идентични проблеми кои бараат идентични решенија. Посакаа да разговараме како да си го подобриме животот, а не за замислени поделби, дестабилизации и конфликти

Макпетрол организираше специјален пречек за медалистот Стојановски

Македонскиот каратист Стефан Стојановиќ е пречекан со сите почести во карате матичниот негов клуб Макпетрол.

Стојановиќ на неодамнешното Светско карате првенство за кадети, јуниори и У-21 во Венеција,Италија, освои бронзен медал во категоријата +84 кг.

- На специјалниот пречек организиран со сите почести во матичниот клуб „Макпетрол“ присуствуваа сите другари од клубот предводени од стратегот Бошко Заборски кој не го криеше задоволството од успехот на Стефан, како и тренерот Петар Заборски, кој се рехабилитира од повредата. Стојановиќ е единствениот каратист од македонската карате репрезентација кој освои медал на шампионатот, соопштија од КК Макпетрол.

На Стојановиќ ова му е втор медал од младинските шампионати, пред две години во Коња, Турција, освои сребро.

Стефан е прв на Светската ранг-листа на ВКФ во категоријата над 84 килограми во У-21.

Златевски : Лозарите бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозја

Лозаропроизводителите бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозја, изјави денеска за МИА, Јован Златевски, претседател на Сојузот на здруженија на лозари со седиште во Кавадарци.

Тој е претседател и на потсекторската група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Всушност, производителите на грозје бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозов насад. Само како споредба, тие субвенции сега кај нас изнесуваат 40 илјади денари за хектар, а во Косово се околу 60 илјади денари, појасни Златевски.

Ќе се бара исто така младите земјоделци до 35 години да имаат предност при државното субвенционирање, за купување земјоделска механизација, мрежи за заштита од преголема изложеност на сонце на земјоделските производи и слично.

Златевски истакна дека едно од барањата со кои ќе настапат на следниот состанок на потсекторската група, е и тоа, да се издејствува, обесштетување на лозарите, поради штети претрпени во лозјата, од елементарна непогода суша, што го зафати регионот во текот на летото.

Кремљ го отфрли планот на Зеленски за победа и повика на „будење“ на Украина

Кремљ денеска го отфрли „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави пред украинскиот парламент и ја повика Украина „да се разбуди“.

- Единствениот мировен план што може да постои е киевскиот режим да сфати дека неговата политика е без перспектива и дека е неопходно да се разбуди, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.

Зеленски, претставувајќи го својот план за победа над Русија пред пратениците во Киев, се заложи за распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање во Украина.

- Украина предлага распоредување на својата територија на целосен сет мерки за ненуклеарно стратешко одвраќање, кој ќе биде доволен за заштита од секоја воена закана од Русија, рече Зеленски и додаде дека оваа точка е детално објаснета во „тајниот анекс“ на неговиот план за победа, кој е презентиран пред САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Тој најави дека утре ќе замине на самитот на ЕУ за да го претстави својот план за победа, на покана од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Утре јавно ќе го претставам планот за победа на состанокот на Европскиот совет“, рече Зеленски во говорот пред украинскиот парламент во Киев.

Како што пренесува Киев Индепендент, планот се состои од пет клучни точки: членство во НАТО; одбрана; одвраќање на руската агресија; економски раст и соработка, повоена безбедносна архитектура

Планот вклучува и три тајни додатоци поврзани со чувствителните делови кои нема да бидат објавени во јавноста, но ќе бидат клучни за спроведување на стратешките цели на Украина.

- Доколку планот биде поддржан, можеме да ја завршиме војната најдоцна следната година, рече Зеленски во парламентот во присуство на врховниот командант Александар Сирски, шефот на военото разузнавање Кирил Буданов и западни дипломати.

Поканата до Украина за членство во НАТО е на врвот на листата. Киев го поднесе своето барање за приклучување во септември 2022 година, но сè уште не добил јасен сигнал од сојузниците. Зеленски рече дека тој чекор треба да се направи „сега“, што е отстапување од неговите претходни коментари дека чекорот може да се одложи до крајот на војната.

Друга точка ја нагласува потребата од пренесување на војната на руска територија, како што беше случајот за време на прекуграничниот упад во Курск, започнат на почетокот на август. Ставката, исто така, повикува на укинување на ограничувањата за напади со оружје со долг дострел во Русија, дополнителни испораки на оружја со долг дострел и поддршка од Западот за соборување руски ракети и беспилотни летала над Украина.

Третата точка се однесува на ненуклеарното одвраќање и вклучува таен дел. Украина предлага „сеопфатен ненуклеарен стратешки пакет за одвраќање на нејзина територија“ кој ќе ја заштити земјата од идна агресија.

Четвртиот дел се занимава со употребата на Украина на нејзините природни ресурси, како што се ураниум, титаниум и литиум, кои претставуваат потенцијал за економски раст за Киев и ЕУ. Украина нуди посебен договор за заеднички инвестиции и користење на овие ресурси со ЕУ и САД. Дел, исто така, повикува на зајакнување на меѓународните санкции против Русија за да се поткопа нејзината способност да се спротивстави на нејзината агресија.

Петтиот дел се однесува на повоената безбедносна архитектура на Украина. Киев може да се пофали со голема и искусна воена сила која треба да го зајакне НАТО и европскиот континент, истакна Зеленски.

притисни ентер