Одбележана годишнината од убиството на шведските фудбалски навивачи во Брисел

Во Брисел денеска беше одбележана годишнината од ланскиот терористички напад, при кој беа убиени двајца шведски навивачи, кои беа дојдени во белгискиот главен град за следење на фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одбележувањето на годишнината започна со полагање венци на местото на нападот, плоштадот „Сенктелет“, од страна на премиерите на Белгија и Шведска, Александар Де Кро и Улф Кристершон.

Покрај двајцата премиер, на церемонијата присуствуваа и белгиските министри за правда и внатрешни работи, Пол Ван Тигхелт и Анелис Верлинден, бриселскиот градоначалник Филип Клоз, членови на семејствата на жртвите, како и возачот на таксито во кои се наоѓаа нападнатите Швеѓани.

Нападот го изврши Тунижанецот Абдесалем Ласуед на 16 октомври 2023 година, нешто по 19 часот, отворајќи оган врз такси возило, при што уби двајца Швеѓани и рани трет на возраст од околу 70 години.

Набрзо по инцидентот, Ласуед, кој беше во бегство, презеде одговорност за нападот во видео објавено на социјалните мрежи. Тој беше убиен од страна на полицијата следниот утро во кафуле во белгиската населба Скарбек, при обидот за негово апсење.

Инаку, одговорност за нападот презеде терористичката група Исламска држава.

Сиљановска Давкова го прими генерал Метин Ѓурак, началник на ГШ на Вооружените сили на Турција

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими генерал Метин Ѓурак, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција.

На средбата беше разговаранo за севкупните билатерални односи меѓу двете држави во областа на одбраната, коишто бележат континуиран развој, во духот на НАТО сојузништвото и стратешкото партнерство во сите области од заемен интерес.

Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова го нагласи исклучително значајниот придонес на турските вооружени сили преку воено-финансиските договори, како и годишните планови за соработка кои обезбедуваат финансиска поддршка, воена опрема, одбранбени системи и обука на нашиот воен персонал.

Изразувајќи задоволство од непоколебливата и конкретна поддршка од Турција и турските институции од осамостојувањето на македонската држава, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за дополнително негување и зајакнување на блиските врски меѓу двете држави и за поттикнување на меѓусебни посети на високо ниво, соопштуваат од Кабинетот на претседрателката .

Меџити се сретна со новоименуваниот амбасадор на Бугарија Жељаско Радуков

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија, Жељаско Радуков.

Меџити, откако му го честиташе именувањето на новата функција, на бугарскиот амбасадор му посака успешна работа во нашата земја, како и продолжување на соработката во сите области од интерес на двете земји.

Двајцата соговорници изразија волја за отворен дијалог, зајакнување на трговската размена, како и протокот на луѓе меѓу двете земји, преку позитивна волја и добри намери.

Амбасадорот Радуков минатиот месец е именуван на оваа позиција, а го наследи долгогодишниот бугарски амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, се наведува во соопштението.

Алишан: Лицата со попреченост бараат итна средба со владата

Очекуваме средба од која ќе произлезе преговарачка рамка и вметнување во уставот на лицата со попреченост.

Лицата со попреченост бараат итна средба со владата за формирање на преговарачка рамка која како што велат ќе им овозможи подостоинствен живот. Суарет Алишан од коалицијата „Менуваме“ вели дека тие очекуваат лицата со попреченост што побргу да станат уставна категорија, и очекуваат поголема грижа за нивните потреби од страна на државата.

притисни ентер