Се огласи Џо Бајден, откако судот го прогласи син му за виновен

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е горд на својот син Хантер бидејќи ја надминал зависноста од дрога, во првата реакција на пресудата на Хантер Бајден за три кривични дела.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е горд на својот син Хантер бидејќи ја надминал зависноста од дрога, во првата реакција на пресудата на Хантер Бајден за три кривични дела поврзани со купување и поседување оружје во периодот кога бил зависник.

- Како што кажав минатата недела, јас сум претседател, но сум и татко. (Прва дама) Џил и јас го сакаме нашиот син и многу сме горди на човекот што тој е денес. „Толку многу семејства имаа најблиски кои се бореа со зависноста и го разбираат чувството на гордост кога ќе видат некој што го сакаат толку силен и издржлив во закрепнување“, рече Бајден.

Американскиот претседател нагласи дека го прифаќа исходот од судењето и ќе го почитува судскиот процес додека Хантер размислува дали да поднесе жалба.

Џо Бајден претходно изјави дека нема да го помилува Хантер, потсетува Ројтерс.

Хантер Бајден денеска јавно одговори на пресудата за вина, велејќи дека е „повеќе благодарен за љубовта и поддршката“ на неговото семејство отколку што е „разочаран од исходот“.

- Закрепнувањето е можно со Божјата милост, а јас сум благословен што можам да го доживувам тој дар од ден на ден - рече тој.

Адвокатот на Хантер Бајден, Абе Ловел, исто така, во изјава рече дека се разочарани од пресудата, но дека ќе продолжат да ги разгледуваат достапните правни опции.

Над еден милион странци живеат во Истанбул, од кои половина се Сиријци под привремена заштита

Повеќе од еден милион странци живеат во Истанбул, а половина од нив се Сиријци под привремена заштита во земјата, покажуваат податоците објавени од турското Министерство за внатрешни работи.

Според регистрите на Генералниот директорат за миграциски прашања, во градот на Босфор живеат вкупно 1.087.017 странски државјани со дозволи за престој.

Речиси половина од странците кои живеат во Истанбул се Сиријци - 530.612 лица. Тие се под привремена заштита на турската држава.

Под меѓународна заштита во метрополата се вкупно 3.252 странци, покажуваат податоците./МИА

Ребров: Многу важна победа за тимот и за државата

Селекторот на Украина, Серхи Ребров, беше исклучително задоволен од духот што го покажаа неговите играчи за победа од 2:1 против Словачка.

-Многу сум среќен за играчите. Реагиравме многу добро откако примивме гол. На полувремето променивме некои работи во однос на високиот пресинг. Играчите кои дојдоа од клупата ни помогнаа да ја подобриме нашата игра. Најважно е дека го покажавме нашиот дух. Мора да се фокусираме на следниот натпревар, но тоа беше многу важна победа за тимот и за земјата. Не викав на полувремето, само требаше да реагираме. Знаевме дека не притискаме доволно високо и ова беше нашата единствена шанса. Така им кажав на играчите“, изјави Ребров.

Ребров зборуваше и за својата одлука да стартува со Анатолиј Трубин на голот.

-Мило ми е што имаме добра конкуренција меѓу голманите. Мислам дека Трубин заслужи шанса по настапот против Германија. Беше многу мирен и можеше да започне пред овој натпревар, истакна тој. /МИА

Аргентинскиот претседател Милeи ја почна својата европска турнеја

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи попладнево пристигна во Мадрид, започнувајќи ја својата турнеја низ Европа, во која ќе биде вклучена и Германија, јави ДПА.

Тој беше игнориран од шпанската левичарска влада и од кралот Фелипе Шести, со кого нема предвидена средба.

На предизборен митинг за европските избори, организиран од шпанската партија „Вокс“ во мај, Милеи го нападна шпанскиот премиер Педро Санчез и ја нарече неговата сопруга Бегоња Гомез „корумпирана“.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес, пак, го обвини Милеи дека ја напаѓа шпанската демократија, шпанските институции и Шпанија како целина. Милеи го отфрли барањето за јавно извинување и оттогаш продолжува со вербалните напади.

Во рамките на посетата, аргентинскиот лидер има планирана средба со премиерката на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо, која е претставник на конзервативната Народна партија.

Милеи се очекува утре да биде во Хамбург, а в недела во Берлин ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц. Последната станица од европската турнеја на аргентинскиот претседател е Чешка./МИА

притисни ентер