Се менува внатрешноста на автомобилите, се воведува „паметна“ шофершајбна

Германскиот Zeiss, познат по леќите за очила, и корејскиот автомобилски гигант Hyundai овој месец се договорија за стратешко партнерство.

Нивната цел е да го создадат првиот проѕирен холографски дисплеј на автомобилскиот пазар, пишува Форбс.

Идејата е да се постават сите клучни информации за возењето на проѕирни екрани на исто ниво со долниот дел од шофершајбната за да може возачот да ги види информациите без да го тргне погледот од патот. Во исто време, некои видео содржини како филмови или видео повик може да се прикажат на шофершајбната од совозачката страна.

Таков дисплеј ќе биде овозможен со конвергенција на автомобилските електронски системи и ултра прецизната оптичка технологија. Со оглед на тоа дека некои информации ќе бидат преместени од таблата со инструменти на стаклото, ова на крајот би требало да резултира со нов дизајн на кокпитот.

Таквиот дисплеј може да резултира со отстранување на различни екрани на допир и враќање на физичките копчиња на таблата со инструменти. И покрај многуте поплаки дека навигацијата со такви екрани го одвлекува вниманието на возачот од возење, тие сè уште се вообичаени кај модерните автомобили.

Се чини дека Hyundai, односно компанијата Hyundai Mobis и ZEISS не планираат да го развијат споменатото решение само за возилата на Hyundai, туку за сите заинтересирани производители на автомобили. Нивниот производ ќе се вика „Transparent Windscreen Displays“, а клучот за проектирање на содржината на шофершајбната ќе биде проектор и функционален филм.

Hyundai Mobis ќе го надгледува развојот на системот и ќе биде одговорен за развојот на проекторот што ќе ја прикажува содржината на стаклото користејќи леќи и рефлектори. Оваа технологија бара решенија за минијатуризација, намалување на шумот, намалување на топлината и термичко управување оптимизирани за патнички возила.

За да се прикаже содржината на проѕирната шофершајбна од светлината што ја емитува проекторот, потребен е проѕирен, тенок филм што применува холографска технологија. Овој филм создава различни обрасци користејќи фотохемиски својства кога влегува светлината, создавајќи видеа и слики. Дебелината на филмот е помала од 100 микрометри или околу 0,1 милиметар, што значи дека е едвај подебел од човечко влакно.

Во своите соопштенија за медиумите, Hyundai и ZEISS не нудат одговори на прашањата дали забавните содржини на совозачката страна на стаклото ќе го одвлечат вниманието на возачот и дали информациите ќе можат добро да се видат дури и во најсончевиот ден.

Двете компании веќе започнаа со развој на производи со комбинирање на специјализирани технички способности, а минатиот месец развиле прототип. Тие планираат да започнат со масовно производство во 2027 година.

Според предвидувањата на меѓународната компанија за истражување на пазарот OMDIA Research, светскиот холографски пазар на вакви решенија се очекува да порасне на околу седум милиони единици до 2030 година, поставувајќи се како нов тренд во областа на дисплеите од следната генерација, според Форбс.

ИДФ тврди дека во болницата во Газа заробиле 100 милитанти, Хамас негира дека биле војници

Израелските војници заробиле околу 100 лица осомничени дека се милитанти на Хамас во рација во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, соопшти денеска армијата.

Здравствените власти во Газа и Хамас негираа дека имало воено присуство во болницата, во која израелските сили упаднаа во петокот и ја напуштија во саботата.

„Војниците заробија приближно 100 терористи во комплексот, вклучително и терористи кои се обидоа да избегаат за време на евакуацијата на цивилите. Тие пронајдоа оружје, пари и разузнавачки документи во болницата“, соопшти војската.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека војниците привеле десетици машки работници и ја оштетиле болницата, која веќе едвај функционирала поради израелските воени операции во областа.

„Неколку идентификувани терористи се маскираа како медицински персонал, така што немавме алтернатива, освен што моравме да го провериме и медицинскиот персонал“, изјави воен претставник за новинарите на онлајн брифингот.

Снимката објавена од Министерството за здравство на Газа во саботата, која Ројтерс не можел независно да ја потврди, покажува оштетување на неколку згради по повлекувањето на израелските сили.

Воен функционер изјави дека војниците нанеле ограничена штета на болницата кога влегле и дека морале да уништат опрема за „двојна намена“, како што се боци со кислород, што можело да повреди секого во комплексот во случај на детонација.

Медицинскиот персонал одбил да ја напушти болницата и да ги остави своите пациенти без надзор. Таму засолниште побарале и стотици раселени Палестинци.

„Ги евакуираа сите што се засолниле таму... Ги одвоија мажите од жените и направија две колони, тоа беше многу понижувачки за нашите мажи бидејќи ги носеа без облека и немаа со што да се покријат“, изјави болничарот Мејсун Алиан.

Воениот претставник додаде дека осомничените членови на Хамас биле соблечени за да се провери дали носат оружје.

„По проверката, им дадовме облека“, рече тој.

Болничарите во Газа соопштија дека најмалку две деца загинале во единицата за интензивна нега откако израелски оган ги погодил генераторите и станицата за кислород во петокот.

Војската соопшти дека цивилите во болницата се безбедни и покрај тешките борби во близина на комплексот. Гориво, медицинска опрема и крв се доставени во болницата, а обезбедени се и снабдувањето со електрична енергија и кислород, соопшти војската.

Иран егзекутира германско-ирански дисидент

Иран го погуби германско-иранскиот дисидент Џамшид Шармахд, откако беше осуден за „водење терористички операции“, јавуваат државните медиуми.

Шармахд минатата година беше осуден на смрт за „корупција на Земјата“, откако беше обвинет дека ја водел промонархистичката група „Кралството на Иран“ со седиште во САД, пишува Би-Би-Си.

Тој ги негирал обвиненијата, додека неговото семејство тврдело дека тој бил само портпарол на групата, позната и како Тондар (персиски за гром).

Шармахд, кој живеел во САД, се верува дека бил киднапиран од ирански агенти во Дубаи во 2020 година, а потоа насилно одведен во Иран преку Оман.

Амнести интернешнал тврдеше дека бил принуден да признае и му кажал на семејството дека бил мачен во притвор. Според групата за човекови права, Шармахд создал веб-страница за објавување изјави од КАИ, малку позната група со седиште во САД која се обидува да ја врати монархијата која беше соборена во Исламската револуција во 1979 година.

Сепак, иранските власти соопштија дека тој бил водачот на Тондар и дека „планирал 23 терористички напади“, од кои „пет биле успешни“, вклучувајќи го и бомбашкиот напад во џамијата во Шираз во 2008 година, во кој загинаа 14 лица.

Кога Шармахд бил осуден во февруари минатата година, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го осуди како „апсолутно неприфатливо“.

Тој бил погубен вчера, по одобрение на Врховниот суд, е објавено денеска на веб-страницата на иранското Министерство за правда.

Познат кардиолог е осуден на 158 години затвор: Намамувал жени преку „Тиндер“, па ги силувал

Стивен Метјуз, поранешен кардиолог од Денвер, Колорадо, е осуден на 158 години затвор откако беше прогласен за виновен за серија злосторства против неколку жени.

Помеѓу 2019 и 2023 година, Метјус дрогирал, сексуално напаѓал и силувал бројни жртви кои ги запознал преку апликации за запознавање како што се Hinge и Tinder. Неговите злосторства станаа јавни кога една жена го пријавила нападот откако излегле заедно, охрабрувајќи ги другите жртви да се јават.

Во август, поротата го осуди Метјус дека намамил жени во неговиот дом во западен Денвер додека биле на средби, а потоа им ставал дрога во пијалоците. Многу од жените рекоа дека имаат само спорадични сеќавања на она што се случило откако пиеле. Некои сведочеа дека откако се освестиле, се нашле голи во кревет додека Метјус ги силувал.

На судењето, кое започнало во август 2024 година, 11 жртви сведочеле за тешките ефекти од нападот, вклучувајќи губење на свеста и симптоми на посттрауматско стресно растројство.

Судијата Ерик Џонсон го опишал Метјус како „сексуално насилен предатор“ и ја нагласи штетата што тој ја нанел на заедницата.

Државната обвинителка го изразила своето задоволство од пресудата, нагласувајќи ја важноста од поддршката на жртвите и правдата што е постигната во овој случај преку нивниот храбар став, пренесува Си-Би-Ес.

Во образложението на пресудата се наведува дека ова е силна порака за решеноста на правосудниот систем да ги заштити жртвите и сериозно да ги санкционира сторителите на ваквите кривични дела.

притисни ентер