Русија со своја мисија на Месечината

Русија на 11 август почнува со евакуација на село на далечниот исток на земјата, како подготовка за лансирањето на руска мисија за слетување на Месечината. 

Ова ќе биде прво лансирање на руско летало на Месечината по 1976 година, објави руската вселенска агенција Роскосмос.

Жителите на селото Шахтински во руската област Хабаровск, југоисточно од местото на лансирање, ќе бидат евакуирани рано наутро в петок, бидејќи селото се наоѓа во област каде што се предвидува дека ќе паднат ракетните стабилизатори по лансирањето.

Месечевото летало „Луна-25“ ќе биде лансирано од космодромот „Восточни“ којшто се наоѓа на околу 5.550 километри источно од Москва. Во соопштението се додава дека тоа ќе биде првото вселенско летало што ќе слета на јужниот пол на Месечината и дека целите на мисијата се развивање технологии за меко слетување, истражување на внатрешната структура на Месечината и барање ресурси, како вода и друго. /МИА

ПСЖ одби да му плати на Мбапе 55 милиони евра и ќе ја оспори одлуката на ЛФП

Пари Сен-Жермен ќе продолжи да го оспорува плаќањето на долгот кон Килијан Мбапе.

Претходно, Француската професионална фудбалска лига (LFP) им наложи на парижаните да му платат на францускиот напаѓач долг од 55 милиони евра. Оваа сума претставува неисплатени плати и бонуси.

ЛФП постави осумдневен рок за плаќање, кој истече вчера. Во своето соопштение ПСЖ не ја споменува исплатата на оваа сума, туку напротив вели дека има намера спорот да го префрли на друг орган.

- ПСЖ поднесе жалба на одлуката на комисијата на ЛФП. Не се работи само за правната позиција на клубот, која е целосно оправдана. Станува збор и за интегритет, чесност, зачувување на вредностите и почитување на парискиот клуб и навивачите, што е поважно од кој било играч.

Од правен и фактички аспект, играчот има преземено јавни и приватни обврски кои клубот едноставно бара да се исполнат. Покрај тоа, играчот доби невидени привилегии од клубот цели 7 години во Париз.

Клубот со нетрпение очекува овие фундаментални и неоспорни обврски да бидат почитувани од соодветните органи, доколку играчот за жал одлучи да продолжи со оваа работа, која се чини дека е од сомнителен карактер од гледна точка на неговата репутација, соопштија од парискиот клуб.

Мбапе летово се пресели во Реал Мадрид како слободен играч по истекот на договорот со ПСЖ.

Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица)

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Во предвечерието на великиот празник, синоќа во Скопје беше донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. По свечениот пречек на иконата пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, беше отслужена Вечерна богослужба, по што се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје.

Утрово, пак, ќе биде отслужена света архијерејска литургија, на која ќе началствува неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак. Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос.

Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Заедно со Рождеството, според калнедарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска. Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.

[Празник на мајката на сите мајки Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, то]

Житие (МПЦ-ОА): Рождество на Пресвета Богородица Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.

Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа.

Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук - но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Расходите на Харис во август во кампањата се три пати поголеми од оние на Трамп

Расходите од минатиот месец во кампањата на американската потпретседателка Камала Харис, кандидатот на Демократската партија за претседателските избори на 5 ноември, се трипати повеќе од она што го потроши кампањата на Доналд Трамп.

Расходите од минатиот месец во кампањата на американската потпретседателка Камала Харис, кандидатот на Демократската партија за претседателските избори на 5 ноември, се трипати повеќе од она што го потроши кампањата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп во август, соопштија изборните штабови на ривалите.

Харис, која ја започна својата кампања во јули, откако го замени актуелниот претседател Џо Бајден, кој се повлече од трката, минатиот месец објави пред американската Федерална изборна комисија 174 милиони долари за трошоци. Од штабот на Трамп пријавиле трошоци од 61 милион долари.

Иако финансиската предност на Харис и помага за серија ТВ реклами за кампањата, тоа можеби нема да и донесе победа во ноември, наведуваат британски медиуми, истакнувајќи дека во 2016 година Трамп ја победи демократската противкандидатка Хилари Клинтон со помалку финансии.

Пред Федералната изборна комисија, потпретседателката на САД во август пријавила 190 милиони долари приход од донации, додека за Трамп - 45 милиони долари.

Најголем дел од трошоците што ги пријавија двајцата актуелни ривали за август беа токму за реклами, при што помали износи беа дадени за предизборни настани, патувања и плати на персоналот.

Персоналот на Харис соопшти дека направиле донација од 75.000 долари на Детроит Јунајтед Фонд, непрофитна организација што работи на зголемување на излезноста на црните гласачи во државата Мичиген.

притисни ентер