ПСЖ одби да му плати на Мбапе 55 милиони евра и ќе ја оспори одлуката на ЛФП

Пари Сен-Жермен ќе продолжи да го оспорува плаќањето на долгот кон Килијан Мбапе.

Претходно, Француската професионална фудбалска лига (LFP) им наложи на парижаните да му платат на францускиот напаѓач долг од 55 милиони евра. Оваа сума претставува неисплатени плати и бонуси.

ЛФП постави осумдневен рок за плаќање, кој истече вчера. Во своето соопштение ПСЖ не ја споменува исплатата на оваа сума, туку напротив вели дека има намера спорот да го префрли на друг орган.

- ПСЖ поднесе жалба на одлуката на комисијата на ЛФП. Не се работи само за правната позиција на клубот, која е целосно оправдана. Станува збор и за интегритет, чесност, зачувување на вредностите и почитување на парискиот клуб и навивачите, што е поважно од кој било играч.

Од правен и фактички аспект, играчот има преземено јавни и приватни обврски кои клубот едноставно бара да се исполнат. Покрај тоа, играчот доби невидени привилегии од клубот цели 7 години во Париз.

Клубот со нетрпение очекува овие фундаментални и неоспорни обврски да бидат почитувани од соодветните органи, доколку играчот за жал одлучи да продолжи со оваа работа, која се чини дека е од сомнителен карактер од гледна точка на неговата репутација, соопштија од парискиот клуб.

Мбапе летово се пресели во Реал Мадрид како слободен играч по истекот на договорот со ПСЖ.

Операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведено ремек-делото од Џузепе Верди, операта „Набуко“.

Како што информираат од Национална опера и балет, делото ќе биде изведено под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор.

Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull'ali dorate“ („Летај на златести крилја”)

Обилни дождови и поплави во Јапонија и Јужна Кореја

 Обилни дождови синоќа ги погодија Јапонија и Јужна Кореја, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето, поради што беа евакуирани стотици луѓе.

Денеска беше издадено предупредување за силен дожд за полуостровот Ното во јапонската префектура Ишикава, регион кој беше погоден од силен земјотрес за време на новогодишните празници, а метеоролошката служба соопшти дека областа сега е погодена од невидени врнежи. Повеќе од 120 милиметри дожд на час се забележани утринава во регионот Ното во централната јапонска префектура.

Надлежните соопштија дека најмалку едно лице се води за исчезнато, додека многу куќи се поплавени во општина Ваџими. Медиумите јавуваат дека едно лице е живо закопано во одронот.

Јапонската метеоролошка агенција исто така предупреди дека атмосферските услови ќе бидат крајно нестабилни во североисточниот регион Тохоку поради навлегувањето на топол и влажен воздух во систем со низок притисок.

Обилните дождови ја погодија и Јужна Кореја, предизвикувајќи лизгање на земјиштето и поплави, принудувајќи повеќе од 500 луѓе да се евакуираат во јужните региони, додека многу патишта и згради се под вода.

Централниот штаб за катастрофи и безбедносни контрамерки објави дека рано утринава се евакуирани 506 лица од 342 домаќинства во провинциите Северен Гјеонгсанг и јужен Чунгчеонг поради обилните врнежи од дожд. Обилните дождови поплавија и 54 делници од јавните патишта.

Министерството за внатрешни работи го подигна нивото на предупредување за обилни дождови на „алармантно“, а премиерот Хан Дук-су итно им нареди на службениците да ги мобилизираат сите расположливи административни ресурси за да се ублажат штетите и да се направат подготовки за понатамошни врнежи што ќе ги донесе тропскиот циклон Пуласан на јужниот брег.

ФИДЕ нема да ги откаже Конгресот и Генералното собрание поради поплавите во Будимпешта

 Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) смета дека поплавите во Будимпешта, кои се очекуваат до крајот на неделата, нема да го нарушат Конгресот и Генералното собрание.

- Локалните власти ни рекоа дека и покрај тешката ситуација, хотелот каде се одвиваат нашите активности не е во опасност, информираа ФИДЕ.

Конгресот на ФИДЕ започна во унгарската престолнина на 17 септември. Генералното собрание, ќе се одржи викендов.

притисни ентер