Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица)

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Во предвечерието на великиот празник, синоќа во Скопје беше донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. По свечениот пречек на иконата пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, беше отслужена Вечерна богослужба, по што се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје.

Утрово, пак, ќе биде отслужена света архијерејска литургија, на која ќе началствува неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак. Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос.

Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Заедно со Рождеството, според калнедарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска. Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.

[Празник на мајката на сите мајки Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, то]

Житие (МПЦ-ОА): Рождество на Пресвета Богородица Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.

Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа.

Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук - но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведено ремек-делото од Џузепе Верди, операта „Набуко“.

Како што информираат од Национална опера и балет, делото ќе биде изведено под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор.

Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull'ali dorate“ („Летај на златести крилја”)

Обилни дождови и поплави во Јапонија и Јужна Кореја

 Обилни дождови синоќа ги погодија Јапонија и Јужна Кореја, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето, поради што беа евакуирани стотици луѓе.

Денеска беше издадено предупредување за силен дожд за полуостровот Ното во јапонската префектура Ишикава, регион кој беше погоден од силен земјотрес за време на новогодишните празници, а метеоролошката служба соопшти дека областа сега е погодена од невидени врнежи. Повеќе од 120 милиметри дожд на час се забележани утринава во регионот Ното во централната јапонска префектура.

Надлежните соопштија дека најмалку едно лице се води за исчезнато, додека многу куќи се поплавени во општина Ваџими. Медиумите јавуваат дека едно лице е живо закопано во одронот.

Јапонската метеоролошка агенција исто така предупреди дека атмосферските услови ќе бидат крајно нестабилни во североисточниот регион Тохоку поради навлегувањето на топол и влажен воздух во систем со низок притисок.

Обилните дождови ја погодија и Јужна Кореја, предизвикувајќи лизгање на земјиштето и поплави, принудувајќи повеќе од 500 луѓе да се евакуираат во јужните региони, додека многу патишта и згради се под вода.

Централниот штаб за катастрофи и безбедносни контрамерки објави дека рано утринава се евакуирани 506 лица од 342 домаќинства во провинциите Северен Гјеонгсанг и јужен Чунгчеонг поради обилните врнежи од дожд. Обилните дождови поплавија и 54 делници од јавните патишта.

Министерството за внатрешни работи го подигна нивото на предупредување за обилни дождови на „алармантно“, а премиерот Хан Дук-су итно им нареди на службениците да ги мобилизираат сите расположливи административни ресурси за да се ублажат штетите и да се направат подготовки за понатамошни врнежи што ќе ги донесе тропскиот циклон Пуласан на јужниот брег.

ФИДЕ нема да ги откаже Конгресот и Генералното собрание поради поплавите во Будимпешта

 Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) смета дека поплавите во Будимпешта, кои се очекуваат до крајот на неделата, нема да го нарушат Конгресот и Генералното собрание.

- Локалните власти ни рекоа дека и покрај тешката ситуација, хотелот каде се одвиваат нашите активности не е во опасност, информираа ФИДЕ.

Конгресот на ФИДЕ започна во унгарската престолнина на 17 септември. Генералното собрание, ќе се одржи викендов.

притисни ентер