РСБСП: Подгответе се за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови

 Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) секоја година реализира кампања „Користи зимска опрема“.

Кампањата започнува на 15 ноември и трае до 15 март следната година, а се реализира со цел потсетување на возачите на законската обврска за задолжително носење и користење на зимска опрема за возилата во овој временски период, и нивно советување за подготовка на возилата за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови, информираат од РСБСП.

Зимската опрема за возилата подразбира - за лесни моторни возила зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) или - летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) и носење на синџири за снег во возилото, потоа за тешки моторни возила зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат (лопата).

-Зимските пневматици имаат подлабока шара која овозможува лесно истиснување на водата и снегот и се изготвени од материјал кој е флексибилен и во услови на ниски температури. Обезбедуваат стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото при зимски услови на патот. Зимските пневматици странично имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Комбинацијата, односно истовремената употреба на зимски и летни пневматици е исклучително опасна бидејќи го нарушува управувањето со возилото, особено траекторијата на движење и запирање на возилото, појаснуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

АД МЕПСО: Завршува модернизацијата на 110 киловолтното поле во 400/110 киловолтната ТС Битола 2

Завршува модернизацијата на 110 киловолтното  поле во 400/110 киловолтната трансформаторска станица (ТС) Битола 2. 

Во крајна фаза се проектите за промена на високонапонската опрема со кои по повеќе од 40 години, се заменија старите прекинувачи на 110 киловолтно напонско ниво, поставени се нови 67 разделувачи на 400 киловолтно и 110 киловолтно напонско ниво, 114 изолатори и 75 нови мерни трансформатори на 110 киловолтно напонско ниво, информираат од АД МЕПСО.

-Со овој процес на модернизација на опремата во оваа трансформаторска станица во која се вложени 4,2 милиони евра, на долг рок ја зголемуваме сигурноста во управувањето со електроенергетскиот систем затоа што вградуваме нова и високодоверлива опрема во постројката на која електрична енергија и ја предава нашиот најголемиот производител РЕК Битола. Проектот завршува следната недела кога под напон ќе биде пуштено последното поле, велат од МЕПСО.

Со модернизација и надградба на електропреносната мрежа, додаваат, не само што се зголемува безбедноста во снабдувањето со електрична енергија, туку на минимум ќе се сведат ризиците од испади или дефекти со што, како што посочуваат, значајно ќе се намалат трошоците кои компанијата ги прави за одржување на оваа трансформаторска станица.

ТС „Битола 2“ има уникатно системско значење бидејќи на овој енергетски јазол е приклучен комбинатот РЕК Битола, а воедно во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далноводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со соседниот електроенергетски систем на Република Грција, почетна точка е за 400 киловолтниот далновод кон Република Албанија, а од тука со 400 киловолтен далновод оваа станица е поврзана со ТС Дуброво.

Преосветена црквата „Св. Димитриј“ во Крива Паланка

Во Крива Паланка денеска, на патрон празникот на црковниот храм „Св.Димитриј“ , беше извршено преосветување на црквата.

Во присуство на голем број верници се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалствуваа архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан и митрополитот кумановско - осоговски, г. Григориј, во сослужение со свештенослужители од кривопаланечкото архиерејско намесништво.

Црквата „Св.Димитриј" изградена 1833 година, годинава беше обновена од страна на МПЦ, со изградена нова фасада, трем, нова влезна капија, обновена кровна конструкција, извршено е поплочување на дворното место и изградена е нова продавница за сувенири.Обнова е извршена и на внатрешноста на црквата, со освежување на иконостасот и нова декорација на фреските на олтарот што ја изврши кривопаланечката уметница и фрескоживописец, Христина Стојчевска.

Црквата е изградена со големо залагање на градските првенци и самиот ктитор Давид Јереј во 1833 година, а архитект е папрадишкиот мајстор Китан Петров. Внатрешноста на црквата е живописана во 1887 година од живописецот Димитар Андонов Папардишки. Иконостасот е богато украсен со флорални мотиви и пејзажи.

Во 19 век црквата била базата на духовниот живот во градот, а покрај центар на духовноста била центар и на образованието во тоа време.

Во 1998 година монографија посветена на храмот Св.Димитриј напишал познатиот кривопаланечки професор Јордан Михајловски.

Овој храм е тесно поврзан со духовниот живот во Крива Паланка и со манастирот Св Јоаким Осоговски.

Швајцарија го повлече пченкарното брашно од Србија од пазарот

Петпати повеќе афлатоксин од дозволеното.

Швајцарија повторно повлекува од пазарите пченкарно брашно со потекло од Србија - овојпат станува збор само за жолто брашно, а причината е значително поголема количина на афлатоксин од дозволеното со закон, објави РАСФФ, европскиот систем за брзо алармирање и информирање за храната.

Според веб-страницата на РАСФФ, дозволената количина на афлатоксин во пченкарното брашно е 2 µg/kg - ppb (два микрограми на килограм). Во примерок од брашно земен на 10 јули годинава, присуството на микотоксинот афлатоксин Б1 е откриено во поголема количина од дозволеното: во жолтото пченкарно брашно - 11,4 μg/kg, што претставува дури 5,7 пати повеќе од дозволеното.

Ризикот од користење на овој производ е оценет како „потенцијално сериозен“ и производот е повлечен од пазарот.

притисни ентер