Пронајдена дрога во Битола

Четириесет и деветгодишен битолчанец е приведен откако во неговиот дом е пронајдена дрога. 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека Д.Р. е приведен бидејќи при претрес извршен со судска наредба во неговиот дом и помошните простории е пронајдена марихуана и прашкаста материја.

По документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава./МИА

Филипини: Околу 130 лица го загубија животот или се водат како исчезнати во поплавите

Околу 130 лица го загубија животот или се водат како исчезнати во поплавите и лизгањето на земјиштето на Филипините.

Околу 130 луѓе го загубија животот или се водат како исчезнати во смртоносните поплави и лизгањето на земјиштето предизвикани од тропската бура „Трами“ на Филипините, а претседателот Фердинанд Маркос Јуниор рече дека многу области остануваат изолирани и на локалните жители им е потребна помош.

Владината агенција за катастрофи соопшти дека бурата завчера го зафати северозападниот дел на Филипините, при што животот го загубија најмалку 85 луѓе, а 41 други се водат како исчезнати. Ова ја прави една од најсмртоносните и најразорните бури во архипелагот на Југоисточна Азија досега оваа година. Се очекува бројот на загинати да се зголеми бидејќи пристигнуваат податоци од досега изолираните области.

Десетици полицајци, пожарникари и други работници за итни случаи, поддржани од тројца багери и кучиња трагачи, вчера ископаа еден од последните двајца исчезнати во езерото крај градот Талисај во провинцијата Батангас.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, кој вчера изврши увид во друга тешко погодена област југоисточно од Манила, рече дека невообичаено високата количина на дожд за време на невремето, вклучително и во некои области каде што врнеше дожд од еден до два месеци за само 24 часа, ги преоптовари службите за борба против поплавите во провинциите погодени од бурата.

Повеќе од пет милиони Филипинци беа погодени во невремето, вклучително и речиси половина милион кои побегнаа во повеќе од 6.300 засолништа за итни случаи поставени во неколку провинции, соопштија властите. /МИА

Меѓународен турнир во Битола во чест на шаховската легенда Борче Илиевски

Над 100 шахисти од земјава и од Грција викендов учествуваат на меѓународниот шаховски турнир во Битола посветен на шаховската легенда Борче Илиевски.

Првиот дел од турнирот почна синоќа со шаховска симултанка на интернационалниот мајстор Димитар Илиевски против млади шахисти од Скопје и Битола, а денес учесниците се натпреваруваат играјќи забрзан шах.

-Вториот ден од турнирот стартуваше со емитување на краток документарен филм „Јас и Фишер“ посветен на неодамна починатиот битолчанец, големата македонска шаховска легенда Борче Илиевски кој во 1967 година приреди вистинска сеназација играјќи реми со светски познатиот американски шахист Боби Фишер. Шахистот Илиевски бил мотив и инспирација за многу шахисти, а така е и овој викенд на кој учествуваат над 100 шахисти меѓу нив шаховскиот велемајстор Звонко Станојоски, олимпискиот шампион Тони Лазов, светската младинска првенка од Грција Евангелија Сиску, како и младиот шахист од Скопје Александар Стојковски кому семејството Илиевски му подарија комплет шаховски книги, вели во изјава за МИА претседателот на шаховскиот клуб „Шах-шех“ Зоран Попчевски.

Меѓународниот шаховски турнир во забрзан шах е традиционален и со натпреварувачки карактер, а наградите ги обезбеди домаќинот и организатор на турнирот, шаховскиот клуб „ШАХ-ШЕХ“ од Битола.

УЈП домаќин и модератор на регионален настан организиран од ММФ

Овој значаен настан е доказ за силната посветеност на УЈП во зајакнувањето на регионалната соработка.

Управата за јавни приходи во соработка со ММФ, беше домаќин и модератор на дводневен регионален настан насловен како „Заедница на практики“ во периодот од 24-25 октомври 2024 година, кој се реализира во рамки на Програмата за јакнење на капацитетите на даночните администрации од Западен Балкан и истиот овозможува не само размена на добри практики и искуства, туку и воспоставување конекции кои продолжуваат во тековното работење. Настанот се одржува веќе две години и е поддржан од Европската Комисија и Швајцарската конфедерација, а координиран од страна на ММФ преку регионалниот советник за приходи Дмитри Јегоров и експертот од главната канцеларија на ММФ Мајкл Харди.

Учесници на настанот беа даночните администрации од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Федерација БиХ (со учесници од кантоналната администрација и од Управата за индиректно оданочување која работи централизирано на ниво на Федерација) и дистрикт Брчко. Во поголем дел овие земји имаат сличности и исти почетни основи на даночните системи и администрации, а се среќаваат и со слични предизвици, што овозможува лесно меѓусебно разбирање и размена на искуства и споделување на најдобри практики и искуства.

Особено внимание привлече специјалната презентација на гостинот од Чешка, Михал Кубик, кој ги презентираше искуствата од политиката на отпис на долгови во Чешка, покажувајќи како оваа практика може ефикасно да ја подобри наплатата на даноците преку фокусирање исклучиво на наплатливите долгови. Презентацијата даде важен увид за регионалните администрации во користењето на отписот како алатка за управување со старите и ненаплатливи долгови, но и можност за поефикасно управување со даночниот долг преку добивање на реална информација за наплатливиот и ненаплатливиот долг.

Овој значаен настан е доказ за силната посветеност на УЈП во зајакнувањето на регионалната соработка и постојаното прифаќање на најдобрите практики за поефикасна даночна администрација и поефективно прибирање на даночни приходи.

Управа за јавни приходи

притисни ентер