Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Во Собранието денеска седници ќе одржат две комисии - Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за финансирање и буџет.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ. По амадманската расправа како Дополнет предлог буџет се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година.

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пак, ќе дискутираат за предлог - одлуките за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави. Исто така и за утврдување на предлог одлуки за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), за изменување на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и Разгледување на барањето за остварување на плата по престанок на функцијата Заменик Народен правобранител.

Сараево утрово прв на листата на градови во светот со најзагаден воздух, Скопје на 4 место

Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина утрово се најде на врвот на листата на светски градови со најзагаден воздух, покажуваат податоците на порталот „IQAir“.

Квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина е оценет како „опасен“, со индекс на квалитет 312.

Зад Сараево на листата е Лахоре (Пакистан), чиј индекс за квалитет на воздухот е 259, потоа Њу Делхи (Индија) со индекс 225, Скопје со 184 и Кувајт (Кувајт) со индекс 177.

Швајцарскиот „IQAir“ има повеќе од 10.000 мерни станици низ светот и го покажува квалитетот на воздухот низ планетата.

Во текот на зимската сезона во Сараево и некои градови во Босна и Херцеговина, дозволената концентрација на лебдечки честички се надминува речиси секој ден, а најголеми причинители за загадувањето се индустриските постројки, сообраќајот, согорувањето на отпадот и од затоплувањето на домаќинствата.

Баерн го израмни рекордот на Барселона за непобедлива серија на домашен терен во ЛШ

Баерн Минхен синоќа го совлада Пари Сен Жермен на „Алијанц Арена“ во натпреварот од 5. коло во Лигата на шампионите и ја продолжи серијата без пораз во европските купови.

Тимот од Минхен е непоразен на 33 последователни натпревари на домашен терен: 31 победа и 2 нерешени, што е најдолга низа во историјата на турнирот.

Баерн го израмни рекордот на Барселона во 33 последователни натпревари на домашен терен поставен во 2009 и 2020 година.

Со девет освоени бодови Баерн се искачи на 11. место во поредокот. ПСЖ падна на 26. место (4 бода).

НБРМ: Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. 

Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.

Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.

За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx

притисни ентер