Михајловски: Среќен сум што донесов медал за Македонија

Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал се врати од неодамнешното Европско сениорско првенство во Атина. Тој настапуваше во категоријата кик лајт, + 94 кг и беше блиску до финалето. 

Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал се врати од неодамнешното Европско сениорско првенство во Атина. Тој настапуваше во категоријата кик лајт, + 94 кг и беше блиску до финалето. И покрај пропуштената шанса да се бори за златото, Михалјовски во интервју за МИА, како успешен го оцени својот настап во грчката престолнина.

1. Стефан, дали си задоволен со бронзениот медал, и колку фалеше да се пласираш во финалето?

Првенствено како посветен спортист во областа на кикбоксот учеството на Европското првенство за сениори како и претставувањето на нашата држава како дел од репрезентативниот тим за мене претставуваше голема чест. Среќен сум што донесов медал за Македонија. Првата борба ми беше против германскиот репрезентативец Стефан Тих во која сметам дека одлично се претставив и прикажав боречки техники постигнати со макотрпни тренинзи и подготовки. Секако дека сум задоволен со освојувањето на бронзениот медал на ова Европско првенство, иако многу малку недостигаше во втората борба со украинскиот репрезентативец Бабенко да влезам во финалето и да се борам за златниот медал. Се работеше за разлика од еден поен согласно одуката на судиите, но сепак резултатот не беше поволен за мене. Иако не влегов во финалето сепак закитувањето со бронзен медал е спортски успех, големо искуство и можност за прикажување на постигнатите спортски вештини.

2. Што треба да се направи за да се дојде до медал на едно ЕП во кикбокс?

Учеството на големи натпреварувања како што се светски, европски и балкански првенства пред се бара еден континуитет во спортските тренинзи кои се одржуваат во матичниот клуб каде членуваат спортистите. Постојаното надградување и подобрувањето на спортските вештини во делот на кикбоксот како и унапредувањето во вежбите за зголемување во снагата, издржливоста, координацијата и агилноста се основен предуслов за постигнување на спортски успех кај спортистите. Постигнатите вештини првенствено се прикажуваат на државно ниво преку учество на државните првенства организирани од страна на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, па оттаму постигнувањата на државно ниво се основен предуслов за учество на големите светски, европски и балкански првенства како дел од репрезентативниот тим на нашата држава. Освојувањето на медали на овие првенства пред се зависи од сите горенаведени предуслови, а секако и од моменталните противници и одлуките на судиите пред се кога се работи за тесна борба.

3. Член си на клубот Прокик-Фемили. Раскажи ни како изгледаат твоите тренинзи.

Член сум на Клубот Прокик-Фемили веќе години наназад. Еден мој секојдневен тренинг првенствено започнува со основни вежби за загревање на телото како подготовка за продолжување со тренинг како и вежби за подобрување на брзината, моториката и координацијата. Потоа следуваат вежби за стречинг, односно истегнување на екстремитетите на телото, со посебен осврт во делот на нозете и рацете заради намалување на можноста од настанување на спортски повреди за време на тренингот. Во согласност со насоките на мојот тренер тренингот продолжува со практикување и подобрување на кикбокс вештините преку индивидуална работа со тренерот како и преку учество во спаринзи со останатите членови во клубот. Тренингот завршува со вежби за зголемување на снагата и издржливоста на телото. Освен секојдневниот тренажен процес пред учество на првенства по кикбокс секако одреден период претходно воведувам дополнителен тренинг во текот на секој ден заради зголемување на издржливоста и кондицијата за време на борбите.

4. И во минатото имаш успеси на меѓународна сцена. Дали добиваш поддршка од државата? Помага ли федерацијата, со опрема, реквизити, суплементи, обезбедување учество на силни тренинг-кампови со врвни европски кикбоксери?

Во досегашното спортување имам постигнато бројни спортски резултати како на државно така и на меѓународно ниво. Изминативе години освен поддршката од страна на клубот во кој што членувам поддршка имам и од државата преку обезбедување на стипендии , систем ваучери и останати финансиски поддршки во зависност од моите претходно постигнати спортски резултати. Секако нашата Кикбокс Маитаи федерација на Македонија несебично ме поддржува во секој поглед, стремејќи се кон се поголема финансиска поддршка која секако пред се зависи од моменталната финансиска можност на самата Федерација. Во однос на овозможувањето на силни тренинг - кампови со врвни кикбоксери кои за нас спортистите би било искуство и можност до идни успеси за жал не сме во можност да го оствариме со оглед на тоа дека за истото освен контакти и соработки со останатите држави потребни се поголеми финансиски средства кои за нас спортистите во овој момент се голем предизвик. Во иднина се надевам дека со новоформираното Министерството за спорт ќе биде продолжена и зголемена финансиската поддршка на спортистите, клубовите и федерациите се со стремеж кон поголеми спортски успеси за нашата држава.

5. Твојот колега Бобан Илиоски стана европски шампион, а има и титула светски првак. Можеме ли и од тебе да очекуваме злато од големите натпреварувања? Твоите планови за понатамошната кариера.

Спортски честитки за колегата Бобан Илиоски кој постигна успех кон кој се стремиме сите ние спортистите. Моите планови за понатамошната кариера се насочени кон одржување и подобрување на кикбокс вештините и сите останати потребни вештини преку секојдневни спортски тренинзи во матичниот клуб со мојот тренер, прибирање на нови искуства на сите првенства кои ќе се одржуваат во иднина без оглед на државно или меѓународно ниво со стремеж во иднина кон освојување на нови медали, а секако со надеж кон освојување на златен медал како најголемо постигнување. Се надевам времето ќе покаже дека сум насочен и спремен кон поголеми спортски постигнувања, а она за што сонувам ќе прерасне во моја реалност.

6. Каков е интересот за овој спорт кај младите? Има ли долна граница од кога може да се почне да се тренира со кикбокс?

Можам да забележам дека интересот за кикбоксот изминативе неколку години е во постојан раст. Сите сме сведоци на тоа дека се повеќе млади се насочени кон спортот воопшто и кон здравиот живот. Според мене долната граница за да се започне со тренирање на кикбокс сметам дека е шест години, со оглед на тоа дека децата пред се треба да имаат развиена основна координација и моторика која е индивидуална за секое дете како и да бидат спремни за впивање на спортски техники согласно својата возраст.

7. Дали кикбоксот е „машки спорт“ или има интерес и кај понежниот пол. Застапени ли се девојките во вашиот клуб?

Не сметам дека кикбоксот е „машки спорт“, туку напротив е спорт за сите без оглед на полот. Изминативе години нивото, развојот и условите во спортот се значително подобрени, па оттаму се поголем е интересот и кај понежниот пол, без оглед дали се работи за рекреативно спортување или спортисти - натпреварувачи. Во нашиот клуб Прокик-Фемили на спортските тренинзи има учество и од понежниот пол, а истите се третирани идентично како и припадниците на посилниот пол. Сметам дека е време кикбоксот да не се дефинира единствено како груб спорт кој не е за понежниот пол, односно да се гледа како спорт од кој што освен изучување на корисна боречка техника може да доведе до раст и развој на координација, моторика , агилност, упорност, истрајност како и дисциплина кои се значајни афинитети за понатамошниот живот на учесниците./МИА.

Бугарскиот патријарх Даниил изрази сочувство за упокојувањето на митрополитот Тимотеј

Бугарскиот патријарх Даниил изрази сочувство за упокојувањето на митрополитот Дебарско-кичевскиот Тимотеј.

Бугарскиот патријарх и митрополит Софиски Даниил му изрази сочувство на поглаварот на Македонската православна Црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан за упокојувањето на на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, се наведува во соопштението, објавено на веб страницата на Бугарската патријаршија, јави БТА.

- Ваше Блаженство, со болка и тага ја примивме тажната вест за упокојувањето во Господа на мошне вредниот за нашите срца и возљубен брат митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Ќе го паметиме како извонреден епископ и добар пријател на светата Бугарската православна црква, кој годинава ја почести со своето присуство како на опелото на нашиот блажен претходник бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Неофит, како и за мојот избор и устоличувањето на крајот на јуни. Ќе го паметиме по неговата благочестивост и посветеност на делото и мисијата на светата Христова Црква, на која тој го посвети целиот свој живот. Во овие тешки мигови за Вас и за целата Православна црква на Северна Македонија, изразуваме искрено сочувство за привремената разделба со нашиот укопоен брат, се наведува во телеграмата за сочувство на патријархот Даниил.

Во телеграмата се наведува дека упатуваат сесрдни молитви за упокоениот владика Тимотеј.

-Сесрдно го молиме Себлагиот Бог, Кој „не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него сите се живи“ (Лука 20, 38), да го упокои Својот верен слуга, новопреставениот владика Тимотеј, да му го прости, како Благ и Човекољубец, секое волно и неволно прегрешение и да го прими во лоното на праведниците – таму каде што грее светлината на Божјото лице. Господ да го прости и упокои во Своето Царство Високопреосвештениот Дебарско-кичевски митрополит Тимотеј, дарувајќи го му Своето вечно спасение, а нас да нè помилува! Го прегрнуваме Ваше Блаженство со братска љубов во Христа, се наведува во сочувството на патријархот Даниил изразено до архиепископот Стефан.

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во четврток во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот. Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.

САС на МПЦ-ОА завчера соопшти дека по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј.

Главчев: Политичките сили да постигнат консензус и да се фокусираат на проблемите на граѓаните

Сите очекуваме политичките сили да постигнат консензус, да формираат мнозинство и редовна влада и да започнат да се занимаваат со проблемите кои ги засегаат бугарските граѓани. 

Ова го изјави техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев на почетокот на денешната владина седница.

- Денеска е 27 ноември, точно еден месец од последните вонредни парламентарни избори, а сè уште сме на првата седница на Народното собрание, истакна Главчев.

- Да не ги префрлаат проблемите од 'болната глава на здрава', да престанат да се занимаваат со привремената влада и да ги прекинат шпекулациите. Ако се фокусираат на решавање на проблемите на граѓаните, нема да им остане време за шпекулации, додаде привремениот премиер.

Главчев увери дека привремената влада ќе продолжи со својата работа, пренесува БТА.

„Позитивни сигнали за нашата работа дојдоа од далечни места како Сингапур и Виетнам. Таму претседателот изјави дека зад привремената влада не стои политичка волја. Каква подобра оценка може да има за привремена влада?“ рече тој и ги отфрли тврдењата за политички влијанија како шпекулации.

- Фактот што министри се дел од претседателската делегација е потврда за работата на оваа влада, заклучи Главчев. /МИА

Претрес во Ново Село, пронајдена дрога

Во струмичко Ново Село на 25.11.2024 во 23.20 часот полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода А.Љ.(26) од село Ново Село.

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, како што соопштија денеска од МВР, биле пронајдени марихуана и една дигитална вага.

- Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање на случајот против А.Љ. ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението.

притисни ентер