Претрес во Охрид, пронајдена дрога

 Полициски службеници од Отсекот за  недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид вчера во 17 часот во Охрид го лишиле од слобода охриѓанецот И.Д.(48).

Како што информираат денеска од МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и пари во различни апоени и валути.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Европол разби меѓународна балканска мрежа за шверц на кокаин

Во меѓународна операција која ги опфати Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, е разбиена криминална мрежа која шверцувала кокаин од Јужна Америка во Европската Унија, соопшти Европол.

Акцијата резултираше со апсење на 11 лица, заплена на повеќе од еден милион евра и откритија кои потврдуваат дека криминалните групи од Балканот се длабоко поврзани со глобалната трговија со дрога.

Клучен момент во истрагата беше заплената на над половина тон кокаин во пристаништето Плоче во март 2021 година, со проценета вредност од 50 милиони евра. Според Европол, дрогата била сокриена во модифициран товарен контејнер, што покажува високо ниво на организација.

Операцијата вклучуваше апсење на барани лица, заплена на оружје, луксузни возила, часовници и пари, како и откривање на корупција меѓу цариниците.

Европол информира дека операцијата е дел од поширока стратегија за борба против организираниот криминал.

Седница на ЦО на СДСМ, ќе се комплетира раководството на партијата

Во седиштето на СДСМ вечерва седница ќе одржи новоизбраниот Централен одбор на партијата, а според најавите на лидерот на партијата, ќе биде избран новиот Извршен одбор и потпретседателите на партијата. 

- Сега имаме нов Централен одбор. Утре ќе заседава Централниот одбор и ќе го избере и новиот извршен одбор и потпретседателите. Веќе ќе бидат поставени сите структури во партијата и можеме да зборуваме за било какви состаноци, изјави вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Седницата на Централниот одбор, како што информираше денеска СДСМ, е закажана за 19 часот.

На 30-тиот конгрес на партијата одржан во неделата беше избран новиот Централен одбор на партијата, а за заменик-претседателка беше избрана Фани Каранфилова-Пановска.

Протести ширум Романија поради несогласување со кандидатот Калин Георгеску

 Стотици луѓе протестираа во неколку романски градови, изразувајќи незадоволство од независниот кандидат за претседател Калин Георгеску поради неговите ставови кои ги сметаат за антиевропски и поврзани со екстремистички идеи.

Протести беа организирани во Темишвар, Јаши, Сибињ, како и во други градови, а учесниците носеа транспаренти со антифашистички, проевропски и антиекстремистички пораки, пренесуваат романските медиуми.

Во Темишвар, младите се собраа на главниот плоштад, барајќи Романија да остане на „правилниот, проевропски пат“, со пароли како што се „Разбуди се, Романија, сега или никогаш!“. и „Сакаме слобода, а не фашизам!“.

Многумина ги повикаа младите да излезат на парламентарни избори в недела на 1 декември и да гласаат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 декември.

Протестите продолжија во Јаша, каде младите повикаа на „антифашистички аларм“, а студентите протестираа во Сибињ, укажувајќи на опасностите од политичкиот пресврт кон исток и изразувајќи поддршка за европските вредности.

Протести се одржаа и во Брашов и Констанца.

Во вториот круг од претседателските избори во Романија се пласираа Калин Георгеску и лидерката на опозицијата Елена Ласиони, покажуваат резултатите од првиот круг одржан во неделата, врз основа на преброените 99,9 отсто од гласачките ливчиња.

Георгеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласиони 19,2 отсто.

притисни ентер