Министерството за финансии на САД денеска воведе санкции против пет мексикански лица поврзани со Заливскиот картел (Gulf Cartel), една од најопасните криминални организации во Мексико, поради нивна вмешаност во криминални активности поврзани со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, шверц со луѓе и наркотици во Мексикански Залив.
-Согласно Законот за безбедност на морепловството и спроведување на риболовните регулативи, САД мобилизираат 21 федерална агенција и канцеларија, предводени од Стејт департментот, Националната управа за океани и атмосфера и Крајбрежната стража на САД, во координиран, сеопфатен пристап на владата за справување со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов и поврзаните закани за поморската безбедност низ светот преку Меѓуагенциската работна група на САД за незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, се вели во денешното соопштение на портпаролот Метју Милер.
Се наведува дека САД се глобален лидер во одржливоста и управувањето со риболовните ресурси, и со партнери низ целиот свет се борат против криволовството и криминалите поврзани со природата.
-Незаконскиот, непријавен и нерегулиран риболов може да се појави во различни форми и може да биде поврзан со големи, координирани напори на транснационалните криминални синдикати. Ова ги оштетува океанските екосистеми и ги загрозува заедниците кои зависат од одржливо управувани риболовни ресурси за прехранбена сигурност и животна егзистенција, изјави Милер.
САД остануваат посветени на градење на посилни правила и стандарди за управување со меѓународниот риболов и ангажирање со државите под чии знамиња пловат бродовите, како и крајбрежните. пристанишните и пазарните држави, а за промовирање одговорност и отчетност, се вели во соопштението.