Повторно пожар на депонијата „Мауцкер“ кај Охрид

 Екипи на Територијалната противпожарна служба од Охрид ноќеска повторно беа излезени на терен и гасеа пожар на депонијата Мауцкер, што се наоѓа на самиот влез во градот.

Пожарот се уште не е целосно изгаснат, а над депонијата се уште може да се забележи чад.

Слична интервенција пожарникарите од Охрид имаа и пред десетина дена, кога исто така гореше отпад на депонијата.

Како што посочуваат од ТТПЕ Охрид, причина за избувнувањето на пожарот е човечки фактор, а гаснењето тешко се одвива оттаму што се работи за опожарен материјал што мошне тешко се гаси со вода, односно потребна е интервенција со механизација за затрупување на опожарените делови од ѓубрето.

Финската современа кинематографија по прв пат пред македонската публика на МФФ Киненова

На овогодишното 9. издание на МФФ Киненова синоќа прв пат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. 

-Традиционално МФФ Киненова претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на...“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но според филмовите кои се прикажуваат на Киненова, прилично потентна кинематографија, финската, рече директорот на фестивалот Киненова, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија на кое присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Финска во земјава, Никлас Линдквист, како и бројни љубители на филмската уметност.

Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа. На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали: „Девојки“ и „Караоке рај“.

„Девојки“ во режија на Али Хапасало раскажува приказна за три млади жени кои се обидуваат да му пркосат на постојаниот зимски мрак во Финска и се движат меѓу соништата, реалноста, пријателството и врските, обидувајќи се да разберат сè. Улогите ги толкуваат: Аму Милоноф, Елеонора Кауханен, Линеа Леино. Номинации и награди: Берлинале, Санденс, Мотовун.

Али Хапасало е финска режисерка и сценаристка. Добила признание за пишување и режија на проектот „На тенок мраз“, кој е нејзин дипломски филм на познатото филмско училиште за уметности „Тиш“ на Универзитетот во Њујорк. Оваа приказна потоа освои неколку награди во САД и беше номинирана за наградата „Европа“ во 2012 година. Хапасало магистрирала ликовни уметности на истиот универзитет, а поседува и диплома за уметности од филмската школа на Универзитетот во Алто. „Love and Fury“ (2016) е нејзиниот прв игран филм.

„Караоке рај“, пак, на режисерот Инари Паканен прикажува места, луѓе, песни отпеани за ослободување, фрагменти од среќа, понекогаш смешни, понекогаш болни спомени... Овие моменти од животот се снимени со камера за време на караоке настапи низ финскиот пејзаж. Радоста и меланхолијата се спојуваат како дел од пријателскиот пристап на овој филм, кој ќе остави траен впечаток на неговата публика.

Номинации и награди: Visions Du Reel, „Јуси“ награди – Најдобар документарен филм, ДОКС Барселона.

Инари Паканен е режисер кој се фокусира на човечки приказни и на нивно топло и интимно раскажување. Неговите филмови се прикажани на фестивали како CPH:DOX, Sheffield DocFest и Visions du Reel. Неговиот последен документарец „Караоке рај“ влезе во потесниот избор за најдобар документарен филм на Европските филмски награди и ја освои наградата „Јуси“ за најдобар фински документарен филм. Инари е магистер по документарна режија од ESCAC во Барселона. Учествувал во програмите IDFAcademy, Twelve for the Future, Ice & Fire, MFI's Script 2 Film и Berlinale Talents - и бил член на одборот на Финскиот документарен еснаф помеѓу 2015-2020 година, наведуваат од Киненова.

Ким Џонг-ун: Јужна Кореја е непријателска земја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека Јужна Кореја е странска и непријателска земја, јавија државните медиуми.

Забелешките доаѓаат само еден ден откако агенцијата КЦНА соопшти дека националното собрание на Северна Кореја го изменило Уставот за да ја означи Јужна Кореја како „непријателска држава“, во согласност со ветувањето на Ким за отфрлање на обединувањето на двете Кореи како национална цел.

Ким, исто така, изјави дека природата на сојузот меѓу Јужна Кореја и САД е променета, а нивните различни, пософистицирани воени маневри ја нагласуваат важноста на посилното севернокорејско нуклеарно одвраќање.

Што се однесува до военото уништување на патните и железничките врски со Јужна Кореја од страна на Северна Кореја оваа недела, Ким додаде дека тоа значи „не само физичко затворање, туку и крај на злите односи со Сеул“, како и „целосно отстранување на бескорисната свест на сограѓаните и неразумната идеја за повторно обединување“.

Пјонгјанг минатата недела соопшти дека целосно ќе ги отсече меѓукорејските патишта и дополнително ќе ги обезбеди областите на својата страна од границата, како дел од притисокот за системот на „две држави“, отфрлајќи ја својата долгогодишна цел за обединување.

Ким ова го изјави вчера додека правеше увид во седиштето на Вториот корпус на севернокорејската армија, јави КЦНА.

Во кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Со сослушување сведоци на обвинителството во  Кривиченниот суд Скопје денеска  треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатото рочиште инспекторите во СВР Скопје и Велес посочија дека двајца од осомничените ги довеле до телата на Вања и Панче.

На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември минатата година.

притисни ентер