Повик на ансамблот „Танец“ за бесплатни едукативни часови за млади од 18 до 23 години

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец’’ објави повик за пријавување за бесплатни едукативни часови за изведба на народни игри и песни, наменети за млади на возраст од 18 до 23 години. 

Како што информира „Танец“, часовите ќе бидат под менторство на нивни врвни уметници. Повикот е наменет за млади од 18 до 23 години коишто учат или имаат завршено средно музичко/балетско училиште на насоката за традиционална музика и игра или се на академски студии во чиишто програми се изучува музичко-сценскиот фолклор, како и сите млади ентузијасти кои имаат солидни знаења од областа, преку членување во културно-уметничките друштва.

Пријавувањето на заинтересираните почнува денеска и ќе трае до 7 ноември, а наредниот ден (8 ноември) од 10 часот во просториите на ансамблот ќе се одржи проверка на музичко-сценските способности на пријавените кандидати и нивната селекција.

-Најдобрите од нив, избрани од стручната комисија, ќе ја имаат можноста да посетуваат специјални едукативни часови во ансамблот „Танец“ и ќе можат да учат од најдобрите во музичко-сценската дејност во Македонија и пошироко. Кои од пријавените ќе го освојат правото на посета на едукативните часови, ќе зависи од одлуката на стручната комисија, која ќе спроведе проверка на знаењата и умеењата на секој пријавен кандидат, соопшти ансамблот.

Меѓу критериумите за избор е играчите да изведат еден играчки образец по личен избор и еден од репертоарот на „Танец“, предложен од комисијата, а тие што ќе се пријават за вокални исполнители треба да изведат една народна песна по личен избор и една од репертоарот на „Танец“, предложена од комисијата.

-Сите кандидати на приемниот ден треба со себе да понесат патики за вежбање во сала или опинци, заради непречено презентирање на своите изведувачки способности. Сите примени кандидати коишто ја поминале претселекцијата и целосно ги завршиле едукативните часови, ќе добијат сертификати за успешно помината обука за ансамблов изведувач на народни игри, односно песни на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, се наведува во објавениот повик.

За да се пријават, кандидатите треба на мејлот [email protected] да пратат податоци за себе: име и презиме, датумот на раѓање, бројот на личната карта (што ќе ја покажат на увид на стручната комисија) и видот на часови кои сакаат да ги посетуваат (часови за играч или часови за пејач).

-НУ Танец свесно и одговорно го поддржува фолклорниот аматеризам, училишното и академското образование од сферата на фолклорот, како и идните професионални изведувачи, обезбедувајќи континуитет на културните традиции и создавајќи платформа за раст, креативност и уметничка извонредност во изведбата на музичко-сценскиот фолклор. Овој менторски пристап, не само што го поттикнува развојот на вештините, туку го засилува и чувството за културен идентитет кај младите, наведува „Танец“.

Симеоне се расплака среде интервју и си замина (ВИДЕО)

Атлетико Мадрид го победи Алавес со 2:1 во 14. коло од Ла Лига и сега заостанува пет бода зад лидерот Барселона.

Гостите поведоа од пенал на Гуриди во седмата минута. Атлетико се мачеше до 76. минута, а потоа Антоан Гризман погоди за 1:1 од пенал. Победата ја донесе Сорлот во 86. минута. Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне (54) беше особено емотивен на крајот од натпреварот, толку многу што мораше да го прекине интервјуто и да си замине во солзи.

"Мирен сум. Не знам што да кажам за годишнината. Го сакам ова место, овој клуб, овој град. Ова место, тоа сум јас... Ништо. Здраво", низ солзи изјави Аргентинецот. За Симеоне ова беше 700. натпревар на клупата на Атлетико. Има 412 победи, 156 нерешени и 131 пораз.

Два пати беше шампион на Шпанија, победник на Лига Европа и Суперкупот на УЕФА. Два пати загуби во финалето на Лигата на шампионите од Реал. Тој е во Атлетико од 23 декември 2011 година и има договор со нив до 30 јуни 2027 година.

Сирени за тревога низ Израел: Хезболах испука 150 ракети

Низ Израел се огласија сирените, проследени со повеќе ракетни напади од правец на Либан во кои беа ранети неколку лица, соопшти израелската војска.

Проиранската милиција Хезболах истрела приближно 150 ракети, принудувајќи ги цивилите во засолништата во централниот и северниот дел на Израел, вклучувајќи го и Тел Авив.

Војската објави дека за само неколку минути биле истрелани околу 30 проектили кон крајбрежниот град Хаифа и западната Галилеја, но некои од нив биле пресретнати. Во нападите наводно биле ранети неколку лица.

Нападите се случија еден ден по израелскиот воздушен напад врз Бејрут, според либанските власти, во кој загинаа најмалку 20 лица.

Јапонците измислиле машина за перење- луѓе: Го прочистува и умот (ВИДЕО)

Компанија од Осака претстави револуционерен уред кој може да го промени начинот на кој ја доживуваме хигиената и релаксацијата.

Станува збор за футуристичка машина за перење луѓе, наречена „Mirai Ningen Sentakuki“, која ги комбинира луксузот и технологијата.

Оваа машина, која наликува на авионска кабина, му овозможува на корисникот уникатно искуство. Кога некое лице седи на седиштето во центарот на уредот, просторот се полни со вода со соодветна температура. Сензорите го следат отчукувањата на срцето и другите биолошки параметри, обезбедувајќи максимална удобност.

Покрај тоа, внатрешната страна на проѕирната обвивка проектира релаксирачки слики, така што корисникот ќе доживее целосно освежување, пишува Асахи.

Засега машината е дел од изложбата што ќе се одржи во Осака во април следната година. Посетителите ќе можат да доживеат 15-минутна сесија на капење и сушење со претходна резервација. Планирано е да се обезбедат до осум сесии дневно.

Иако ова е моментално промотивен концепт, компанијата посочи дека е во развој и верзија за домашна употреба. Нивната визија е дека машината го „мие умот“ на корисникот, заедно со телото, обезбедувајќи не само хигиена туку и ментално освежување.

Иако сè уште не е познато кога и дали овој производ ќе биде достапен на пазарот, неговата иновација и потенцијал веќе привлекуваат внимание ширум светот. Доколку домашната верзија стане реалност, таа би можела да постави нови стандарди во личната хигиена и велнес технологијата.

притисни ентер