Пораст на напади врз странци во Магдебург по нападот на Божиќниот пазар

Бројот на кривични дела насочени против странци во германскиот град Магдебург нагло се зголеми по нападот на Божиќниот пазар пред две недели, пренесуваат германските медиуми.

Во заедничко соопштение, дел од советниците во градскиот совет изјавија дека „овие кривични дела се одвратни и се спротивни на вредностите на градот“.

Според јавниот сервис МДР, полицијата годинава забележала три кривични дела со расистичка позадина. По нападот на Божиќниот пазар на 20 декември, кога еден Саудиец со автомобил уби пет лица и повреди околу 200, секојдневно се бележат напади врз странци.

Организациите за заштита на човековите права сметаат дека причината за порастот на насилството е реториката на партиите како Алтернатива за Германија (АфД), кои го користат нападот за политички цели пред претстојните избори./МИА

Поранешниот шеф на НАТО Столтенберг ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп

Поранешниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе отпатува за Вашингтон за да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари.

Столтенберг, кој наскоро ќе застане на чело на Минхенската безбедносна конференција изјави за ДПА дека неговиот фокус ќе биде на зајакнување на односите меѓу САД и Европа во неговата нова улога.

Тој официјално ќе ја преземе функцијата претседател на конференцијата по годишниот состанок кој ќе се одржи од 14 до 16 февруари. Ова е првпат оваа најголема светска конференција за надворешна и безбедносна политика да ја води некој што не е Германец.

Минхенската безбедносна конференција е основана во 1963 година, а секој февруари, највисоки политички и одбранбени претставници се собираат во јужна Германија за да дебатираат за меѓународната безбедност.

Се очекува силна претставеност од администрацијата на Трамп, со оглед на тоа што американскиот потпретседател традиционално ја презентира надворешната политика на новата влада на оваа конференција.

Официјален претставник на Германија на инаугурацијата на Трамп ќе биде амбасадорот во Вашингтон, Андреас Михаелис, како што е вообичаено според американскиот протокол.

Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, минатиот месец изјави дека покани се испратени до повеќе светски лидери, вклучувајќи го и кинескиот претседател Си Џинпинг, но без дополнителни детали./МИА

Ибрахимовиќ одржа говор по победата на Милан над Интер во Суперкупот

Златан Ибрахимовиќ, советникот во Милан, му се обрати на тимот по победата во финалето на италијанскиот Суперкуп. 

„Росонерите“ синоќа во Ријад го совладаа Интер со 3:2, откако по 50 минути игра губеа со 0:2.

- Постигнавме една од нашите цели. Она што го баравме беше реакција, наша реакција. Пред да зборувам, сакам да му честитам на тренерот и неговиот персонал, завршивте одлична работа за само неколку дена.

Им честитам на играчите. Овој трофеј го освоивте преку пот, самопожртвуваност и желба за победа. Кога тимот ја има таа волја за победа, тешко е да се победи. Кога го започнавме првенството, ви кажав дека сè зависи од нас, бидејќи се е во главата. Денес го докажавте тоа. Сега се враќаме во Италија, го носиме овој менталитет со нас, добиваме поени за да бидеме таму каде што треба, изјави Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот исто така, им се заблагодари на навивачите.

- Честитки до сите што беа со нас и со тимот. Ова е исто така ваша заслуга. Вие сте исто толку важни како оние што играат. Момци, ова е Милан, ние играме за овие трофеи, кој сака да влезе во историјата на Милан мора да ги освои овие пехари. Само напред, Милан, рече Ибрахимовиќ.

Милан го освои италијанскиот Суперкуп по осми пат во својата историја и се изедначи со Интер. Последен пат црвено-црните го освоија турнирот во 2016 година./МИА

Честитка за Божик од МАЕИ и градоначалникот на Пустец

Честитка по повод Рожедството Христово - Божик упатија единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски.

-Почитувани Македонци од православна вероисповед во Албанија, во овие свети денови кога го славиме Рождеството Христово – Божик, Ви упатуваме искрени честитки исполнети со топлина, љубов и надеж, посакуваат од МАЕИ.

Овој празник на светлината и мирот, се додава, нека ги исполни вашите срца со радост, а вашите домови со благосостојба, здравје и хармонија.

Порачува дека Божик е време за сплотување, зајакнување на семејните вредности и за прославување на нашата вековна македонска традиција и идентитет.

-Македонска алијанса за европска интеграција, како единствената политичка партија која го претставува и штити македонскиот народ во Албанија, останува посветена на зачувување на нашето културно наследство и на унапредување на правата на Македонците. Нека оваа година биде година на нови успеси за македонската заедница, на повеќе единство и солидарност меѓу сите нас. Со Божји благослов и со радост во срцата, ХРИСТОС СЕ РОДИ, стои во честитката потпишана од партискиот лидер, Васил Стерјовски.

Во честитката во негово и име на Советот на општина Пустец и општинската администрација, Колефски потсетува дека е „прекрасна традиција одбележувањето на Божик- Рождеството Христово".

-На сите наши сограѓани и на сите што го слават овој свет ден им посакуваме здравје, среќа и хармонија во нивните домови! Нека биде овој ден извор на благослови за сите, стои во честитката на Колефски.

Овој еден од најголемите празници го честиташе и македонското друштво „Илинден"-Тирана.

притисни ентер