Поранешниот шеф на НАТО Столтенберг ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп

Поранешниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе отпатува за Вашингтон за да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари.

Столтенберг, кој наскоро ќе застане на чело на Минхенската безбедносна конференција изјави за ДПА дека неговиот фокус ќе биде на зајакнување на односите меѓу САД и Европа во неговата нова улога.

Тој официјално ќе ја преземе функцијата претседател на конференцијата по годишниот состанок кој ќе се одржи од 14 до 16 февруари. Ова е првпат оваа најголема светска конференција за надворешна и безбедносна политика да ја води некој што не е Германец.

Минхенската безбедносна конференција е основана во 1963 година, а секој февруари, највисоки политички и одбранбени претставници се собираат во јужна Германија за да дебатираат за меѓународната безбедност.

Се очекува силна претставеност од администрацијата на Трамп, со оглед на тоа што американскиот потпретседател традиционално ја презентира надворешната политика на новата влада на оваа конференција.

Официјален претставник на Германија на инаугурацијата на Трамп ќе биде амбасадорот во Вашингтон, Андреас Михаелис, како што е вообичаено според американскиот протокол.

Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, минатиот месец изјави дека покани се испратени до повеќе светски лидери, вклучувајќи го и кинескиот претседател Си Џинпинг, но без дополнителни детали./МИА

Отворен конкурс за пријавување за седмото издание на „Филмај“

 Фестивалот на краток филм „Филмај“ соопшти дека е во тек конкурсот за пријавување за седмото издание, што се организира од фото-кино клуб „Козјак” – Куманово.

Преку платформите „FilmFreeway“ и „festhome“ може да се пријават кратки играни филмови со траење до 20 минути и завршени по 1 јануари 2023 година. Конкурсот е отворен до 15 март 2025 година.

Како што соопштија од фестивалот, филмовите може да конкурираат за награда „Лазар Ѓорѓевиќ” за најдобра режија, награда „Радислав Ристевски” за најдобра фотографија/кинематографија, награда „Koзјак” за најдобрo сценарио и награда „Филмај" за најдобар краток филм. Македонските домашни филмови кои ќе се пријават, освен за најдобар македонски филм, истовремено влегуваат и во меѓународна конкуренција за горенаведените награди.

Тековните новости и информации ќе бидат објавени на фејсбук страницата на фестивалот.

Во израелски воздушни напади во Газа загинаа најмалку пет лица, меѓу кои две бебиња

Во израелските воздушни напади загинаа најмалку пет лица во Газа, вклучително и две бебиња, објавија денеска палестинските здравствени власти.

Еден проектил погоди куќа во централниот град Деир ал Балах, при што загинаа двајца мажи и една жена, соопшти болницата Ал Акса.

Болницата објави дека го примила и телото на четиримесечното момче кое беше убиено во напад на неговата семејна куќа во блискиот бегалски камп Буреиј.

Во градот Газа тринеделно бебе е убиено во воздушен напад на куќа во населбата Шеик Радван, соопшти Министерството за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Израелската војска тврди дека е насочена само кон милитантите, кои ги обвинува дека се кријат меѓу цивилите./МИА

Неготино доби современо фудбалско игралиште

Реализиран уште еден инфраструктурен проект на министерството за спорт.

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов, денеска го пушти во употреба реконструираното фудбалско игралиште, уште еден во рекордно време реализиран проект на Министерството за спорт за подобрување на спортската инфраструктура.

Реконструираното фудбалско игралиште во Неготино направено е по сите стандарди на ФИФА и ќе биде достапно за граѓаните во секој период од годината.

-Над 15 вакви игралишта планираме да бидат готови до крајот на летото. Еден убав проект, една убава работа што почнавме да ја правиме, а тоа е да создадеме услови за најмладите што е особено важно. Ние не можеме да бараме резултати, ниту пак зголемување на интересот на децата за спортот, во конкретниов случај за фудбалот, доколку не им создадеме услови. Ова е една наша акција што ќе продолжи и во иднина, ќе реконструираме што е можно повеќе спортски игралишта низ целата држава. Цениме дека тоа е патот по кој треба да се развива спортот затоа што ова има значење за сите граѓани, прво на локално, а потоа и на централно ниво. Затоа што прво ние треба да направиме масовност кај дечињата, да создадеме услови за што повеќе дечиња да се занимаваат со спорт, а потоа од таа масовност и квантитет да добиеме и квалитет – истакна Ристовски.

Министерот Ристовски изрази задоволство од брзата реализација на уште еден инфраструктурен проект на Министерството за спорт упатувајќи благодарност до градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов за добрата соработка

-Му честитам и му благодарам на градоначалникот на општина Неготино за добрата соработка за брзо отпочнување на реконструкцијата на ова фудбалско игралиште и посакувам што повеќе млади спористи да го користат овој терен – рече Ристовски.

притисни ентер