Почина главниот пропагандист на севернокорејскиот режим

 Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.

„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.

Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано наутро и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.

Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.

Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.

Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.

Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.

Фејсбук и Инстаграм ги прекршиле регулативите на ЕУ, следи истрага

Фејсбук и Инстаграм ќе бидат предмет на истрага за можни прекршувања на регулативите на ЕУ за онлајн содржини поврзани со безбедноста на децата, објави во четвртокот Европската комисија.

Од социјалните мрежи на Мета се бара да направат повеќе за борба против нелегалната и штетна содржина на нивните платформи според Законот за дигитални услуги на Европската унија (DSA), кој е во сила од минатата година.

Европската комисија објави дека одлучила да отвори детална истрага за Фејсбук и Инстаграм поради загриженоста дека тие не реагирале соодветно на ризиците за децата. Мета поднесе извештај за проценка на ризикот во септември.

„Комисијата е загрижена дека системите на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи ги и нивните алгоритми, можат да стимулираат зависни однесувања кај децата, како и да создадат таканаречени „ефекти на зајачка дупка“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Дополнително, Комисијата е загрижена и за методите за проверка на возраста на корисниците воведени од Мета.

Од друга страна, Мета тврди дека веќе има бројни онлајн алатки за заштита на децата.

„Сакаме младите луѓе да имаат безбедни онлајн искуства соодветни за возраста“, рече портпаролот на компанијата, истакнувајќи дека тие поминале една деценија работејќи на повеќе од 50 алатки и политики насочени кон заштита на децата.

„Ова е предизвик со кој се соочува целата индустрија и со нетрпение очекуваме да ги споделиме деталите за нашата работа со Европската комисија.

Мета веќе е под лупа на ЕУ за изборни дезинформации пред важните избори за Европскиот парламент следниот месец. Прекршувањето на „DSA“ може да резултира со казни до 6% од годишниот глобален промет на компанијата.

Извор: Б92

Манчестер сити четврти пат по ред шампион на Англија

Манчестер сити е шампион на Англија во сезоната 2023/24. 

Во натпреварот од 38. коло „Граѓаните“ на домашен терен го победија Вест Хем (3:1). Двоен стрелец беше Фил Фоден. Играчот од средниот ред погоди во 2. и 18. минута. Родри постигна уште еден гол од додавањето на Фоден во 59. минута.

Стрелец на единствениот гол за гостите беше Мохамед Кудус (42. минута).

Манчестер сити заврши на првото место во Премиер лигата со 91 бод пред Арсенал кој собра 89. Тимот на Пеп Гвардиола ја освои шампионската титула четврти пат во низа. Покрај тоа, ова е шеста титула за Гвардиола во Премиер лигата.

Вкупно Манчестер сити има 10 трофеи. По бројот на шампионски титули, пред Сити се само Арсенал (13), Ливерпул (19) и Манчестер јунајтед (20).

Вест Хем ја заврши сезоната на деветтото место на првенствената табела. /МИА

Сасуоло испадна од Серија А по 11 сезони во првата лига

Сасуоло испадна од италијанската Серија А. Денес  тимот загуби на домашен терен од Каљари (0:2) во натпреварот од 37. коло на најсилното фудбалско првенство во Италија.

Попладнево Удинезе и Емполи ремизираа (1:1) и се одлепија од Сасуоло на недостижни 4, односно 5 бода на едно коло пред крајот на првенството. Сасуоло (29 бодови) е претпоследен во поредокот.

Сасуоло стигна до Серија А во 2013 година. Оттогаш, тимот помина 11 сезони во највисоката дивизија.

Претходно Салернитана рано испадна од Серија А.

Третиот тим кој ќе ја напушти елитата ќе се бара помеѓу екипите на Емполи, Удинезе, Фросиноне, Верона и Каљари./МИА

притисни ентер