Верстапен победи на Големата награда на Емилија Ромања

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, го освои првото место на трката за Големата награда на Емилија-Ромања. Холанѓанецот по трет пат во кариерата освои етапа во Имола, тој исто така победи тука во 2021 и 2022 година.

Втор заврши возачот на Мекларен, Ландо Норис, за кого ова беше трет подиум по ред. Британецот загуби од Верстапен за 0,725 секунди.

Шарл Леклер од Ферари беше трет во трката, со 7,916 секунди заостанување зад победникот.

По седум трки сезонава лидер во Генералниот пласман во Формула 1 е Макс Верстапен со 161 бод. Шарл Леклер е втор со 113 поени, додека партнерот на Верстапен во Ред Бул, Серхио Перез е на третото место со 107 бодови.

Лидер во шампионатот за конструктори е Ред Бул (268 поени), Ферари е втор (212), а Мекларен е трет (154).

Следната трка во Формула 1 ќе се вози во Монако од 24 до 26 мај./МИА

Чулев: Сериозни злоупотреби од власта на СДС и ДУИ во безбедносно - разузнавачкиот систем

​Сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ

Безбедносно - разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта.

Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени.

Тука се поставува јавно прашањето: доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не беа доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати беше побарано од моја страна? Неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Арми Хамер ѝ се враќа на филмската сцена

 По сагата околу обвинувањата за наводно сексуално недолично чет-однесување и канибализам, и неговото привремено повлекување од филмската сцена, глумецот Арми Хамер ѝ се враќа на глумата. 

Последните податоци говорат дека следниот филм наскоро ќе го снима во Хрватска, пренесува „Варајети“ (Variety).

Хамер, имено, ја добил главната улога во трилерот „Мрачниот витез“ на германскиот режисер Уве Бол. Снимањето треба да почне во Хрватска на 27 јануари.

Претходно, обожавателите ќе може да го погледнат и во претстојниот каубојски филм „Граничен сад“ (Frontier Crucible), во режија на Тревис Милс. Филмот е во постпродукција, но сѐ уште не се соопштува датумот на киноприкажувањата

Околу обвиненијата, инаку, Обвинителството на Лос Анџелес донесе одлука во негова корист во 2023 година и одби да го обвини за какво било кривично дело. Хамер раскажуваше и дека по обвиненијата за злоупотреба на интернет, добил нагони за самоубиство. Тие беа причина и за неговиот развод, како и за тоа што му било дозволено да ги гледа своите две деца само под надзор.

Инаку, Хамер лани во август тврдеше дека си го продал автомобилот затоа што не можел да плаќа гориво.

Во едно неодамнешно интервју, Хамер изјави дека до пред 4 - 5 години, неговата кариера толку многу напредувала што почнал да одбива работни задачи. /МИА

Мартинез-Ача: Суверенитетот над Панамскиот канал не е предмет на преговори

Шефот на панамската дипломатија, Хавиер Мартинез-Ача, остро одговори на изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за контролата врз Панамскиот канал, нагласувајќи дека „суверенитет над каналот не е прашање на преговори“.

Нагласувајќи ја важноста на каналот во историјата на Панама тој тоа го нарече „неповратно освојување“ и нагласи дека Панамскиот канал е исклучиво под контрола на Панама.

-Така и ќе остане, рече тој, објави „Њујорк Тајмс“.

Панамскиот министер за надворешни работи истакна дека примарна мисија на каналот е да и служи на глобалната трговија, исто така, додавајќи дека владата на претседателот Хозе Раул Мулин немала формални или неформални контакти со Трамп или со други претставници на претстојната американска администрација.

Мартинез-Ача истакна дека комуникациите меѓу САД и Панама ќе се спроведуваат преку стандардни официјални канали откако Трамп ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Тој повтори дека Панама останува отворена за дијалог, инвестиции и позитивни односи, но дека националните интереси на земјата секогаш се на прво место./MИА

притисни ентер