Пет работи што не смеат да се прават со маслиновото масло

 – Кога го купувате, проверете го следново!

Освен што е важно во каква амбалажа се наоѓа, кога го купувате ова масло задолжително проверете ја неговата етикета!

Маслиновото масло не само што е добро за готвење или правење салати, туку може да се користи на речиси безброј начини. Меѓутоа, доколку сакате да го добиете она за што плаќате, треба да внимавате кога ја купувате оваа намирница. Скајлер Мејпс е производителка на маслиново масло, која ги наведува петте најголеми грешки што ги прават луѓето при изборот на маслиново масло во продавниците.

Пластична амбалажа

- Мојот прв совет е никогаш да не купувате маслиново масло во пластична амбалажа. Знам дека многумина ја избираат оваа опција бидејќи е поевтина, но на овој начин се намалува квалитетот на маслото, а исто така драстично се влијае и на загадувањето на животната средина - вели Мејпс.

Проѕирно пакување

Исто така, според Скајлер, има уште една важна работа во врска со пакувањето.

- Не купувајте маслиново масло во проѕирна стаклена амбалажа. Имено, кога маслото е изложено на директна сончева светлина, може да оксидира. Со оксидација на маслиновото масло, тоа се расипува - објаснува таа.

Чувајте го далеку од извори на топлина

Не ставајте го маслиново масло на места каде што може да биде изложено на топлина, вклучувајќи ја и микробрановата печка.

- Многу луѓе го забораваат ова и го чуваат маслото во близина на рерната. Кога маслиновото масло долго е изложено на повисока температура, тоа ги губи своите корисни својства - тврди оваа производителка на маслиново масло.

Проверете ја етикетата

Треба да се избегнуваат производи на кои се наведени дури четири земји на потекло.

- Многу брендови вака ги „лажат“ потрошувачите. На пример, купувате производ што го носи името Тоскана, а излегува дека е од Аргентина, Грција, Португалија и Италија - вели таа.

Избегнувајте ги најпознатите производители

Малите компании посветуваат многу повеќе внимание на квалитетот на маслото.

- Јас и мојот сопруг се грижиме за секоја ситница, знаеме на каква земја растат нашите маслинки и имаме целосна контрола над секој дел од производниот процес - заклучува Скајлер Мејпс, а пренесува „Дејли меил“.

Извор: srecna.republika.rs

Поради штрајк откажани сите полетувања од аеродромот „Брисел Југ-Шарлероа“

Сите денешни летови од аеродромот „Брисел Југ-Шарлроа“ се откажани поради штрајк на безбедносниот персонал, соопшти аеродромската управа.  

- Безбедноста на патниците и вработените не може да биде гарантирана поради недостигот на персонал. Патниците чии летови се откажани ќе бидат контактирани од нивната авиокомпанија за враќање на парите или нова резервација, се додава во соопштението на управата на аеродромот, од кој полетуваат и авионите на релација Брисел-Скопје.

Од управата додаваат дека пристигнувањето на авионите на аеродромот ќе се одвиваат согласно предвидениот возен ред.

За денеска од „Брисел Југ-Шарлероа“ беа предвидени 89 летови со околу 16.000 патници. Ваквиот голем број на патници се должи на фактот што од вчера започна есенскиот распуст во белгиските училишта каде што наставата се одвива на француски јазик, што ќе трае до 1 ноември.

- Правиме се што е во наша моќ за да се обноват нормалните активности од среда, се посочува во соопштението на управата на аеродромот „Брисел Југ-Шарлероа“.

По пописот, просрпските партии во Црна Гора бараат српскиот јазик да биде официјален

По објавувањето на резултатите од пописот на населението, просрпските партии го обновија своето барање српскиот јазик да биде официјален во Црна Гора.

Радио Слободна Европа

По објавувањето на резултатите од пописот на населението, просрпските партии го обновија своето барање српскиот јазик да биде официјален во Црна Гора.

Резултатите од пописот во Црна Гора покажаа дека српскиот е мајчин јазик за 43 отсто од населението, а црногорскиот за нешто повеќе од 34 отсто.

Истиот ден кога беа објавени резултатите на 15 октомври, просрпските партии го повторија барањето за измена на Уставот за официјализирање на српскиот јазик.

Во Уставот на Црна Гора, црногорскиот јазик е дефиниран како „официјален“, а српскиот јазик е „во службена употреба“ заедно со босанскиот, хрватскиот и албанскиот јазик.

Промена на статусот на српскиот јазик побараа некои од владејачките партии, вклучително и прорускиот Демократски фронт (ДФ), просрпската Социјалистичка народна партија (СНП) и други помали партии.

Тие како основен аргумент го наведоа фактот дека пописот покажал дека мнозинството од населението зборува српски.

Во декември минатата година во Црна Гора беше одржан попис на населението, чии резултати за националното, верското изјаснување и јазикот беа објавени дури на 15 октомври.

Повеќе од една деценија, просрпските партии бараат изедначување на уставниот статус на српскиот и црногорскиот јазик.

Актуелниот претседател на Собранието Андрија Мандиќ, кој е и лидер на проруската ДФ, во неколку наврати најави иницијатива за промена на статусот на српскиот јазик доколку пописот покаже дека мнозинството од населението го зборува тој јазик.

На 15 октомври, во парламентот тоа го повтори неговиот сопартиец Дејан Ѓуровиќ, велејќи дека српскиот јазик треба да се стандардизира како службен јазик во Уставот:

„Мораме да признаеме дека српскиот јазик треба да биде службен, бидејќи тој е мнозински јазик во Црна Гора. Истото го очекувам и од опозицијата.

Истото барање го упати и Драгослав Шќекиќ, функционер на просрпската СНП и министер за спорт во Владата на Милојко Спајиќ, кој рече дека очекува властите да постапат во согласност со „реалната структура на населението“.

„И почитувајте го фактот дека Србите сочинуваат значаен сегмент од ова општество. Најмалку што очекуваат луѓето што зборуваат српски е правото да зборуваат и да се образуваат на нивниот јазик насекаде“, рече Шќекиќ.

Останатите владејачки партии не се огласија за темата.

Претседателот на Српскиот национален совет Момчило Вуксановиќ изјави дека Србите во Црна Гора се соочени со „жестока борба за зачувување на својот идентитет преку воведување на српскиот јазик како службен јазик во сите државни институции и афирмација на кирилицата“.

На овие најави прва реагираше најголемата опозициска Демократска партија на социјалистите (ДПС).

Пратеникот на ДПС Андрија Николиќ ја потсети владејачката партија на нивните претходни изјави:

„Рековте дека српскиот јазик треба да надмине 50 проценти за потоа да се смени Уставот. Имавте различни очекувања. А резултатите се исти како и на пописот во 2011 година.

Црногорскиот јазик е дефиниран со Уставот како службен за време на владеењето на ДПС.

Црногорскиот и српскиот јазик низ последните три пописи на населението

Бројот на граѓани чиј мајчин јазик е српскиот е зголемен за 0,3 отсто меѓу двата пописи – 2011 и 2023 година, додека бројот на оние што зборуваат црногорски е намален за 2,4 отсто.

На пописот одржан во 2003 година, во времето кога Црна Гора беше во државна заедница со Србија, 63,4 отсто од населението својот јазик го нарекувале српски, а 21,9 отсто црногорски.

Уставот на Црна Гора, во кој црногорскиот е пропишан како службен јазик, беше усвоен во 2007 година, една година по референдумот за независност.

Црна Гора, како и другите земји кои произлегоа од поранешна Југославија каде официјален јазик беше српско-хрватскиот, по прогласувањето на државната независност својот официјален јазик го именуваше по името на државата.

Промените на Уставот во 2011 година беа причина тогашната просрпска опозиција, предводена од Андрија Мандиќ, да побара промени во областа на идентитетските прашања и државните симболи.

Беше побарано да се стандардизира српскиот јазик како службен, да се воведе таканареченото тробојно национално знаме и да се скрати државната химна. Владата предводена од ДПС на Мило Ѓукановиќ ги одби овие барања.

Просрпските партии ја обвинија владата на Мило Ѓукановиќ за „протерување на српскиот јазик и кирилицата од Црна Гора“, иако во Уставот српскиот е дефиниран како јазик во службена употртеба, а латиницата и кирилицата се рамноправни азбуки.

Промената на власта се случи во 2020 година на изборите, на кои претходната просрпска опозиција стана дел од парламентарното мнозинство, а во 2024 година добија и дел од ресорите во владата на Милојко Спајиќ.

По смената на власта се забележува зголемување на употребата на кирилицата во институциите.

Постапка за измена на Уставот на Црна Гора

Заедно со партиите на поранешната ДФ и СНП, во парламентарното мнозинство се и Движењето Европа сега на Спајиќ, Демократите, албанските национални партии и Бошњачката партија.

Тие имаат вкупно 54 од вкупно 81 пратеник, што е двотретинско мнозинство во Парламентот на Црна Гора.

Според Уставот, за промена на кој било член од Уставот, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, а за промена на државните симболи и службениот јазик, потребно е и организирање референдум.

На референдумот тие измени треба да ги поддржат три петини од запишаните во избирачкиот список, што е околу 325.000 граѓани.

На последниот попис, нешто помалку од 270.000 изјавиле дека зборуваат српски јазик.

Лидерите на просрпската ДФ претходно најавија дека ќе го воведат српскиот јазик како службен јазик „со минимален ангажман во парламентот“, но не објаснија како.

Коментирајќи ги најавите на просрпските партии, Дигиталниот форензички центар од Подгорица оцени дека „кампањата што веднаш ја почнаа полномошниците на српското влијание е насочена кон поларизација и дестабилизација на црногорското општество“.

„Отворањето на овие теми директно го загрозува европскиот пат на Црна Гора“, заклучува ДФЦ.

На пописот му претходеше кампања на просрпските и проруските сили и медиумите, кои ги повикаа граѓаните да се изјаснат како Срби.

Во кампањата се вклучи и патријархот на СПЦ (СПЦ) Порфирије, кој ги повика граѓаните да се идентификуваат како припадници на српскиот народ и верници на СПЦ кои зборуваат на српски јазик.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, постојано ја истакнува важноста на пописот за да се утврди бројот на Србите во Црна Гора.

Два дена по објавувањето, Вучиќ изнесе констатација дека резултатите од пописот се добра порака „за оние кои мислеа дека со брутални обиди можат да го оспорат правото на српскиот народ на идентитет и јазик“.

Резултатите покажаа и дека 6,9 отсто од жителите го сметаат босанскиот јазик за свој мајчин јазик, албанскиот 5,2 отсто, рускиот 2,3 отсто, српско-хрватскиот два отсто и хрватскиот 0,3 отсто.

Грција денеска и утре без бродски сообраќај поради штрајк на поморската федерација

Бродскиот сообраќај во земјата ќе биде во прекин, а главното барање на федерацијата е потпишување на нови колективни договори за работа за 2025 година, зголемени за 12 отсто. 

Бродовите и траектите во цела Грција денеска и утре ќе останат закотвени на пристаништата поради 48-часовниот штрајк на грчката поморска федерација што започна утрово, јави дописничката на МИА од Атина.

Бродскиот сообраќај во земјата ќе биде во прекин, а главното барање на федерацијата е потпишување на нови колективни договори за работа за 2025 година, зголемени за 12 отсто.

притисни ентер