Грција денеска и утре без бродски сообраќај поради штрајк на поморската федерација

Бродскиот сообраќај во земјата ќе биде во прекин, а главното барање на федерацијата е потпишување на нови колективни договори за работа за 2025 година, зголемени за 12 отсто. 

Бродовите и траектите во цела Грција денеска и утре ќе останат закотвени на пристаништата поради 48-часовниот штрајк на грчката поморска федерација што започна утрово, јави дописничката на МИА од Атина.

Бродскиот сообраќај во земјата ќе биде во прекин, а главното барање на федерацијата е потпишување на нови колективни договори за работа за 2025 година, зголемени за 12 отсто.

Северна Кореја негира дека испратила војници во Русија за војната во Украина

Северна Кореја синоќа ги негираше информациите дека и обезбедува војници на Русија кои би можеле да се употребат во конфликтот во Украина.

Постојаниот претставник на Пјонгјанг во Обединетите нации го опиша тврдењето на Сеул како „неоснована гласина“.

-Што се однесува до таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не смета дека е потребно да ги коментира овие неосновани тенденциозни гласини, изјави севернокорејскиот претставник на седницата на Генералното собрание на ОН одржана доцна синоќа во Њујорк.

„Тврдењата на Сеул „се насочени кон оцрнување на имиџот на Демократска Народна Република Кореја и поткопување на легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу две суверени држави“, додаде тој.

Претходно вчера, Јужна Кореја го повика рускиот амбасадор во Сеул за да побара „итно“ повлекување на трупите за кои вели дека биле испратени од Пјонгјанг за да ја поддржат Москва во нејзината војна против Украина, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Околу 1.500 севернокорејски војници од специјалните сили веќе се во Русија на аклиматизација и се очекува наскоро да одат на фронтот, соопшти во петокот јужнокорејското разузнавање. Според него, се очекува да бидат испратени вкупно околу 12.000 војници.

Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, исто така, објави детални сателитски снимки за кои рече дека го покажуваат првото распоредување на севернокорејски трупи. Јужнокорејските медиуми објавија дека Сеул размислува да испрати делегација од воено разузнавачки претставници во Украина за да го надгледуваат распоредувањето на севернокорејските сили.

Јужна Кореја и САД долго време тврдат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун испраќал оружје во Русија за употреба во Украина.

Потрага по исчезнат стружанец во реонот на селото Брчево

Шеесетгодишен жител од Струга е пријавен за исчезнат во реонот на селото Брчево, информира Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид.

Според информацијата, нивна три члена екипа и водич на куче за пребарување од здружението „Куче спасител“ од Охрид, во координација со Струшката полиција, од утрово се на терен во обид да се лоцира исчезнатото лице.

- Во текот на вчерашниот ден, доцна попладне во 18 часот и 38 минути оперативниот центар на Планинската спасителна служба беше алармиран од МВР секторот за потраги по исчезнати лица, дека во реонот на село Брчево, исчезнат е жител на Струга (60 годишна возраст), со потекло од селото, кој претходниот ден се упатил да собира шумски плодови и до 16 часот и 30 минути (според соседите од селото) не се вратил во својата викенд куќа, соопшти Планинската спасителна служба.

Суд Кавадарци: Собрание на доверители донесе одлуки за продажба на подвижен имот на Фени

Собрание на доверители донесе одлуки за продажба на подвижен имот од стечајна маса на поранешно ,,Фени".

Собрание на доверители донесе одлуки за продажба на подвижен имот од стечајна маса на поранешно ,,Фени", оваа информација денеска ја потврдија од Основен суд Кавадарци за МИА.

- На седницата одржана вчера во рамките на отворената стечајна постапка над должникот Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги Еуроникел индустри ДОО с. Возарци Кавадарци - во стечај, присуствуваа доверители со утврдени и признати побарувања во износ од 58.414 проценти, информираа од Судот.

На дневен ред биле неколку точки, за продажба на имот од стечајната маса, меѓу кој и резервни делови, разна руда од Брег на Слонова коска, Албанија, Гватемала, цврсти горива како лигнит од Индонезија, Колубара, камен јаглен од Русија. За некои од пакетите за продажба, немало заинтересирани за понудите. Била спроведена електронска аукција.

Се прифатила понуда за купување на инвентар и лабораторија со проценета вредност од 14.143.567,00 денари, а со понуда во износ од 8.305.200,00 денари или 58,72 отсто од проценетата вредност. Се прифатила и таа понуда за продажба на магацински простор со проценета вредност од 43.492.742,00 денари а со понуда во износ од 13.534.400,00 денари или 31,11 отсто од проценетата вредност. На седницата биле прифатени и понудите за продажба на магацински простор со резервни делови,со проценета вредност од 371.852.869,00 денари а со понуда во износ од 75.669.600,00 денари или 20,34 проценти од проценетата вредност, како и таа за разна руда со проценета вредност од 16.513.455,00 денари а со понуда во износ од 11.300.000,00 денари или 68,42 проценти од проценетата вредност и таа за цврсти горива со проценета вредност од 11.484.450,00 денари а со понуда во износ од 7.900.000,00 денари или 68,78 отсто од проценетата вредност.

- Согласно одредбата од чл.49 од Законот за стечај, доверителите имаат право да предложат укинување на одлука донесена од Собрание на доверители и тоа во рок од осум дена, посочија од Судот.

Од Судот потсетија дека седницата ја следеа и доверители што имаат свои утврдени побарувања, меѓу кои и транспортерите на руда.

Вчера протестираа транспортери кои своевремено возеа руда за комбинатот, барајќи над два милиона евра за транспортот и изразувајќи незадоволство што, како што рекоа, имот проценет за над десет милиони евра, се огласил за продажба за околу 2.3 милиона евра.

притисни ентер